„Како што кажа Ковачевски така излезе“: Мицкоски се откажа од предвремени избори

По три години постојани повици за одржување предвремени избори лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, конечно се откажа од таа реторика затоа што веќе нема време да се случат. Сега е фокусиран на предлогот на 8 мај да се одржат двојни избори – вториот круг од претседателските и парламентарните. Тој денеска оцени дека премиерот Димитар Ковачевски играл некаква „мачо игра“ и дека „како што тој кажа така излезе“.
„Димитар Ковачевски води некоја чудна мачо игра која не ја разбирам навистина. Не знам кој е тој кој што го советува дека сега е моментот да биде мачо и да каже нема предвремени избори, јас кажувам дата. Во ред еве сѐ нека каже тој. Не сакаше лидерска средба, добро, сакаше работни групи, еве прифаќаме работни групи“, рече Мицкоски за време на посетата на Гази Баба.
Тој вели дека веќе немало да коментира на оваа тема и чекал власта да го предложи датумот кога ќе се сретнат работните групи. „Да, му признавам, секоја чест, како тој што кажа така излезе. Како тој што ќе каже и дата и ден кога ќе се сретнат тие работни групи. Само нека се сретнат и нека разговараат“, рече Мицкоски.