По само неколку месеци, Оркестарот повторно со свое гостување надвор од Македонија. Виена, како еден од најзначајните музички центри во светот, ќе биде домаќин на НУ Камерен Оркестар на Битола, кој со своето гостување ќе внесе дух на македонската музичка традиција во престолнината на класичната музика.

„Настанот ќе биде единствена можност за љубителите на музиката да уживаат во македонските евергрини, изведени од врвни македонски музичари во комбинација со елеганцијата и величественоста на виенската сцена“, велат организаторите.

По повод одбележувањето на 33 годишнината од независноста на Република Македонија, НУ Камерен Оркестар на Битола во Виена ќе се претстави со проектот „Македонски евергрини и повеќе“, на кој ќе настапат Ирена Крстеска, која е дел од Штац опера во Виена, џез-поп пејачката Агни Авшар и пејачот и композитор  Ристо Самарџиев, под диригентска палка на Владимир Димовски.

Концертот ќе се одржи на 9 септември, во 19 часот, во просториите на Црквата Св. Ана, во Виена, Австрија.