Кампања ( се се врти околу стилот)


ЛЕЈЛА САБИТ

Модна, политичка, претседателска, еколошка, за здравје, повеќе за озборување и плукање отколку за подигање на свеста, разумот или стилот.

Некогаш со цел, некогаш без крај, ви ги разубавува или ви ги загорчува животот, работата и кафе муабетите.

Бела, црна, шарена, дискретна, нападна, културна, валкана, сериозна, несериозна, скапа, евтина, со порака, за сеир, за патриоти, за идиоти, за зависници од брендови, за пријатели, за инает на непријатели…

Како жена, сакана или омразена, се се врти околу неа. Можеш да бидеш за, можеш да бидеш против, можеш да ја игнорираш, ама ви нема спас.

Кратка или долга, добива призвук  на сапуница или на трилер, на комедија и на трагедија, со победници, со губитници, со ѕвезди, дебитанти и понекоја старлета, мангупи и фолиранти.

Некој режира, некој финансира, некој игра главна улога, некој статира, некој е во публика, некој оценува, некој е во жири, некој е професионалец, а некој аматер.

Некому кампањата ќе му донесе слава, некому функција, некому власт, некому пари, некому пријатели, а најчесто непријатели.

За некого е нешто неважно, за некого се битно, за некого егзистенција, за некого престиж, а за некого само да се слика и да го има на ТВ и по социјалните мрежи.

Некоја ќе доживее овации, некоја ќе добие аплаузи, а некоја ќе биде исвиркана.

Кампањите како и филмовите се сведоштво на едно време, често си велиме: се сеќаваш ли на Доли Бел?

Кој учествувал знае, кој допрва почнува, ќе дознае.

За време на кампања, ве демнат опасности и многу непознати.

Или ќе ве однесе до врв или на дно.

Ќе стигнеме до крајот или пак од почеток?

Во Европа или заглавени на Балканот?

Добредојдовте во Македонија, која не трпи критика ниту за кампања ниту за стил!