Камионџиите излегуваат на протест против поголемата акциза


Камионџиите во вторник ќе протестираат против дополнителната акциза од три денари за литар гориво, што беше воведена минатата недела. Како што соопштија во понеделник попладнето од Групацијата на транспортни превозници „Макамтранс“ на нивниот фејсбук профил протестот ќе почне во 12 часот.

„Врз основа на одобрение на Министерството за внатрешни работи кое го добивме денеска, протестот кој е закажан за утре- вторник 28.04.2020 година со почеток во 12:00 часот ќе се одржи“, велат од „Макамтранс“.

Секој кој е во возило мора да има маска и ракавици и да ја носи дозволата добиена од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.

Протестот е во период кога нема полициски час па за сите други кои немаат ДСЗИ дозвола, нема потреба да носат специјална дозвола издадена од работодавач, соопштија од „Макамтранс“. Возачите на возилата, како што се нагласува, не смеат да излегуваат надвор од возилата.

Камионџиите се жалат дека поради зголемената акциза се доведува во прашање нивното работење. Тие бараат укинување на Уредбата за зголемување на акцизата и наместо неа да се воведе прогресивен данок на доход за сите стопански и нестопански дејности.