Како трезвениот лекар Арбен Зибери свесно ја поткопа борбата против короната


ЉУПЧО ПОПОВСКИ

Директорот на Центарот за јавно здравје се фали дека успеал да издејствува отворање на границите без почитување на здравствените протоколи на СЗО за некои иселеници да се вратат од странство и да гласаат. Тоа е лицемерство поттикнато од политички опортунитет

 

Внукот Зибери наеднаш му ја искомпликува позицијата на чичкото Зибери. Откако во јавноста подолго време се појавуваше како трезвен глас во борбата против корона вирусот, директорот на Центарот за јавно здравје во Скопје, Арбен Зибери, наизглед без никаква причина ја премина границата меѓу лекарските коридори и влезе во политичката мешаница за изборите и си наштети и на својата репутација и на обидот на Насер Зибери да се претстави како кандидат Албанец за премиер на земјава.

Не е прв пат да се случува некој да ги преминува границите без да забележи. Но оваа ситуација е непријатна за Арбен Зибери. Никој не би смеел да има некаква забелешка на неговиот политички ангажман (секој може да се обиде во политиката, па и во вакви пандемиски услови), но да се обиде да печали поени во кампањата на начинот на којшто тоа го направи лекарот Зибери не е само дискутабилно, туку на одреден начин и профитерски.

Неговата објава на Фејсбук е со исклучително лоша порака: „Добредојдовте иселеници. Родното место ве чека. Сега можете да си дојдете дома без тестови и 14-дневна изолација, благодарение на нашиот придонес во здравствените политики на владата. Јас како член на Комисијата за заразни болести и другите членови помогнавме да се отворат границите и луѓето да се движат слободно без протоколите препорачани од СЗО. Зошто да не, дојдете дома за Албанец премиер“, си напиша самопофалба Зибери.

Македонските граѓани иселеници (без оглед од каква етничка припадност се) да дојдат дома за време на изборите, а тој (како што вели самиот) заедно со други членови на Комисијата за заразни болести, ете, инсистирале враќањето да биде без почитување на протоколите на Светската здравствена организација.

Неговата изјава не е само „политичка и несреќна“, како што рече министерот за здравство, Венко Филипче. Неговата изјава на одреден начин ја поткопува целата стратегија на здравствените власти (вклучувајќи го и директорот Зибери), кои од првиот ден од појавувањето на епидемијата милион пати повторуваа и апелираа дека сите граѓани мора да ги почитуваат препораките на Светската здравствена организација за да може да се справиме со злокобниот вирус.

И сега Зибери, само затоа што е втор на изборната листа на ДУИ во Првата изборна единица и за да си обезбеди политичка пропулзивност и подобра стартна позиција на Насер Зибери реши сето тоа да го фрли во Вардар. Како да ги немало сите тие препораки за кои зборуваше постојано и како да не ги гледа страшните бројки на новозаразени и починати предизвикани најмногу од неодговорното однесување на поединци.

Неговата изјава денеска (четврток) за „Фокус“ дека „министерот Филипче да престане да ја злоупотребува владината говорница за изборни препукувања. Јас сум кандидат за пратеник и имам право на мојот приватен Фејсбук профил да имам и политички ставови“ можеби изгледа исправна за него во политичката битка што ја води, но е лицемерна кога тврди дека се изборил да се отворат границите и иселениците да дојдат дома без почитување на здравствените протоколи. Не ја злоупотребува Филипче неговата функција кога најави дека ќе побара негова смена, туку Зибери, свесно или несвесно, го омаловажува целиот труд (па и својот) на илјадниците лекари и медицинскиот персонал. Исто така, Зибери не е во право кога вели дека „во ниту еден момент не ја злоупотребив институцијата која ја водам“. Затоа што, ако не бил на таа функција на којашто е сега, не би можел во Комисијата за заразни болести да притиска да се отворат границите и иселениците да влегуваат слободно во земјата без почитување на ниеден протокол.

Овој обид да се покаже како жесток борец од кандидатската листа на ДУИ може да биде и перфектен автогол. Хрватска денеска воведе 14-дневен карантин за македонските граѓани што ќе пристигнат во оваа земја, па прашање е дали оние иселеници кои имаат само македонски пасош и поминуваат со автомобил низ хрватска територија ќе си го стават времето во графата „луксуз“ и да поминат две недели затворени само за да дојдат да гласаат во Македонија. „Визер“ ќе ги обнови летовите дури на 13 јули, па „надобудниот“ кандидат за пратеник од ДУИ треба да пресмета колку авиони од Европа ќе стигнат во Скопје за два дена и со колку патници.

Политиката знае да трансформира некои луѓе преку ноќ. Така е и со лекарот Арбен Зибери, трезвениот глас во кризата, кој се претвори во ужасно нестрплив и невнимателен политичар во обид. Така, во еден миг го поткопа сето она што го направи во четирите месеци страшна епидемија. За што? За негово место во пратеничките клупи? Да ѝ помогне на ДУИ во неизвесната политичка битка меѓу албанските гласачи? Да му помогне на неговиот чичко Насер Зибери во обидот на интегративците да го претстават како албански кандидат за премиер? Ништо од тоа во овој момент не вреди. Единствено што останува да се памети и што ќе се влече зад Арбен Зибери што се пофали дека заради политички опортунизам ги отфрлил препораките на Светската здравствена организација во време на ужасната криза кога во Македонија, секаде околу нас и во Европа пристигна вториот бран. Доколку навистина многу иселеници дојдат во земјата да гласаат и некои од нив преку границите го носат вирусот, кој овде ќе формира нови жаришта, тогаш Арбен Зибери ќе мора да си одговори на тешкото прашање што може да ја мачи неговата совест – вредеше ли овој бесмислен политички акт.