Каква оцена ѝ даде ЕК на македонската економија

„Одреден напредок“ за економските критериуми, „добро ниво“ за развој на функционална пазарна економија. ЕК препорачува повеќе активности за земјата да се приближи до критериумите на ЕУ, но и за развојот на зедничкиот регионален пазар


Претседателката фон дер Лајен и еврокомесарот Вархеи рекоа дека отворањето на регионалниот пазар ќе го зголеми БДП на земјите од регионот за 10 отсто, а нивното вклучување во единствениот пазар на ЕУ за една деценија ќе ги удвои економските придобивки

 

Во однос на економските критериуми, Европската комисија во повеќето области ја оцени Северна Македонија со оцената за постигнат „одреден напредок“, но и со „добро ниво“ на подготовка на развојот на функционална пазарна економија, а исто така смета дека во наредниот период потребни се повеќе активности за да се приближи до критериумите на ЕУ, но и за развојот на зедничкиот регионален пазар.

Ова е особено важно, бидејќи, како што посочија на прес конференцијата претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи, кои зборуваа за Планот за развој на земјите од Западен Балкан, само отворањето на регионалниот пазар ќе го зголеми БДП на земјите од регионот за десет отсто, а нивното вклучување во единствениот пазар на ЕУ за една деценија ќе ги удвои економските придобивки.

Констатациите за „одреден напредок“ во Извештајот посветен за Македонија и за добро ниво на подготовка се однесуваат на развојот на функционална пазарна економија. ЕК констатира дека земјата беше тешко погодена од последиците од руската воена агресија против Украина, што значително го забави нејзиното закрепнување по КОВИД-19.

„Владата ги поддржа домаќинствата и бизнисите преку големи енергетски субвенции, даночни намалувања и насочена директна поддршка на приходите. Поради зголемувањето на даночните приходи поттикнати од инфлацијата и недоволното извршување на неколку категории расходи, дефицитот на општата влада остана под ревидираната цел. Капиталните расходи беа значително зголемени, но сепак не беа во однос на ревидираниот план“, се вели во Извештајот на ЕК за напредокот на нашата земја, во кој исто така се додава дека соодносот на јавниот долг падна, но останува значително над нивото пред КОВИД-19.

Исто така се вели дека дефицитот на тековната сметка значително се зголеми како што се зголемија цените на увозот на енергија, но потребите за надворешно финансирање беа задоволени со помош на пазарно задолжување и задолжување од ММФ.

„Законот за органски буџетусвоен во септември 2022 година предвидува воведување фискални правила и фискален совет, со што се зајакнува фискалната одржливост. Сепак, напредокот е бавен во спроведувањето на пошироки мерки за подобрување на управувањето со јавните инвестиции, од витално значење за поткрепување на плановите на владата за значително зголемување на капиталните расходи“, се нотира во извештајот.

Во однос на банкарскиот сектор констатацијата е дека бил отпорен во текот на кризите, додека пазарот на трудот покажа одредено подобрување, но структурните проблеми опстојуваат, вклучително и високата младинска и долгорочна невработеност и големиот јаз меѓу половите.

„Деловното опкружување продолжи да биде попречено од големата големина на неформалната економија, бавниот напредок во рационализацијата на парафискалните давачки и нетранспарентниот и неефикасен режим на државна помош“, се вели во извештајот.

Оцената за „одреден напредок“ и „умерено подготвена“ се однесува и на способноста на земјата да се справи со конкурентскиот притисок и пазарните сили во ЕУ.

ЕК констатира дека интеграцијата со ЕУ во трговијата и инвестициите остана на високо ниво во 2022 година, како и дека учеството на производи со висока вредност во извозот дополнително се зголеми и трговската отвореност се искачи на рекордно високо ниво.

Постигнат е дополнителен напредок во подобрувањето на стручното образование, но големиот недостиг на вештини и понатаму е во однос на потребите на пазарот на труд, што повлекува долга транзиција од училиште до работа, се вели во извештајот.

„Овие, заедно со големите празнини во транспортната и енергетската инфраструктура, ниските инвестиции и ниското финансирање за иновации, го ограничуваат потенцијалниот раст. Дигитализацијата на економијата напредува, но конкурентноста на домашните бизниси може да се подобри преку поширока понуда на јавни е-услуги“, констатира ЕК.

