Како се одвиваат работите на автопатот Кичево-Охрид (фото)


Педесет и седум километри долгиот автопат во вредност од над 600 милиони евра е почнат во 2014 година

Од предвиденото со основниот проект и дополнителните проектирања завршени се 56 проценти, а во завршна фаза е асфалтирање на првите функционални целини од Охрид кон Кичево

Опасност од пандемијата со Ковид-19, тежок терен за работа, висока температура, е работната атмосфера на градежниците ангажирани во изградба на автопатската делница Кичево – Охрид. Од предвиденото со основниот проект и дополнителните проектирања завршени се 56 проценти, а во завршна фаза е асфалтирање на првите функционални целини од Охрид кон Кичево, што ќе бидат пуштани етапно. Како најкритичен дел од целиот проект се смета конзолниот вијадукт кај село Добреноец.

Градежниците со кои разговараше екипата на МИА не пречекаа опремени со задолжителната заштитна опрема за работа, маски и ентузијазам да споделат со нас што прават тие на терен и со што се соочуваат, наспроти обвинувањата што си ги разменуваат постојано власта и опозицијата за тоа дали проектот е добро проектиран или не, дали се работи на него,…

Педесет и седум километри долгиот автопат во вредност од над 600 милиони евра е почнат во 2014 година. Тоа е проект што го спроведуваат две влади, со проширен Договор за изведба и продолжен рок за завршување, до јуни следната година. За неговата првична вредност од 411 милиони евра се задолжи претходната власт, а сегашната ја дополни со 186 милиони евра, за тунелските работи, допонителен широк ископ и санација на свлечишта, новопроектирани патни јазли и алтернативен пат.

-Пандемијата влијаеше на активностите, но градежните фирми успеваат да се справат, иако наидоа и на проблеми при обезбедување материјали кои беа заглавени на границите. Сепак работите не запреа ниту еден ден, ни раскажа нашиот домаќин на увидот по трасата на автопатот, Ангел Настов, кој е главен надзорен инженер на проектот.

Ни го претстави проектот од стартната точка, кај првата подделница на потегот од Кичево до Подвис. Според основниот проект, појаснува, трасата беше над кичевскиот водовод и беше направена промена.

Се изработи проектно решение за изместување на трасата во дожина од околу 1,5 километри. На оваа делница е ангажирана домашната градежна фирма „Гранит“ и работи на ископ на усеци. Таа ги работи првите две подделници и сите позиции на трасата почнувајќи од ископ, насип, тампонирање, асфалтирање, мостови, виадукти, надпатници, подпатници, потпорни ѕидови, клучки… За усеците се направени комплетно нови проекти и има дополнителен ископ. На цела траса треба да се изработат проекти за дополнителен широк ископ на усеци и санација на свлечишта, односно вкупно 67 проекти. Досега се изработени, ревидирани и предадени на изведувачот 38 проекти, 20 проекти се предадени на ревизија и наскоро ќе му бидат предадени на изведувачот. Преостанатите проекти се за санација на свлечишта, во завршна фаза се и до 13 јуни ќе бидат доставени до ревидентите.

По утврдените пропусти при проектирањето, што повлече дополнувања на Договорот со главниот изведувач, кинески „Синохидро“, како што појасни Настов, се доставени нови 38 проекти. Голем дел се одобрени од Министерството за транспорт и врски, а тие се предуслов за натамошните постапки за експропријација.

– На делот на правата и втората делница кај „Гранит“ се работи на седум усеци, „Синохидро“ на еден, а „Илинден“ на три. Секојдневно се интензивираат работите. Од инвеститорот имаме добиено 38 проекти, уште 20 се дадени пред еден месец кај ревидентите и според моите информации останува да се изработат проекти за уште девет свлечишта. Се работи на сите објекти и предвидени вијадукти од кои голем дел се завршени. Според нашите анализи најголемиот број од вијадуктите ќе бидат завршени оваа година на ниво на плоча, по што ќе треба изолација, одводнување и асфалти во следната фаза. Единствено ќе остане вијадуктот кај Добреноец, како критичен и најтешкиот дел од трасата и очекуваме до април следната година и тој да биде целосно завршен, информира Настов.

