Како трката по субвенции доведе до криза со лебот

Радикални мерки од типот прекин на испораките на леб не водат кон решавање на проблемот кој постои, туку само дополнително долеваат масло на огнот


Владата им наложи на пекарите да продаваат леб по замрзната цена и да произведуваат најмалку 80 отсто бел и полубел леб во однос на количеството производено во декември лани. Ваквиот експресен потег беше очекуван, откако минатите два дена рафтовите за леб во повеќето продавници осамнаа празни, по радикалната реакција на компаниите од мелничко-пекарската индустрија да го стопираат производството на овој производ. Иницијална каписла, пак за ова беше владината одлука за прекинување на субвенциите за струја и за замрзнување на цената на белиот и полубелиот леб, која пак, се донесе по големото незадоволство во јавноста заради состојбите со цените на основните прехранбени производи (меѓу нив и на лебот) на пазарот.

Каква ќе биде реакцијата на производителите на леб веројатно ќе биде познато уште денеска, но без оглед дали ќе ја прифатат одлуката на Владата, или пак ќе останат тврдо на ставот дека не можат да произведуваат по цена која им трупа загуби, проблемот е далеку од решен. Како во поглед на високите цени кои упорно опстојуваат, така и со ефикасноста на субвенциите кои се даваат и сѐ уште се даваат за да се ублажат последиците од ковид и од енергетската криза.

Покажувањето мускули и од страна на производителите и од страна на Владата не води кон суштинско надминување на состојбите, чија цел треба да е функционирање на пазарот и здрава конкуренција која ќе овозможи ниски цени на производите, и профити за компаниите, а не трка по субвенции и бенефиции.

Најновата одлука на Владата може да ги наполни рафтовите со леб, но ако ги натера компаниите да стават клуч на врата, тогаш проблемот само ќе се мултиплицира.

Замрзнувањето на цените уште еднаш се покажа дека како ефект има – празни рафтови. Така беше и пред неколку месеци кога се донесе слична одлука за основните производи и која од економските аналитичари беше оценета како популистичка и волунтаристичка која може да предизвика дестабилизација на пазарот, а не да ги реши проблемите на граѓаните, уште помалку на компаниите.

Потоа решение се побара во ограничување на висината на трговските маржи, кое им остави простор на производителите и на трговците да „дишат“ и да ги вградат во цените влезните трошоци. Но, според општиот впечаток на најголемиот дел од граѓаните, и да маниупилраат со високи цени кои немаат поткрепа со она што се случува на пазарот на енергенти и на намалување на цените на храната на светско ниво, кои се многу пониски од нивот во екот на кризата во летото минатата година.

Радикални мерки од типот прекин на испораките на леб не водат кон решавање на проблемот кој постои, туку само дополнително долеваат масло на огнот. А најмногу штета имаат обичните граѓани, особено најранливите на кои лебот им е основен прехранбен производ. Жално е што во битката да се докаже кој е во право и кој трпи поголеми штети, дали буџетот или пак производителите, овој факт не се зема воопшто предвид.

Показателите за работењето на компаниите од пекарската индустрија покажуваат дека 2022 година воопшто не била лоша за најголемиот број од нив. Приходите се зголемени, кај некои и профитите, а кај оние што покажувале загуба, таа е намалена.

Лебот веројатно е само врв на ледениот брег кој „плови“ низ македонската економија веќе подолго време и е резултат на искривувањето на пазарните законитости, на толерирањето на неуспешните компании, на гледањето низ прсти на оние кои избегнуваат да плаќаат даноци, или ги заобиколуваат прописите, како и на широкоградото давање субвенции и бенефиции и на оние на кои таква помош им е потребна, но и на други кои се „шлепаат“ на бранот на популизмот.

Таквата практика создаде многу компании кои постојано „плачат“ дека доколку државата не им помогне ќе ги затворат погоните и дека многу луѓе ќе останат на улица.

Веројатно исходот ќе беше поинаков, доколку фокусот одамна се ставеше на она што се подразбира под функционирање на правната држава и на битка против сивата економија, која го оштетува и Буџетот, поради тоа што не прибира доволно приходи со кои може да им се помага на компаниите и граѓаните (на оние на кои таквата помош навистина им е потребна), но прави и девијации на пазарот, оштетувајќи ги компаниите кои работат регуларно.

Веројатно во оваа констелација лежи и одговорот на прашањето зошто Македонија има толку скромен раст на домашниот бруто-производ во споредба со земјите од регионот и пошироко, а инфлацијата е меѓу највисоките, во услови кога (според констатација на Светска банка) пропорционално има издвоено најмногу средства за справување со кризата.

Во досегашната политика државата даваше помош главно линеарно, на компании од одредени дејности, или пак ја субвенционира струјата за сите категории граѓани, за малите производители и одредени дејности (меѓу кои и пекарската индустрија) давајќи буџетски средства на ЕСМ и ограничувајќи ја цената на струјата далеку под пазарната.

Затоа е големо незадоволството кај граѓаните од цените на производите во маркетите. Излегува дека истиот производ го плаќаат три пати – еднаш преку неговата цена, потоа преку даноците од кои се надоместуваат дотациите за ЕСМ, и трет пат преку нереално високите цени кои ги исппорачуваат производителите и трговците, што се гледа и по висината на инфлацијата во земјава.

Ова го потврдуваат и сознанијата од една студија која ги изучува ефектите на кризата со храна и енергија, а која што беше презентирана завчера. Во неа се разгледуваат глобалните економски движења, изложеноста на домашната економија, особено во однос на растот на цените, цените, како и показателите за сиромаштија и потрошувачка на домаќинствата, се разгледуваат владините мерки за справување со опасностите од прехранбената и енергетската криза…

Од студијата произлегува дека далеку поголеми биле ефектите врз сузбивање на енергетската криза отколку врз кризата со храната. А токму мерката за субвенционирање на цената на струјата за компаниите од прехранбената индустрија од ноември 2022 година беше поврзана со обврската овие компании да ги намалат цените на нивните финални производи, што заедно со некои замрзнати маржи кои сѐ уште важат и да доведе до намалување на малопродажните цени на храната почнувајќи од декември 2022 година.

Состојбата со цените во маркетите, за жал, не ги потврдува ваквите заложби.