Како Полска со широки раце ги прими бегалците од Украина

 Полското општество со раширени раце ги прими бегалците од Украина во своите домови. Со одлуката без преседан на полските власти, Украинците стекнаа исти права како Полјаците – во суштина, немаат само можност за гласање.  


 

Кога на 24 февруари 2022 година руските војници влегоа на територијата на Украина, ја започнаа најголемата војна на теренот на Европа од Втората светска војна наваму. Според податоците на ОН, безмалку 14 милиони лица беа присилени да ги напуштат своите домови, а речиси 8 милиони пребегаа од земјата. Главно жени, деца и стари лица.

Слично како за време на Втората светска војна, Русија започна прогонства во Сибир, а во освоените месности почна да им врши тортура на елитата и на војниците, силувајќи жени и извршувајќи геноцид. Од хоророт на дејствијата на руските служби бегаа милиони жени. Пред 80 години, една од нив беше мојата баба, која одлучила со сестра си да се пресели во Полска, а не да се врати во Украина, којашто беше управувана од варвари. Војната во Украина за мене и за многумина Полјаци не е само чин на агресија кон соседот, туку всушност и кон нас.

Од почетокот на агресијата на Русија, полско-украинската граница ја преминаа над 7,4 милиони бегалци од Украина, но истовремено околу 5,6 милиони ја преминале границата во правец на Украина, што значи дека во Полска останале околу 1,5-2 милиони бегалци. Заедно со претходниот бран на емиграцијата од Украина, која започна по војната во Донбас во 2014 г., во Полска живеат околу 3-3,5 милиони Украинци. 

Спонтаната масовна реакција на полското општество ги надмина сите очекувања. Во помошта за бегалците беа ангажирани 70 проценти од возрасните Полјаци. Луѓе нудеа соби или дури и цели станови. Така постапија 7 проценти Полјаци, што значи неколку стотици илјади семејства прифатени во домовите, а не во логори, како по примерот на други кризи од овој вид. Околу 59 проценти од Полјаците беа ангажирани во купување артикли за прва потреба, а 53 проценти уплаќаа пари за бегалците. Според истражувањата на Полскиот институт за економија, во текот на првите три месеци Полјаците одвоиле вкупно дури 2 милијарди евра за поддршка на Украинците што бегаат од војната.

Благодарејќи на промените на законот во Полска, Украинците можат да добијат матичен број, ист каков што поседува секој граѓанин на Полска. На таа основа, можат 18 месеци легално да престојуваат во Полска. Имаат право да отворат личен профил, односно дигитален идентитет, можат да користат разни социјални услуги, вклучително и семејна социјална помош, чија вредност е околу 120 евра за секое дете.

Бранот бегалци по избувнувањето на војната се главно жени. Над 60 проценти од нив дојдоа со деца, па најпрвин за нив бараат место во училиштата и градинките, а дури потоа може да бараат работа.На украинските бегалци им следуваат семејни и воспитни бенефиции, бенефиции за запишување во училиште или старателски бенефиции, кои изнесуваат дури 2,6 илјади евра. За да ги згрижат децата, општините отворија дополнителни детски градинки со поедноставени правила, а многу јавни институции беа пренаменети во времени преноќевалишта. За бегалците, исто така, беше определена и еднократна помош во износ од 80 евра по лице. 

На Украинците што бегаат од војната им беше обезбедена и бесплатна психолошка помош, прехранбена помош или пристап до медицинска грижа.

Пјотр Арак, директор на Полскиот институт за економија

Благодарејќи на искуството со онлајн настава, училиштата можеа доста брзо да се реорганизираат, за да примат 200 илјади дополнителни ученици од Украина (само во Варшава има близу 20 илјади). Беа либерализирани и прописите за вработување учители, за помеѓу бегалците да се вработат луѓе што зборуваат украински. Украинските деца, кои во полските училишта учат на полски, често посетуваа онлајн настава и на часовите во украинските училишта.   

Полска ги либерализираше и прописите за вработување Украинци. Доволно е работодавачот, во случај на вработување лица од Украина, во рок од 7 дена да ја извести соодветната институција за вработување. Украинците можат да основаат и да извршуваат стопанска дејност во нашата земја под истите услови како полските државјани. На тој начин се вработија над 450 илјади лица – ако земеме предвид дека во Полска има регистрирано околу 600 илјади украински бегалци на работоспособна возраст, значи дека се вработиле околу 60 проценти од нив. Освен тоа, Украинците основаа над 10 илјади фирми, што значи дека се одговорни за речиси секоја десетта новорегистрирана стопанска дејност.

Без преседан е тоа што Полјаците, слично како Украинците, можат слободно да се вработуваат во Украина. Тоа ќе биде од голема корист кога ќе започне процесот на обнова на Украина, дури и без примирје.  

OECD (Организација за економска соработка и развој) проценува дека трошоците за издршка на воените бегалци од Украина во 2022 г. во Полска ќе изнесуваат 8,4 милијарди евра и ќе бидат највисоки меѓу државите што припаѓаат на OECD (вкупните проценети трошоци во државите од OECD изнесуваат 26,8 милијарди евра). На следните места се Германија (6,8 милијарди евра) и Чешка (2 милијарди евра). 

Солидарноста на општеството во Полска е неверојатна. Полскиот и украинскиот народ секогаш ги поврзувале многу нешта, иако нашата заедничка историја бидувала и болна. Многумина Полјаци би можеле да раскажат семејни истории слични на мојата или во сеќавањето чуваат злосторства извршувани врз Полјаците во Волињ од украинските радикали за време на Втората светска војна. Денеска, сепак, сето тоа е минато и е очигледно дека им помагаме на нашите соседи во нужност и дека ќе им помагаме, сѐ додека ќе можат безбедно да се вратат во своите домови.

Пјотр Арак, директор на Полскиот институт за економија (Текстoт е објавен заедно со полскиот месечник „Сѐ што е најважно“ во историскиот проект со Институтот за национално сеќавање и со Полската национална фондација.)