Калвино и Вестагер во трка за шеф на Европската инвестициска банка

Вестагер ќе се бори за функцијата претседател на Европската инвестициска банка (ЕИБ) со шпанската министерка за економија Надија Калвино


Извршниот потпретседател на Европската комисија, Маргрете Вестагер, доби неплатено отсуство за користење за време на кампањата за функцијата претседателка на Европската инвестициска банка (ЕИБ), бидејќи данската влада официјално ја номинираше за таа функција.

Претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен одобри неплатено отсуство за извршниот потпретседател Вестагер, нагласувајќи дека „во тој период продолжуваат да се применуваат соодветните одредби од Договорот и Кодексот на однесување за членовите на Комисијата“, пренесе Хина.

За време на привремениот одмор, дел од должностите на потпретседателот Вестагер поврзани со координација на дигиталните политики ќе ги преземе потпретседателката Вера Јоурова, а политиката за пазарна конкуренција ќе ја преземе комесарот Дидие Рејндес.

Фон дер Лајен, исто така, одлучи потпретседателот Маргаритис Схинас да го преземе портфолиото на иновации и истражувања додека не биде назначен нов член на Комисијата од Бугарија на местото на Марија Габриел. Во меѓувреме пред надлежните комисии на Европскиот парламент беше сослушана кандидатката за таа функција Илијана Иванова.

Данката Маргрете Вестагер, која со години е задолжена за пазарната политика и се прослави со наметнување големи финансиски казни за дигиталните гиганти како Гугл и Епл, ќе се бори за функцијата претседател на ЕИБ со шпанската министерка за економија Надија Калвино.

Новиот претседател на ЕИБ ќе ја преземе функцијата во јануари 2024 година, а одлуката треба да ја донесат министрите за финансии на земјите членки кон средината на овој месец.