Како Силвио Берлускони изгради бизнис империја вредна милијарди евра


 

Силвио Берлускони зад себе остави голема деловна империја која го направи милијардер, а беше и премиер на Италија. Засега не се знае како ќе се подели богатството меѓу неговите роднини.

Според проценката на американскиот деловен медиум Блумберг, богатството на Берлускони е седум милијарди евра. Но, како заработил човекот со најдолг мандат како премиер во Италија по Втората светска војна, но и како еден од најконтроверзните политичари?

Медиумски магнат

Берлускони почна да се занимава со политика на 57 години и четири пати беше премиер. Сепак, тој го стекна своето богатство во 1960-тите како инвеститор. Подоцна стана медиумски магнат.

Тој продолжи да ја шири својата деловна империја во 70-тите, основајќи ја кабелската телевизија Телемилано и купувајќи два кабелски телевизиски канали во Италија. Во 1978 година, овие канали станаа дел од неговата нова семејна компанија, „Фининвест“, која е холдинг компанија.

Преку овој холдинг тој стекна голема сопственост во некои од најголемите европски медиумски компании, како и во познатиот фудбалски клуб Милан. На крајот на 2021 година, Берлускони поседуваше 61,3 отсто од акциите.

„Фининвест“ е најголемиот акционер во MediaForEurope, порано познат како Mediaset, кој управува со комерцијални телевизиски канали во Италија, Шпанија и германската телевизиска компанија ProSiebenSat1. Холдингот е и мнозински сопственик на компанијата „Мондадори“, која е најголемиот италијански издавач на книги и списанија.

Во 2017 година, „Фининвест“ го продаде Милан за 740 милиони евра, по 31 година сопственост. Фудбалскиот клуб соопшти дека е длабоко тажен поради заминувањето на „незаборавниот Берлускони“.

Правни прашања

Политичките контроверзи на Берлускони беа тесно поврзани со неговите деловни проблеми. За време на неговите две децении во политиката, тој беше суден по најмалку 17 обвиненија, вклучувајќи ги и оние поврзани со даночна измама и поткуп. Тој секогаш ги негираше обвиненијата, а многу од случаите завршија со укинување на пресудата по жалба.

Меѓутоа, во 2012 година, судот во Милано го осуди за даночно затајување. Имено, тој е осуден затоа што купувал телевизиски права на филмови со раководители на „Медиасет“, а потоа ги препродавал по нереално високи цени. Во таа прилика избегнаа да платат добар дел од данокот.

Што е следно

Берлускони има пет деца од два брака. Сите имаат сопственост во „Фининвест“. Со холдингот од 2005 година претседава неговата најстара ќерка Марина (56), а најверојатно таа ќе ја преземе контролата врз деловната империја на нејзиниот татко.

Пјер Силвио (53) е извршен директор на MediaForEurope. Марина и Пјер Силвио имаат по 7,7 отсто сопственички удел во „Фининвест“, додека неговите три деца од вториот брак имаат по 21,4 отсто сопственички удел, пишува Си-Ен-Ен.

Потсетуваме, Берлускони почина на 86-годишна возраст, пренесува Кликс.