Што се однесува до нејзината способност да ги преземе обврските од членството, Северна Македонија е умерено подготвена во повеќето области опфатени со кластерот 2 на внатрешниот пазар, односно слободното движење на стоки, услуги и капитал, интелектуална сопственост, политика на конкуренција, финансиски услуги и заштита на потрошувачите и здравјето.

Како што се посочува во извештајот, земјата постигна добро ниво на подготовка за правото на трговски друштва, иако сè уште е во рана фаза за слободата на движење на работниците. Исто така постигнат е добар напредок во слободното движење на капиталот и одреден напредок во однос на финансиските услуги и заштитата на потрошувачите и здравјето. Ограничен напредок има кај слободното движење на стоки, правата на основање за давање услуги, додека не е постигнат напредок во однос на правото на трговски друштва, правото на интелектуална сопственост и политиката за конкуренција и слободата на движење на работниците.

„Севкупно, потребен е поголем напредок во наредната година во областите опфатени со овој кластер, за да се вклучат подготовките на Северна Македонија за исполнување на барањата на внатрешниот пазар на ЕУ. Работата на овој кластер е многу релевантна за развојот на Заедничкиот регионален пазар“, нагласува Европската комисија во Извештајот посветен за нашата земја.

И во однос на области опфатени со кластерот 3 за конкурентност и инклузивен раст, вклучително и дигитална трансформација и медиуми, оданочување, социјална политика и вработување, како и политика на претпријатија и индустриски претпријатија, зедмјата е умерено подготвена, а помеѓу умерено и добро ниво на подготовка има во областа на економската и монетарната политика. Има добро ниво на подготовка во областите на науката и истражувањето и царинската унија, додека одреден напредок има во однос на оданочувањето, економската и монетарната политика, претпријатијата и индустриската политика, политиката за наука и истражување, социјалната политика и вработувањето.

„Сепак, потребни се повеќе напори, особено во областите каде што е постигнат ограничен напредок, како што се дигиталната трансформација и медиумите, царинската унија и образованието и културата“, се вели во извештајот.

Во однос на кластерот 4, односно зелената агенда и одржливото поврзување, во извештајот се вели дека нашата земја има добро ниво на подготовка за трансевропските мрежи и одредено ниво на подготовка за животната средина и климатските промени. Земјата е умерено подготвена за транспортната и енергетската политика со одреден напредок во енергетиката, особено во однос на регионалните гасни интерконекции и за обновливите извори на енергија. Суштински напори се потребни во области каде што е постигнат ограничен напредок, како што се транспортот, трансевропските мрежи и заштитата на животната средина. Во наредниот период, земјата треба да го забрза спроведувањето на Економскиот и инвестицискиот план и на Зелената агенда за Западен Балкан.

Умерено ниво на подготвеност има и кај повеќето области од кластерот 5 за ресурси, земјоделство и кохезија. Како што се посочува во извештајот, добро ниво на подготовка има кај безбедност на храната, ветеринарна и фитосанитарна политика и е во рана фаза на подготовка во финансиските и буџетските одредби. Во периодот на известување, постигнат е одреден напредок во земјоделството и руралниот развој, рибарството и безбедноста на храната, ветеринарната и фитосанитарната политика. Сепак, како што се нагласува, потребни се дополнителни напори, особено во областите каде што е постигнат ограничен или никаков напредок, како што се регионалната политика и координацијата на структурните инструменти и финансиските и буџетските одредби.

Во врска со регионалната соработка, земјата одржува добри односи со другите земји од проширувањето и го продолжи својот ангажман во регионалните иницијативи, се вели во извештајот.

Покрај овие оцени и препораки во извештајот за напредокот на нашата земја, во делот на економијата, од посебно значење се и пораките од заедничката прес конференција на претседателката фон дер Лајен и еврокомесарот Вархеи, кој што се однесува на Планот за економски раст на земјите од Западен Балкан.

