Како пет тона марихуна ја поминаа границата? Што правела царината?

Како царината не успеала да спречи ваков голем шверц во стотина и повеќе картонски кутии е клучното прашање


Кутиите со запленетата дрога во Србија

 

Македонија или Албанија? Такви беа нагаѓањата на српските истражни органи околу потеклото на петте тони марихуана запленети во селото Коњух кај Крушевац. Од вчера попладне српските власти се сигурни дека дрогата дошла од Македонија. И спакувана во картонски кутии ја преминала границата. Прашањето е дали со помош или не на некој од царината, и македонската и српската.

По големите реакции во јавноста Јавното обвинителство во Македонија има оформено предмет во врска со запленетите пет тони марихуана во Србија.

„Обвинителството има оформено предмет и веќе се преземаат конкретни, насочени и координирани дејствија за целосно утврдување на сите факти и околности за поврзаноста на Република Северна Македонија со овој случај, со цел обезбедување целосна кривично-правна одговорност“, одговориле од Обвинителството за Радио Слободна Европа.

Иван Драганиќ, кој бил на радарот на Јавното обвинителство за организиран криминал на Србија поради сомнение дека е вмешан во производството, шверцот и продажбата на петте тони марихуана со уште тројца Срби има регистрирана компанија за производство на билки, ароматични и лековити растенија, каде изгледа ја произвел запленетата дрога, пишува „Нова.рс“.

Компанијата Алфафарм ДОО Скопјe е регистрирана во Македонија во 2023 година, со акционерски капитал од 529.050 евра. Регистрирана е како компанија за одгледување и преработка на билки, ароматични и лековити растенија за фармацевтска употреба.

Според податоците од македонскиот Централен регистар, ко-сопственици на компанијата се Иван Драганиќ, Предраг Брковиќ, Роберт Живковиќ и Јована Мијајловиќ. Од сите погоре наведени, осомничен во истрагата на обвионителството е Драганиќ. Јавно достапните податоци покажуваат дека компанијата работи со загуба, а најновите информации за 2024 година покажуваат дека има загуба од над осум милиони денари (околу 130.000 евра).

Компанијата добила лиценца за одгледување канабис за медицински цели на 16 април 2024 година, а нејзиното седиште се наоѓа во скопска Кисела Вода.

Ова не е прв пат луѓе од Србија да се поврзуваат со македонски компании за одгледување канабис, бидејќи по апсењето на сопственикот на „Јовањица“ (голем скандал во Србија), Предраг Колувија, во 2019 година, беше откриено дека тој е сопственик на плантажа во Македонија.

До овие сознанија се дошло откако полицијата откри дека тој ја користел апликацијата „Разговор“ за тајна комуникација. На неа, Колувија имал две групи – едната наречена „Совет за безбедност“ преку која комуницирал со членови на безбедносните служби и полицијата кои му обезбедувале заштита, и другата „Росоман производство“, во која биле вклучени соработниците на Колувија во Македонија. Во Македониј, одгледувањето медицински канабис беше легализирано во 2015 година а петчлена комисија при Министерството за здравство беше задолжена за надзор на одгледувањето.

Според српското обвинителство. Александра Мијајловиќ, Небојша Спасоевиќ, Раде Спасоевиќ, Иван Драгниќ и Урош Младеновски се гонат за сторено кривично дело неовластено производство и дистрибуција на наркотични дроги.

На рочиштето, сите осомничени се бранеле со молчење, по што обвинителот предложи да бидат притворени, по неколку основи, бидејќи станува збор за рекордна заплена на пет тони марихуана.

Со оглед на тоа што осомничениот Александар Мијајловиќ, кој е означен како организатор на оваа организирана криминална група, е во бегство, до судијата за претходна постапка беше поднесен предлог за издавање потерница, вклучително и меѓународна, против овој осомничен.

Оваа организирана криминална група, како што е наведено во соопштението на Јавното обвинителство за организиран криминал, дејствувала на меѓународно ниво, така што од почетокот на јануари 2026 година до 29 јануари 2026 година на територијата на Република Северна Македонија се стекнала со наркотична дрога марихуана во количина од 5.002.079,18 грама.

Според планот на организаторот, осомничениот Иван Драгниќ ги транспортирал наркотичните дроги преку границата до магацинот на семејството Спасојевиќ, од каде осомничениот Урош Младеновски ги подигнал за понатамошна продажба.

„Со оглед на тоа што дел од дејствијата на извршување укажуваат на меѓународен карактер на кривичното дело, особено во врска со набавката на наркотични дроги на територијата на Македонија, понатамошниот тек на истрагата ќе ги расветли сите околности на овој кривичноправен настан, ќе ги идентификува сите учесници, како и ќе го утврди потеклото на наркотичната дрога“, се вели во соопштението на обвинителството.

На имотот на компанијата „Флораком“ во селото Коњух во Крушевац, во сопственост на Радет Спасоевиќ (68), советник од владејачката Српската напредна партија, беа пронајдени пет тони марихуана. Со него беше уапсен и неговиот син Небојша Спасоевиќ (40). Опозицискиот политичар Мирослав Алексиќ објави дека Спасоевиќ е близок соработник на истакнатиот функционер на СНС, Братислав Гашиќ (министер за одбрана), кој веднаш се огласи, велејќи дека никој не може да се крие зад партиската книшка.

„Флораком“ е друштво со ограничена одговорност и работи од 2007 година. Примарна дејност регистрирана во системот е одгледување саден материјал. Компанијата се занимава со организирано производство и откуп на корнишони, а Спасоевиќ е наведен како сопственик.