Како Шпанија беше измамена со кинески тестови


Чувствителноста на тестовите при детекција на корона вирусот била само 30 проценти

Шпанија нарачала антигенски кинески тестови за корона – биле неисправни. Потоа, Кинезите испратиле нови – тие исто така биле дефектни

 

Истражувачката сторија што денеска ја објави ИРЛ, во која се вклучени поширок број репортери од Македонија и Европа, на извонреден начин покажува како во трескавичната битка против корона вирусот многу компании во светот, најмногу од Кина, сакаат да продадат тестови и други медицински препарати и со тоа брзо да спечалат многу пари. Во многу европски држави здравствените власти ги оставаа во болничките магацини маските што ги нарачале од кинески производители затоа што биле неупотребливи и не ја извршувале основната функција – заштитата.

ИРЛ пишува дека брзиот имунолошки тест што се нудел во болницата „Систина“ како производ на холандска компанија, всушност бил кинески само препакуван во Холандија и нуден како европски.

Приказната од Шпанија за лошите кинески тестови е меѓу највпечатливите во европските земји, не само поради тоа што за нив биле платени големи пари, не само поради тоа што му беа вратени на кинескиот производител, туку и поради тоа што и новите заменски тестови што биле испратени, исто така, биле дефектни.

Приказната што ја објави весникот „Ел паис“ минатиот месец е неверојатна затоа што го покажува начинот на кој функционира „военото профитерство“, во овој случај здравственото.

Шпанската влада уште се обидува да ги врати парите што ги плати за 640.000 за антигени тестови за корона вирус што ги купи преку шпански дистрибутер од кинеска компанија наречена Bioeasy. До ова дојде откако здравствените власти открија дека дополнителните комплети – во кои требаше да се замени еден дел за кој беше утврдено дека е неисправен – исто така не работат. Како што се случило и при првата пратка, тие тестови ја немале потребната чувствителност за откривање на вирусот, што значи дека постоела голема шанса тие да не го детектираат корона вирусот кај личност која е заразена.

Bioeasy испратила примерок од овие комплети, кои користат метод на флуоресценција, и тие биле анализирани од здравствениот институт „Карлос III“ во Мадрид. Кога се видело дека тие не се доволно чувствителни, владата одлучи да ја откаже целата нарачка. Во меѓувреме, започнал процесот за враќање на парите што биле платени за комплетите.

Министерството за здравство не објави колку чини нарачката од Bioeasy, ниту пак го идентификуваше мистериозниот шпански посредник кој ја спровел операцијата. Според одредбите, министерството за здравство не објавува договори за набавка на здравствен материјал за време на кризата со корона вирусот.

На крајот на март, министерството за здравство беше принудено да врати 58.000 од таканаречените брзи тестови за корона вирус од вкупно 640.000 што ги купи од истата компанија. Комплетите требаше да се користат за здравствени работници, како и за работници и жителите во домовите за стари лица.

Тие добиле две серии, првата со 8.000 единици и втората со 50.000. Најважно е што голем број лаборатории во болниците во Мадрид утврдиле дека нивната чувствителност била само 30 отсто, иако во инструкциите било наведено дека таа изнесува 80 проценти. Веднаш потоа, министерството за здравство се одлучило да ги врати тестовите и да ги откаже следните нарачки. Компанијата предложила да ја замени нарачката со антигенски комплети, кои исто така се брзи, но за тоа била потребна машина за да го прочита резултатот. Кинеската компанија се понудила во испораката да вклучи вакви машини бесплатно за да ги надомести проблемите.

Откако „Ел паис“ откри дека тестовите не функционираат како што треба, кинеската амбасада во Шпанија испрати твит со предупредување дека Bioeasy нема лиценца во Кина. Владата одговори дека компанијата имала дозвола да извезува во Европската унија и дека ги купила брзите тестови преку шпански дистрибутер, а не директно од производителот.

Кратко време по ова фијаско и загрижена за меѓународниот имиџ на своите производи, Кина одлучи да ја преземе контролата врз извозот на своите здравствени материјали. Од почетокот на април, фирмите што ги произведуваат овие производи ќе треба да бидат официјално регистрирани во Кина, како и да сметаат на соодветното одобрение за странство. Во случај на Bioeasy, тестовите беа одобрени од две европски компании за сертификација кои не го анализираат квалитетот на производот, туку се ограничени на прегледување на доставената документација.

Купувањето на овие тестови се случи пред Шпанија да склучи договор со Кина за да купи здравствена опрема вредна 532 милиони евра. Кина обезбеди список на доверливи добавувачи на производите. Според министерот за здравство, Салвадор Ила, договорот вклучувал снабдување со маски за пациенти и професионалци за време на осумнеделен период, како и 5,5 милиони серолошки тестови. Последните комплети откриваат антитела, и како такви не ја откриваат болеста во раните фази на инфекција. Овие се оние што се користат за да се зголеми бројот на спроведени дијагностички тестови, како што препорача Светската здравствена организација.

Шпанската влада потоа ја отфрли употребата на антигенски тестови, во кои на почетокот беа ставени големи надежи. (Н.В.)