Како што посочи фон дер Лајен, станува збор за „нешто исклучително“, а Вархеи прецизира предлогот е да се зголеми финансиската поддршката за спроведување на реформите за дополнителни 6 милијарди евра, така што вкупната помош за земјите од регионот до крајот на овој повеќегодишен циклус ќе биде на ниво на она што се дава на земјите во ЕУ на патот на кохезија.

„Тоа би значело дека ќе треба да се зголеми нивниот БДП за една третина и тоа ќе значи голем поттик за регионот, кој е потребен и на нив и на нас“, рече Вархеи.

Зборувајќи за Планот за раст, тој посочи дека ЕК не само што излезе со извештаите за напредокот на земјите што се прави секоја година, туку изнесуваме и еден многу важен сигнал чија цел е да се забрза процесот на проширување.

Според него овој план „ќе го катализира напредокот“ и ќе ја затвори нееднаквоста која што постои меѓу Западен Балкан и ЕУ на подрачјето на социјални и економски прашања, како и дека ќе овозможи порана интеграција на земјите од Западен Балкан, пред тие де факто да се приклучат кон ЕУ.

„Секогаш зборуваме какви се нашите институциски задачи, а сега ќе зборуваме за вистинска интеграција, на кој начин ќе ја забрзаме интеграцијата на стопанствата, општествата и државите“, рече Вархеи, нагласувајќи дека тоа донесува вистински предности за двете страни. Фактички, со планот треба на земјите од Западен Балкан да им се овозможи да ги почувствуваат придобивките од ЕУ пред нивното формално пристапување, кое што во голема мера е политичка одлука.

Вархеи зборуваше за четири аспекти кои што се опфатени во овој процес на интеграција на оние партнери од Западен Балкан кои тоа го сакаат, имајќи ги во предвид сите прописи и правила и за што, како што нагласи, ЕУ е подготвена да им помогне и да ги стави на располагање сите потребни средства.

„Но, за возврат од нив ќе бараме едните кон другите да се однесуваат како што се однесуваат кон нас“, рече Вархеи, посочувајќи дека станува збор за интегрирање на четирите слободи. Вториот клучен столб е да се помогне да се забрза процесот на реформи, а исто така ја нагласи и потребата од демократија која е клуч за секоја интеграција.

Трето, за земјите да се носат со социјалниот аспект и пазарот на ЕУ, на патот да ја затворат нееднаквоста, Унијата предлага да се зголеми финансиската поддршката за дополнителни 6 милијарди евра, така што вкупната помош која им се дава на земјите ќе биде на ниво на она што го добиваат земјите членки на патот на кохезија.

Запрашани за постоење концентрични кругови во ЕУ, доколку се продолжи процесот на проширување со нови земји членки, Вархеи рече дека она што се предлага денес треба да го забрза процесот на проширување врз основа систем заснован на заслуги.

„Нивните резултати се темел за напредок, а кога станува збор за институциска реформа на ЕУ, ако треба да одберам една порака, тоа е дека не постои условеност помеѓу проширувањето и институциските реформи и второ, ЕУ и со сегашните договори и правила е спремна за проширување, односно и би требало да можеме да примиме нови членки и врз основа на постојните договори“, појасни Вархеи, додавајќи дека секако секогаш може да се размислува за подобрување, „но не затоа да се прошириме, туку затоа што сакаме да се подобри ЕУ“.

„Тоа се две одвоени расправи, кои така треба и да останат“, рече Вархеи.

Претседателката фон дер Лајен, зборувајќи за брзината на проширувањето, рече дека тоа е Планот за раст со кој се прави нешто исклучително бидејќи, како што нагласи, од претходните проширувања е познато дека единствениот пазар овозможи голем скок на стандардот на живеење.

„И токму тоа сакаме да го постигнеме, сакаме да го отвориме пазарот во седум важни сектори за Западен Балкан од кои очекуваме меѓусебно да се отворат и да го отворат регионалниот пазар бидејќи само со тоа ќе го зголемат БДП за десет отсто, но со придружување кон единствениот пазар може да ги удвојат економските придобивки во текот на една деценија“, рече фон дер Лајен, додавајќи дека за тоа потребно е да се биде конкурентен.

„Ова е голем чекор напред што го преземаме сега, пред конечната одлука за придружување, и ја отвораме можноста за економски развој“, рече таа.