Како тргна, ВМРО-ДПМНЕ ќе бара оставка и од Меркел


СЛОБОДАНКА ЈОВАНОВСКА

Зошто треба да падне македонската влада ако не сака да попушти пред притисоците и навредите на Бугарија? 

 

Среде преговори со Бугарија, ВМРО-ДПМНЕ бара оставка од премиерот Зоран Заев затоа што официјална Софија на првото скалило, министрите, ни стави вето на преговорите за членство со Унијата. Според нивната памет, по ветото што вчера го ставија Полска и Унгарија за условување на буџетот на ЕУ и милијардите помош за справување со последиците од короната кризата со владеење на правото, оставки треба да си дадат Ангела Меркел, Емануел Макрон и ред други премиери во ЕУ кои изгласаа ваков принцип во Унијата.

Ај што тајмингот е контрапродуктивен, бидејќи ќе ѝ наштети на земјата додека трае процесот во Брисел, туку потегот е и карикатурален од аспект на тоа кој бара и што бара, по две внатрешнополитички драми околу изборите во Македонија, што упорно ги бараат, па ги блокираат или бојкотираат. Од ваквата кампања на ВМРО-ДПМНЕ, која очигледно сака да профитира од ветото на Бугарија, станува јасно дека опозицијата не гледа шанса да дојде на власт преку избори, па упорно бара некој да ѝ даде власт на тацна.

Она што е најиритирачко во однос на политиката на ВМРО-ДПМНЕ е што секогаш кога Македонија ќе се најде во тешка ситуација околу преговорите – тие ѝ помагаат на другата страна, на таа што нѐ блокира. Не ги бранат македонските владини позиции, туку ги напаѓаат, како да македонската Влада е таа која бара промена на името на јазикот, негирање на народот и наметнување бугарски корени на нацијата. Со ваквото демонстрирање неединство околу позициите и со ваквото нишање на Владата кога не треба (а имаат фер шанса да одат на избори и да покажат дека имаат подобра понуда и подобра поддршка за тоа што го прават) тие практично ѝ праќаат сигнал на Софија дека власта ни е слаба и дека место на еден, мора да води борба на два фронта.

Идејата на ВМРО-ДПМНЕ очигледно е да искористи сѐ што има потенцијал за политичка криза и на таков начин да се врати во власта која не може да ја освои на регуларен начин. Практично откако постои оваа партија, поради ваквата партиска политика и практика, ние сме постојано во политичка криза и достигнавме врвови што не очекувавме дека некогаш ќе се случат, како диктатура, тепачки во Парламентот, обиди за убиство на пратеници и обид за државен удар. И сите тие драми се случуваа во време на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи оваа гарнитура сметаше дека треба вечно да владее и дека сите средства ја оправдуваат таа цел.

Сега, од аспект на партија која не исполни ниту една стратешка цел на Македонија, па и повеќе од тоа, нѐ скара со цел свет и ни ги прокоцка годините кога во ЕУ навистина делеа датуми за преговори и членства, бара одговорност што две години се бориме да добиеме датум за преговори, бидејќи во ЕУ баш не се расположени за таква авантура. Место да се покријат, па и да се извинат и да понесат историска одговорност за потрошеното време и шанси на Македонија, бараат одговорност што во еден мачен и сосема неизвесен процес Бугарија ѝ ставила вето на Македонија. И, како што два часа пред приемот во НАТО тврдеа дека не сме членка, така сега упорно ги девалвираат напорите за започнување преговорите со ЕУ, а по еден месец, два или најмногу три кога ќе издиши бугарското вето, како што падна и ветото на Емануел Макрон, ќе бараат нов изговор за нова неодговорност.

Затоа, колку и да ни треба силна опозициска партија, колку и да имаат вредност различните ставови и мислења, бидејќи ни ја јакнат преговарачката позиција, колку и да ни е слаба дипломатијата, ред е да и остават простор на Владата да го истера процесот за кој тие како власт,а сега опозиција, немаа ни волја, ни капацитет, ни стратегија, ни пријатели да го мрднат еден сантиметар, туку напротив не донесоа до провалија.

Најмалку, притоа, доликува во првите редови во барањата за оставки да биде екс-министерот за надворешни работи Антонијо Милошоски, по неговите пробугарски ставови и негирањето на македонскиот правопис, чии остварувања додека беше на функцијата резултираа само со негативни извештаи од ЕУ. По сите тие искуства, што очекува оваа опозициска партија – штом ќе тропне Македонија, од ЕУ веднаш да одговорат со преговори за членство? Помина тоа време кога такво нешто се случуваше, а ВМРО-ДПМНЕ го преспа, мислејќи дека ЕУ вечно ќе нѐ чека, бидејќи тогаш имаа попаметна работа од решавање на спорови и правење на реформи, односно се богатеа, прислушуваа, местеа избори, затвораа медиуми, присвојуваа фирми, градеа провокативни споменици, се караа со сите околу и со години се обидуваа да го сменат расположението во земјата од про-ЕУ во антиевропско. И што е најважно, на крај памет не им беше да даваат оставки кога ЕУ ни го враќаше процесот. Подобро е сега да бидат искрени и јавно да го прослават недобивањето датум, бидејќи барем јасно ќе се декларираат за што се.