Камбовски: Во Македонија се оди во затвор со рулет
Правдата се фокусира само на мала група: 1.204 лица се затворени за сообраќајќи, наспроти само 22 за јавни набавки и 147 за корупција, вели Камбовски
Со новиот Кривичен закон ќе се препорачува парична казна место една година затвор, а казна од 6 месеци затвор нема да постои – најави денес академик Владо Камбовски, кој е дел од работната група која го изработува законот.
Тој извести дека работната група во потесен состав го исчистила текстот, дека тој е доставен до целата работна група и до Блупринт групата да дадат свои забелешки и потоа официјално ќе биде предаден на Министерството за правда за понатамошно постапување. Тој не одговори дали намалувањето на казните согласно последните измени на Кривичниот законик останува и во новиот, посочувајќи дека конкретно за злоупотреба на службена положба се внесени повеќе дела.
„Дали се истите или не, не можам да кажам во моментот, бидејќи таму се направени казнени рамки кои се усогласувани за повеќе дела. Во јавноста е најинтересен членот ‘злоупотребата на службената положба’ како едно дело. Точно е, постои тоа дело во главата на кривични дела против службената должност, но постојат и редица други дела за злоупотреба на службената положба кои се во некои други глави. Да речеме, злоупотреба при незаконито вршење на претрес, присилба и така натаму, каде што, исто така, се пропишани соодветни казни“, вели тој.
Како што дополни, настојуваат да дојде до усогласување казните предвидени за посебните дела на службените лица и злоупотребата на службена должност како едно општо, но и супсидијарно дело.
„Изрично е нагласено дека за злоупотреба на службена должност на службено или одговорно лице, треба да се гони ако не се исполнети обележјата на некое друго кривично дело. Ако некој некого незаконито лишил од слобода, нема да се гони за злоупотреба на службена должност, туку ќе се гони за тоа посебно дело. Тоа е тоа усогласување“, дополни тој.
Во врска со прашањето дали треба да се изземе амнестијата по барање на претседателот на државата, тој одговори дека на тој дел работела посебна комисија во подготовка на Законот за помилување и нивниот став е дека прво треба да има правосилна пресуда, па потоа претседателот да одлучува.
„За тоа работеше посебна комисија во подготовка на Законот за помилување и нивниот став е дека треба да биде завршена кривичната постапка со правосилна пресуда за потоа претседателот да реши. Бидејќи искуството ни покажа дека во рани фази помилувањето кое значеше аболиција од гонење на сторителот оставаше многу сомнежи. На крајот од краиштата, дури, да речеме од аспект на тоа лице кое е аболирано, останува сомнежот дека е аболиран како криминалец“, рече тој.
Според академикот, како што рече „незгодна практика што ни се случи со поранешните случаи на помилување“ води кон овој, според него, исправен и разумен предлог.
„Нека падне правосилна пресуда, па потоа ќе се реши дали ќе има помилување со причини определени со закон“, нагласи Камбовски.
Во дебатата потоа, што ја организираше Македонското пенолошко друштво, Камбовски изрази длабока разочараност од состојбата со правната држава. Според него, кај нас во Македонија не функционира системот на казни и по принципот на рулет некои се во затвор, а некои не. „Нашите обиди да излеземе од таа ситуација не дадоа резултат, а обвинителството доживеа целосен колапс“, рече тој илустрирајќи го тоа со бројот на затвореници во моментов и делата за кои лежат во затвор. Па, така, посочи дека од цела маса на неоткриен криминал фокусот е само на 5 отсто граѓани и врз нив се практикува правдата, илустрирајќи го тоа со бројката од 1.204 затворени за сообраќајќи – наспроти само 22 за јавни набавки и 147 за корупција.
„Практично, имаме функционирање на правдата на периферијата, на улицата, ќе ве начека полицаец и ќе ве казни… Нема правда за системската корупција, за урбаната и други мафии. Сме ги избрале првите да бидат симбол на нашата борба против неправото, па да им обезбедиме барем пристојни услови во затвор, а не истите како пред 50 години“, рече Камбовски.
Тој ја наметна и дилемата дали некогаш е дозволена помала неправда за да се постигне поголема правда, посочувајќи пред сѐ на затворањето на градоначалникот на Гостивар и лице од Тетово во 1998 година и на амнестијата во 2001 година, која требало да доведе до мир во општеството и до поголема интергација, што се постигна. Сепак, тој оцени дека право е само она што служи на правдата и дека имаме закони што не ѝ служат, забележувајќи им на досегашните одлуки за амнестии што биле правени без, како во другите земји, да се наведат таксативно лицата и делата, туку оделе прешироко ставајќи ги во тешка ситуација судиите да решаваат кој да биде ослободен а кој не, па и некои неправедно да бидат привилегирани за ист криминал во однос на други, мислејќи на 27 април.
„Јас како министер за правда тогаш ја предложив амнестијата во 1998 година. Да го тестираме тој закон сега од аспект на правото и правдата. Во нашите затвори имаше двајца политички затвореници, градоначалник на Гостивар поради истакнувањето на знаме и лице од Тетово заради настаните со универзитетот и цела Европа се крена на нозе дека држиме политички затвореници и дека не сме демократска земја. Се обидовме да го убедиме Глигоров да даде помилување, тој не сакаше, па остана решението за амнестија. Ама амнестија не може да се даде само на двајца, се разви дискусија, допре до затворениците, па тие организираа бунт во затворот и бараа и тие да бидат ослободени. Оттука дојде законот, не како изнудена реакција, а сега е прашањето дали беше праведен, дали служеше на социјалната стабилност и дали може да важи едно добро правило дека некогаш е дозволена помала неправда заради поголема правда. Тој резон победи и тој закон не доживеа сериозни критики, беше прецизен кој и за што се ослободува.
Следниот амнестија на која работев беше за настаните во 2001 година, но тој закон беше лош, неодреден, со формулација дека се ослободуваат лица за дела поврзани со конфликтот од 2001 година. Не беше прецизирано за кои дела, спротивно на правото начело дека законите треба да бидат одредени и прецизни. Истото се случи и во законот од 2018 година, каде ја имаме истата формулација дека се амнестираат лица за дела поврзани со настаните од Собранието од 27 април 2017 година, и потоа додава дека не се однесува на лицата кои се осомничени, обвинети и правосилно осудени за подготвување или органирање, за лица со прикриен идентитет… Значи, една флуидна одредба која практично го препушти жешкиот костен на судот. И со тоа, тој закон не беше вистински закон за аместија, затоа што немаше точна и прецизна одредба за кои кривични дела е. Судиите се најдоа во небрана ситуација затоа што законот привилегираше едни, а дискриминираше други. Овој закон не може да се смета за право, затоа што собраниската власт влета во судските сали и овозможи по слободно верување на судииите да ослободуваат едни, а други не, а одлучовачки момент беше политичкиот за тоа кој ќе биде ослободен. Мислам дека тие поуки законодавецот треба да ги извлече до крај и тоа да е последен акт кога на тој начин Собранието се вмеша во судската власт“, рече Камбовски. (С.Ј.)