Камерите во Зоолошка не работеле, нема увид кој им се доближувал на угинатите коњи


Трите монголски коњи што угинаа во скопска Зоолошка градина, според сите сомневања се отруени, но не од храната што им била давана изминатите недели. Тоа се покажало од досегашните испитувања, така што сега се чека наод од обдукцијата и токсиколошката анализа за да се покаже дали животните биле намерно отруени, како што пријавил вработениот кој алармираше прв за несреќата. Кој се имал пристап до животните тешко ќе се утврди бидејќи неофицијално камерите во Зоолошката градина – не работеле.   
 
Коњите  ЗОО Скопје ги добила како донација пред 12 години од страна на приватна компанија од странство, но освен донаторите нивното угинување ги вознемири и граѓаните, уште повеќе што, ако се покаже дека се жртви на труење, тоа значи дека може да има уште вакви случаи кои ќе се надоврзат на негативниот имиџ што се создаде за Зоолошката градина по угинувањето на жирафата од саломонела и по одземањето на нејзиниот статус  членка на Европската асоцијација на зоолошки градини и аквариуми (ЕАЗА). Тоа пак ќе го отвори и прашањето – дали сега е на ред оваа институција за создавање криза против Данела Арсовска, откако претходно имаше превирања во скопски Водовод, во ЈСП и во Комунална хигиена и дали животните ќе станат жртва на меѓупартиски препукувања – директно, или индиректно со нарушувањето на финансиското работење на оваа институција и на условите во неа.
 
 В.д. директорот на зоолошката, Зоран Попов за ,,Фокус” на прашањето кој и зошто би ги отрул овие животни рекол дека на тоа прашање не може да одговори во моментот, но полицијата постапувала по пријавата.
 
-Направена е обдукција и се чекаат официјални резултати. Веднаш по добиените резултати јавноста ќе биде информирана – рекол Попов.

 

Извори на ,,Фокус” од ЗОО Скопје велат дека коњите биле со добро здравје и никој не очекувал вакво нешто.

-Цели 12 години, откако коњите се во зоолошката, не се случило ниту еднаш да се разболат. Во саботата едниот коњ падна, се притрча да му се пружи помош, набргу падна и другиот. Немаа пена на устата, што вообичаено се случува при труење на животни, но сепак знаеме дека постојат и отрови од кои не им излегува пена на затруените животни. Ова е страшен настан и не знаеме кој би бил мотивот за вакво ѕверство. Можеме само да претпоставуваме, посочил извор на „Фокус“.

За време на мандатите на секој еден директор во изминатите деценија и повеќе се случувале немили настани во зоолошката, од убивањето на неколку срни чии глави беа отсечени до   пуштањето на животни надвор од своите живеалишта, при што секој директор се соочил со некоја ситуација за која бнемало објаснувања. 

-Починатите коњи кои беа однесени на обдукција изгледаа како здрави животни, немаа никаков траг од болест и изнемоштеност, открива овој извор. Додава дека до пред неколку години грижата на Град Скопје за Зоолошката била очигледна, се  одвојувале доволно финансии и се работело транспарентно, па имало и останати пари на сметката. Според неофицијални информации, превирањата во Град Скопје сега се одразуваат и на работењето на Зоолошката која пари има на хартија, но дали ги добила на сметката и колку – е друго прашање. Неофицијално, според извори од Советот на Град Скопје, за годинава скопската ЗОО добила пари само колку да си ја плати сметката за струја (околу 30.000 евра) наспроти претходните години кога добивала до 500.000 евра.

-Не може, а да не се забележат промените кои се случуваат овде последниве години. Низа на негативни настани на штета на животните. Лани ова време имавме 12 заклани коњи, потоа од салмонела почина жирафата Каспер, случувања околу кандидатскиот статус за членка на Европската асоцијација на зоолошки градини и аквариуми (ЕАЗА), за кој јавноста уште не знае дали е изгубен или не… премногу лоши вести од една институција, која не така одамна беше  позитивен пример за добро работење и за посветена грижа за животните во голем број на светски медиуми – откриваат вработени во Зоолошката за ,,Фокус”.

Инаку станува збор за збор за диви коњи, кои се многу ретки во светот. Бројноста во дивината им е проценета на околу 300 единки, а пак во заробеништво според податоци од почетокот на 1990 година, живееле само околу 1.500 единки.