Калас не ја ни спомна Македонија околу проширувањето

Шефицата на европската дипломатија, Каја Калас, не ја ни спомена Македонија зборувајќи по денешниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ. Таа ја претстави состојбата во сите земји кандидати, упати политичка порака до БиХ и до Србија, ги пофали Албанија и Црна Гора, го спомна и Косово, но ја прескокна целосно Македонија.
Како увод Калас кажа дека стабилноста и безбедноста на Западниот Балкан се суштински за ЕУ и дека ако се погледне картата на Европа, јасно е дека овој регион е дел од Европа. За Албанија и за Црна Гора рече дека прават добри чекори и добри реформи и дека се надева на позитивни приказни околу нив. На Србија ѝ прати порака дека евентуално учество на прославата на 9 Мај во Москва нема да биде дочекано лесно од Брисел, додека за БиХ рече дека е во уставна криза и дека секој обид да дојде до нејзин расцеп е неприфатлив за ЕУ.
Каја Калас само што се врати од турнеја низ Балканот, во која исто така ја прескокна Македонија. Во нашата земја досега не престојуваше ниту еврокомесарката за евроинтеграција Марта Кос, што е чудно кога станува збор за земја кандидат за членство во ЕУ. Сепак, претседателот на ЕУ, Антонио Кошта, најави дека во мај ќе ги посети шестте земји од Западен Балкан.
Инаку, поради трагедијата во Кочани беше одложен самитот за Планот за раст на Западен Балкан и никој се уште не знае дали тој воопшто ќе се случи во Македонија. Нашата држава сѐ повеќе паѓа во заборав во Брисел, а нашите функционери кои одат таму за да ја критикуваат ЕУ место да понудат решение не се веќе ни вест за протоколарно соопштение.