Калеска Ванчева повика на доверба во пописот


Снежана Калеска-Ванчева

Колку и да се спротивставуваме, знам дека никој нема дилема дека пописот ни е многу потребен, дајте еднаш да имаме малку повеќе доверба во нас, во нашите институции, во самите себе и да покажеме пред себе и пред светот дека сме кредибилни, изјави пратеничката на СДСМ Снежана Калеска Ванчева во емисијата „Клик плус“ на ТВ21.

Таа изрази уверување дека пописот ќе се одржи напролет, како статистичка, а не политичка операција.

-Ние мораме да ги повикаме граѓаните да се попишат, рече Калеска Ванчева, додавајќи дека законот за попис, кој се подготвува од март 2018 година е донесен, а пред да влезе во собраниска процедура во него беа вградени забелешки на опозицијата и беа активно вклучени и консултирани експерти, вели Калеска Ванчева.

Во врска со методологијата на спроведувањето на пописот, Калеска Ванчева нагласи дека тоа е подзаконски акт, кој се носи по донесувањето на законот за попис и не може да излегува надвор од законот, бидејќи е разработка на она што се пропишува во законот.

Во врска со невлегувањето на опозицијата на собраниска седница кога владечката коалиција нема присутен повеќе од 61 пратеник во салата, Калеска Ванчева порача дека ВМРО-ДПМНЕ прави тивок бојкот.

-Никогаш не сме рекле дека имаме 2/3 мнозинство, никаде нема парламент што е монолитетн, најчесто се составени од многу повеќе, а сега се соочуваме, со на моменти тивок, бојкот, а нормално е дека е отежнато во оваа ситуација, кога имаме пратеници во изолација, болни, во секој момент на отворање на седница да имаме кворум, рече Калеска Ванчева.

Според неа ваквото однесување е политички легитимно, но прашање е дали е етичко и дали е навистина парламентарна демократија недозволување да се дебатира, па дури и за точките на опозицијата. Таа притоа посочи дека пратениците од опозицијата се потпишуваат за присуство, па ја напуштаат салата.