Настов со посебна гордост ни го претстави конзолниот вијадукт, што се гради кај село Добреноец, најголем од предвидените 54. вијадукти, мостови и натпатници на автопатот. Долг е половина километар и има столбови од над 70 метри. Сега се работат столбовите и конструкцијата. Тоа е, вели, критичниот дел на целата траса и се очекува во април следната година да биде завршен. Првпат во Македонија македонска компанија, „Гранит“, гради конзулни вијадукти. Тука, исто така се работи и на усек. Има техничко решение за тунел и за усек, но направена е анализа по која инвеститорот одлучи работите да се продолжат со усек, кој има околу 1.800.000 кубни метри ископ.

Кај Подвис, на локацијата каде помеѓу првата и втората делница се работи на усек кој, објаснува Настов, претходно бил направен со нестабилни и несигурни косини. Сега, вели, е препроектиран со наклони на косините кои ќе обезбедат сигурност, безбедност и стабилност при употреба на патот, со косини кои одговараат на стабилноста. И сите останати препроектирани усеци обезбедуваат сигурност, безбедност, стабилност, лесно одржување во употреба со минимални трошоци.

– Од предвидените потпорни ѕидови во должина од 3.579 метри потпорни ѕидови се реализирани со 98 проценти. Реализирани се и 66 проценти од насипите, 28 проценти од тампоните. На подделниците 2,3,4 и 5 е почнато асфалтирањето и досега вкупно се асфалтирани 336.852 метри квадратни со два слоја. Се работи на пет клучки (Арбиново, Издеглавје, Ботун, Мешеиште, Аеродром ) и се чекаат проектите за алтернативните и паралелно пристапните патишта, информира Настов.

Треба да се има предвид, потенцира, дека не се градат само 57. километри автопат, туку и уште 60 километри пат на клучките и алтернативните делници.

Автопатот Кичево – Охрид е првата кариерна приказна за младиот инженер Филип Трајковски вработен во „Гранит“. По факултетските клупи доаѓа на терен да учи и да работи веќе пет години на повеќе проектни објекти на автопатот. Со нас ги сподели искуствата од неговиот тековен ангажман на вториот конзулен вијадукт на автопатот.

– За овој објект беше проблематично што беше предвидено да се изгради со MMSS систем, но заради условите на терен и неекономичноста во Македонија да се донесе такво скеле за да се изгради само еден вијадукт на цела траса со фирмата Пери донесовме нов систем, појасни Трајковски.

За него, истакнува, овој проект е голем предизвик и заедно со уште многу негови млади колеги имаат можност да научат на тежок проект. Моментно на целиот автопат се ангажирани 60 инженери, а во еден период имало над 150 инженери и техничари, односно високостручен кадар.

За тунелот „Пресека“, на којшто се работело во исклучително тешки услови, како што вели Настов, целосно се надминати сите пречки. Целосно се завршени примарната и секундарната конструкција и на левата и на десната цевка, со должина од по околу два километра.

Сега се врши насипување на подножниот свод, останува да се завршат тампонските и асфалтерските работи, а претходно и хидрантската мрежа, електроинсталацијата, вентилациските, противпожарните и системите за детекција на опасни гасови и видео надзор, како и сообраќајна сигнализација. Се планира и команден центар, но тоа е полесниот дел и многу мал процент од она што е изведено.

-Тунелот во овој дел може да се заврши до септември и тој веќе не е критичниот дел, туку конзулниот вијадукт на подделница 1. Кога ќе биде завршен тој тогаш можеме да кажеме и дека трасата ќе биде завршена целосно, вели Настов.

