Како „Електрични оргазам“ и „Хаустор“ звучат 40 години подоцна : Магична филмска ноќ во Скопје


Фото: Б. Грданоски

Членовите на „Шарло Акробата“, „Електрични оргазам“ „Хаустор“, „Филм“ …и по 40 години се уште се млади во нашите срца, не остареле, а нивната музика се уште е тука меѓу нас, во нас, околу нас, единствена, енергична, откачена, не потсетува, на едно среќно и убаво време, кога сите бевме едно од Триглав до Вардар. Сето тоа раскажано од сведоците на тоа време- новинари, музички продуценти, дизајнери, дискографи…, и  склопено во документарец, со времетраење од 101 минута. Вечерва, на македонската премиера „Нов бран – 40 години подоцна“ („Novi val – 40 godina nakon“), под ѕвезденото небо во Карпош, во Кинотека, со доволен број пријатели и фанови додека во цело Скопје истураше дожд.

Никола Кнежевиќ, музичкиот уредник во „Кроација рекордс“, кој вечерва беше во улога на гостин, (а Иван Бечковиќ, супервизор на „Кроација рекордс“ во Македонија, негов домаќин), заедно со белградската новинарка Олга Кепчија (радио-водителка на Београд 202) го направи филмот по повод 40 години од излегувањето на албумот „Пакет аранжман“, едно од најзначајните музички изданија во поранешна Југославија, со кој се поврзува почетокот на движењето Нов бран. 

Во чест на јубилејот, „Кроација рекордс“ реиздаде на плоча уште три култни албуми од Новиот бран: „Бистрији или тупљи човек бива кад…“ на „Шарло акробата“ и истоимените деби албуми на „Хаустор“ и „Електрични оргазам“.

Кое е значењето на „Новиот бран“ на овие простори? 

„Новиот бран“ беше креативен блесок во тогашните монотони музички години, не копираше никого, беше единствен, импулсивен, за жал, краткотраен, но создаде цела култура, создаде нова уметност што се рефлектира не само во музиката, туку и во другите гранки.Младите во тоа време беа доволно луди, но во исто време толку брилијантни и интелигентни, што се спротивставија на она што се обидуваше да се направи тогаш, дури и кога се работеше за музиката. Им се свртивме на нови жанрови, нови музички трендови, но интересно е да се слушне и да се види дека „Новиот бран“ сѐ уште може да се слушне во денешните бендови. Сите се свесни дека „Новиот бран“ траеше премногу кратко, но сѐ што е добро, навистина кратко трае, ќе објасни Кнежевиќ.

Што значи за македонската поп-сцена „Кроација рекордс“?

– Тоа е нов, ширум отворен прозорец кон светот на музиката. Една голема можност. И не само за поп-сцената туку и за рок-сцената, етномузиката… „Кроација рекордс“ е најголемата дискографска куќа во регионот. Со една импозантна архива, која е длабока цели 70 години. Самиот факт дека некое издание ја носи етикетата на „Кроација рекордс“ значи дека зад него стои голем, сериозен и респектиран издавач. Изданијата, во секој поглед, можат да се носат рамо до рамо со изданијата најголемите светски дискографски куќи. И звучно и визуелно. Освен тоа, „Кроација рекордс“ е застапена на најзначајните дигитални платформи во светот, што значи дека секое издание или песна, освен како издание во форма на компакт-диск или винил, може да се купи и во дигитален формат бидејќи изданијата на „Кроација рекордс“ се присутни на дигиталните сервиси: Deezer, Spotify i iTunes. А токму симнувањето музика веќе долго години наназад е тренд што ја обзема планетава, вели Бечковиќ.

Кои македонски изведувачи се под капата на „Кроација рекордс“?

– Во богатата ризница на „Кроација рекордс“ се наоѓаат повеќе од илјада и петстотини песни од времето на поранешна Југославија. Од Есма и Стево Теодосиевски, преку „Мањифико“, ансамблот „Билјана“, дузина најзначајни македонски изведувачи на народна музика, до Љупка Димитровска, „Конкорд“ и нашата гордост бендот „Леб и сол“. Во периодот што го опфаќа 21 век, тука се: Влатко Стефановски, Гаро и браќата Тавитјан и „Љубојна“, која за „Кроација рекордс“  објави колекција составена од најголемите хитови, објаснува Бечковиќ.

„Деновите на Кроација рекордс“ во Скопје продолжуваат утре со  првата промоција во Скопје по цели 30 години, на која ќе  биде претставена нивната актуелна винилна програма  – винилите од „Нови вал“, „Индекси – Модра ријека“…, како и компакт-дискот „Зафир пјева, Македонија пјева“, објавен лани за „Југотон Croatia Records“, но, поради короната не можеше да и биде претставен на јавноста. Во меѓувреме големиот поет, актер и музичар Зафир Хаџиманов почина, но остана аманетот албумот објавен на компакт-диск (винилот е од 1986 година), да биде промовиран во неговото Скопје. (Л.С.)

Фото: Б. Грданоски