Како се поставуваат – така намерно се оштетуваат контејнерите за електричен и електронски отпад


Последниот период, во повеќе општини низ земјава, во соработка со „Нула отпад“ поставени се повеќе специјализирани контејнери за електричен и електронски отпад, но тие набрзо по поставување се оштетуваат, а внатре се фрла секоков отпад. 

Последниот случај со оштетување доаѓа од Прилеп, каде оштетени и насилно отворани се повеќето од 12-те контејнери за електричен и електронски отпад што ги постави прилепски „Комуналец“ на пункови во градот.

Од ЈКП „Комуналец“ од Прилеп известуваат дека за еден месец откако се поставени контејнерите повеќето се оштетени, односно насилно се отворани долните лежишта. Украдено е она што се мислело дека е корисно, иако поголемиот дел од отпадот воопшто не е корисен.

– Оставени се само некорисните тонери, кои подлежат пак на постапка на уништување. Се исфрла дури и тетрапак, најлони, пет амбалажа. Она што ќе создаде поголема штета е што истите отпадни апарати ќе бидат исфрлани на дивите депонии, објаснува Лилјана Силјаноска, лице за односи со јавност во ЈКП „Комуналец“ од Прилеп.

Прилепски „Комуналец“ во соработка со Локалната самоуправа ги постави контејнерите на 14 август на 12 пункта во Прилеп за да се овозможи селекцијата на електричниот и електронски отпад. Овој месец јавното претпријтие планираше да постави уште 12 такви контејнери, но акцијата ќе биде одложена з да се направи анализа и да се поправат оштетените контејнери за електричен и електронски отпад.

Ништо подобра не е состојбата со овие контејнери и во Скопје, а ги има на повеќе локации. Во нив се фрла сѐ и сешто, а вратичките се искривени во обид да се дојде до тоа што е фрлено внатре. 

Контејнер во Реонски центар – Аеродром

Вакви контејнери се поставени и во други градови низ Македоонија. Во Струмица, пред извесно време на видео беше фатен оштетувач на контејнерите.

 

Инаку, вчера пак, и Општина Куманово постави контејнери на неколку локации. Контејнерите ги постави ЈП „Чистота и зеленило“, Куманово, бидејќи количините на ваков отпад постојано раснат, а истиот се смета за високо токсичен, доколку не се третира правилно.

„Досега ваквиот отпад се мешаше и се отфрлаше заедно со комуналниот, што е неправилно и може да доведе до испуштање на опасни, канцерогени материи и тешки метали. Затоа се решивме, заедно со Општина Куманово да поставиме пунктови на кои би се собирал токму ваквиот отпад. Ние,како претпријатие редовно ќе ги празниме овие собирни садови“, изјави директорот Даниел Стојчевски.

Електричниот и електронскиот отпад и отпадните батерии делуваат како нетоксичен отпад, но нивното несоодветно третирање, уништување и депонирање доведува до испуштање на тешки метали во воздухот, водата и почвата, кои што сериозно делуваат на здравјето на граѓаните и воопшто на квалитетот на животната средина. Речиси 70% од тешките метали, вклучувајќи ја живата и кадмиумот на депониите потекнуваат од електронската опрема.