Први функционални целини на автопатот

Според директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов, поддделницата кај клучката Издеглавје е една од деловите на патот каде ќе може да се финишира со завршниот слој и да бидат пуштени првите километри од автопатот до Охрид. Завршени се 98 проценти од асфалтерските работи на потегот Пресека-Песочани и останува да се почне со работа на маслофаќачите, а потоа со изработка на асфалт бетонот. Со тоа ќе може да се прават функционални целини.

-Како што ќе правиме функционална целина, така ќе се надоврзува целата делница, нема да го чекаме крајот па да сечеме ленти. Проектите се доставуваат до надлежните инженери и се повеќе и повеќе се зголемува обемот на работата. Моментно на целата траса имаме ангажирано 680 инженери, техничари и работници и 220 машини и камиони, вели Китанов.

Тој истакнува дека се работи интензивно и оти за два до три месеци бројот на ангажирани работници ќе достигне 1.000.

Китанов вели дека според основниот проект досега се реализирани 83 проценти од автопатот, но, појаснува, тој е нефункционален без дополнителните проекти со кои заедно, како што тврди, реализацијата изнесува 56 проценти. За преостанатиот дел без автопат во овој регион, од Кичево до Гостивар, информира, при крај е проектот за Кичево-Букојчани, а потоа продолжуваат и активностите од Букојчани кон Гостивар.

Надзорот и инвеститорот раскажаа дека најголем проблем бил експропријацијата на земјиште, шуми, насади, овошки и објекти, која според основниот проект е решена 100 проценти. Сега се работи на решавање на експропријацијата за опфатените делови со новите проекти што ги добиваат со дополнителното проектирање на усеци и алтернативни патишта што не биле предвидени.

-Мора да се решат сите приклучоци кои претходно не беа опфатени, затоа што имаше само една клучка кај Кичево, но и таа е препроектирана заради тоа што беше врз регионалниот водовод. Сега ќе има вкупно 10 клучки (Кнежино кај Кичево, Извор, Арбиново, Издеглавје, Ботун, Мешеиште, Требениште, Аеродром, Подмоље и Св. Еразмо). Инвеститорот ги обезбеди проектите за новите клучки, но со новите препроектирања ќе има дополнување на клучката Трбеништа, со што таа ќе овозможи поврзување на Косел со Ќафасан, односно поврзување на месното население од Требениште, Мешеишта и останатите села да имаат директен пристап до клучката. Нема да остане ниту еден објект неповрзан со автопатот, потенцира Настов.

Надзоорт како проблем го наведува тоа што се уште немаат одобренија за одлагалиштата од надлежната Комисија во Министерството за транспорт и врски затоа што е потребно да ги прошират и надградат постоечките, а потребни се и дополнителни. Со новите проекти за проширување на усеците се предвидуваат дополнителни 11.000.000 метри кубни ископан материјал или вкупно околу 21.000.000 метри кубни, којшто треба да се одложи во одлагалишта. За неколку месеци ќе немаат каде да го одложуват вишокот од ископите.

Надзорниот инженер не испрати со уверување дека и покрај се ќе добиеме автопат што ќе биде најбезбеден во државава.

– Имавме многу потешкотии откако почнавме со проектите, имаше многу недостатоци и уште во првите денови доставивме извештај до инвеститорот на кој укажавме на недостатоците во проектите. На почеток можеби не беа сериозно сфатени, но како напредуваа работите, тие почнаа да се надминуваат заедно со инвеститорот и со професорите од Градежниот факултет, рече Настов.

Кога го добивме проектот, оценува, беше како неродено бебенце, тоа се роди, сега е дете и оди на училиште.

– Успешно се гради, надминати се сите проблеми и недостатоци и останува да се заврши. Ќе биде еден најбезбедните патишта во Македонија, порача Настов.

И покрај сите контроверзии околу автопатот, како што вели тој, за домашната градежната фела е големо искуство што во иднина сегашниот млад инженерски кадар ќе го користи во некои нови проекти и во државава и во странство. (МИА)