Камбовски: Казните не се благи – ова е проблем на целото општество


Фото: Б. Грданоски

По неколкудневните протести, откако смртно настрада Фросина Кулакова од Неготино, која беше прегазена на пешачкио премин на „Партизанска“, а за возачот се откри дека бил осудуван за различни дела, но и упатен во казнено-поправен дом, претседателот на Судскиот совет Александар Камбовски вели дека имаме поголем општествен проблем, каде сите треба да се прашаме како се однесуваме. 

– Се работи за случај што ја потресе целата држава, сочувствуваме со семејството и не би сакал во вакви моменти на чувства коишто ги има кај сите граѓани да се носат некои избрзани одлуки или некои заклучоци да се изведуваат. Не се добри такви некои брзи промени да се прават во законот – вели Камбовски, по барањата на јавноста да се предвидат повисоки затворски казни за вакви злодела.

Појасни дека претходните случаи во кои бил осудуван младиот Васил Јованов, тој не ги знае,  „не знам кои биле доказите, каков бил настанот и не би се осудил да коментирам за судијката сѐ додека не го видам цел предмет“.

Камбовски вели дека би требало да се разговара и со судијката и да се види кои се фактите во случајот, но дека сето тоа би одело во некоја предвидена процедура. Судскиот совет будно следи, но Камбовски вели дека тоа не значи дека ќе отворат или дека нема да отворат постапка против судијката. 

– Сите се залагаме за владеење на правото. Не познавам никој што се согласува со вакви состојби да ни се случуваат – додава Камбовски.

На прашањето дали казните за вакви дела се прениски, тој вели дека не смета дека се прениски, туку треба да се анализира праксата на судовите, дали често досудуваат минимални казни или не.

– Тоа е веќе казнена политика на судовите, која секако трпи промени, а казната која ја предвидел законодавецот е најмалку 4 години, значи може да оди до максимумот којшто законот го предвидел, а тоа е 20 години. Така што не е баш блага казна. Сега за кои казни судовите се определуваат, за тоа ни недостасува анализа официјална, за да видиме дали вистина секогаш се оди со поблаги казни. Сепак, ако мислиме дека ова со драконски казни ќе го решиме – ова нема да се реши. Ние имаме подлабок, поголем проблем. Не е ова проблем само на благи казни, не е ова проблем само на постапување на судовите, ова е проблем на целово општество. Треба сите ние да размислиме што правиме, ова да не се повторува  – додаде Камбовски.

За борбата против корупцијата во судството, за која сите се залагаат, Камбовски смета дека за тоа има процедура и дека не се тие оние кои треба да кажат дали некој е корумпиран или не.

– Тоа се комплицирани случаи, кои во суштина треба некој друг да ги води во државава, а тоа е Јавното обвинителство. Ние ја следиме работата на судовите. Секако ако добиеме сознание за таква некоја појава, секако ќе го препратиме до Јавното обвинителство. Не можеме ние да дадеме мислење во насока дали некој бил корумпиран или не. Судијата не е над другите луѓе или не е над законот. Тој е граѓанин како ние што сме. Доколку згрешил треба по законот да си одговара – додаде Камбовски, кој денеска учествуваше на сесија на Работната група 3 – Правосудство и основни права (Поглавје 23) во организација на Европското движење на тема „Патеки до интегритет и независност на правосудството: клучен предизвик во реформите за владеење на правото и борбата против корупцијата“.