Камбовски ги поддржа реформите во образованието, од ВМРО-ДПМНЕ бараат да се почека
Академик Владо Камбовски во денешното обраќање на јавната расправа даде поддршка на новата концепција за основно образование.Според него, оваа реформа е задоцнета затоа што Законот врз основа на кој се носи е донесен уште пред две години и затоа е неопходно да се донесе и концепцијата.

“Не смееме да го одложиме носењето на концепцијата. Не смееме да губиме години. Навремена е новата концепција и време е за соочување на ставовите. Сметам дека вакви слични дебати треба да имаме и за реформи во средното и за високото образование. Оваа реформи ќе треба да отвори расправа и затоа какво ни е предучилишното образовани и какво ни е средното образование”, истакна Камбовски.
Тој посочи дека наставните програми треба да ги следат националните стандарди, односно да се има план со кој ќе се прави мерење на достигнувањата на учениците.
“Главните протагонисти на целиот овој процес се наставниците. Дојде времето на учителот со големо У да стане главната фигура во образованието”, рече Камбовски.

Наспроти него, Весна Јаневска од ВМРО-ДПМНЕ, на јавната расправа во Собранието порача дека не смее да се донесе нова концепција за основното образование без да се направи стручна владина мултидисциплинарна анализа која ќе каже дали постои можност да има неуспех.
Таа порача концепцијата да биде повлечена, а при идни концепти препорача да се напушти начинот на интегрирање на предмети.
– Во вакви моменти кога се оспорува историјата не ли се изврши лоша проценка по последиците на националните интереси или пак е тенденциозен чин за други цели? Зошто Драги Ѓорѓиев е повикан да расправа за новата концепција во образованието? Дали не се поткопуваат националните позиции во време кога Красимир Каракачанов бара да ни се промени образованието, праша Јаневска.
Според неа, наставниците се изморени и измачени, а од септември им се најавува нова концепција, без да имаат најава дека некој воопшто ќе ги обучи.