Какви прекршоци ќе „ловат“ новопоставените камери на улиците низ Скопје?


Фото: Б. Грданоски

Во Скопје интензивно се поставуваат камери на најфреквентните крстосници, улици и булевари со кои МВР ќе лови сообраќајни прекршоци.

Вчера доцна попладне такви камери се поставуваа на улицата „Васил Чакаларов“, која ја поврзува населбата Тафталиџе со населбите Влае и Ѓорче Петров.

Станува збор за надградување на проектот „Безбеден град“, кој има за цел да ја зголеми безбедноста во сообраќајот.

Камери во сообраќај – (Фото: Б. Грданоски-

За ова да профункционира потребни ќе бидат законски измени, но она што досега е познато е дека во иднина со овие камери ќе се казнува за брзо возење и поминување на црвено, а се прават напори да се казнува и за неносење појаси, лошо и опасно престројување и непрописно паркирање на коловозните ленти.

Покрај Скопје, ваков модел треба да се инсталира и во Тетово и Куманово, но и на одредени делници од автопатот Скопје – Гевгелија.

Инаку, овој проект имаше своја проба пред неколку денови кога за само два часа тестирање на системот биле забележани околу 5.000 сообраќајни прекршоци.