Како „Макстил“ ја применува циркуларната економија: Со троската може да се асфалтираат патишта
Црната и белата троска која како отпаден материјал се добива од топењето на железото во скопски „Макстил“, наместо отпаден производ, сега добива третман на секундарна суровина или копродукт што има широка примена во градежништвото, особено во градењето патишта за тампонирање или како материјал за асфалтирање со извонредна цврстина. Ова е само еден пример кој домашниот производител на челични производи, „Макстил“ го презема со што компанијата ја вклучува во процесот на циркуларна економија. За „Макстил“ овој бизнис модел не е новина бидејќи неговите принципи ги применуваат веќе дваесетина години, а сега дополнително ги развиваат со цел да одговорат на новите барања во ЕУ за јаглеродна неутралност до 2050 година, со што и фирмите од нашата земја ќе мора да се прилагодат доколку сакаат да бидат конкурентни на европскиот пазар и да не плаќаат пенали за загадувањето.
Иако е дел од индустриите кои во јавноста се доживуваат како загадувачки, сепак, голем дел од материјалите кои во процесот на производство се добиват како нус производи, добиваат дополнителна намена.
Како што посочи генералниот директор на „Макстил“, Марија Дуковска Павловска, голем дел од таквите продукти се употребуваат во други дејности и само мал дел од производството во „Макстил“ всушност претставува вистински отпад.
„Тоа е начинот на кој што ‘Макстил’ работи подолго време и навистина сакаме да го промовираме овој модел на вистинска циркуларна економија, а не само циркуларна економија колку да се каже, бидејќи во моментот е многу актуелна. Туку, како вистински се применуваат и се практикуваат сите овие практики во нашето производство“, посочи Дуковска Павловска.
Таа додаде дека компанијата има и други активности, во поглед на општествената одговорност, потоа што се прави и каков придонес имаат во дуалното образование и секако се она што се прави за вработените и партнерите со кои што соработуваат.
„Со современи зборови сето ова потпаѓа под принципите на ‘И-Ес-Џи’ (ESG – кратенка за екологија, општествена одговорност и добро управување, заб.), рече Дуковска Павловска.
Директорот за животна средина во „Макстил“, Љубомир Пејовски, вели дека еден од основните столбови на ваквиот бизнис модел претставува циркуларната економија која во „Макстил“ се применува веќе 22 години затоа што како основен репро материјал во производствениот процес е отпадното старо железо.
„За жал, сѐ уште тоа се нарекува старо железо, но со законски промени што се најавени за наредните шест месеци, веќе нема да биде отпадно старо железо, туку секундарна суровина. Со самото тоа ќе ја поттикнеме и циркуларната економија“, рече Пејовски.
Тој објасни дека поимот циркуларна економија е релативно нов бизнис модел кој придонесува за развој на целата економија, како за вработеноста, а најмногу за заштита на животната средина.
„Знаеме кои се целите на Европа до 2050 година, карбонски неутрална Европа. Единствено со примена на циркуларната економија можеме да ги исполниме овие цели кои што се навистина предизвикувачки“, рече Пејовски.
Трите принципи на кои што се темели циркуларната економија се намалување на создавањето отпад или негово целосно елиминање, материјалите што се употребуваат колку што може повеќе да бидат дел од процесот на производство и на крај, целосно ограничување на исцрпување на природните ресурси.
Како што објасни Пејовски, некои истражувања покажуваат дека со примена на циркуларната економија до 2050 година емисијата на стакленички гасови ќе се намали за 40 проценти. Станува збор за огромен процент, а со самото тоа и нашата земја која е потписник на стратешки документ које е патоказ за циркуларната економија, и каде што Европа ни дава време и препораки за одредени области, да ги забрзаме процесите со што ќе ја направиме земјата поодржлива.
Петте области што Европа ги има идентификувано и треба да се применат сите препораки, се однесуваа на малите и средни претпријатија, градежништвото, биомаса и храна, текстилна индустрија и рударство и индустрија, каде што практично спаѓа и „Макстил“.
Инаку, како пример Пејовски посочи дека дури 62 отсто од органската храна кај нас завршува на депониите, наспроти Европа каде што тој процент е 23 отсто.
„Со примена на сите пропораки во овој стратешки документ земјата ќе стане економски посилна, постабилна и поодржлива и ќе ги следи сите модерни трендови на циркуларната економија“, вели Пејовски.
Самата циркуларна економија се базира на четирти модели: повторна употреба, повторно производство, рециклирање и редуцирање.
„Во „Макстил“ како производител на топловалани челични лимови ги практикуваме сите овие четири модели и се надевам дека и други компании ќе го следат истиот пример“, рече тој.
Пејовски објасни дека од вкупниот процент на отпадно старо железо што влегува во производниот процес, резултатот е 70 отсто е челик, а другиот дел се секундарни суровини како троска, прашина, процесни гасови и друго, кои во поново време се нарекуваат копродукти затоа што се смета дека таа терминологија ќе биде многу поприфатлива и кои со одредена преработка може да бидат одлични репроматеријали и да се користат за други намени.
„Конкретно, главен отпаден материјал во ‘Макстил’ претставува троската која по карактеристики е слична на природниот агрегат и физички е појак од доломитните карпи и со мали процесирања може да биде идеален материјал во градежната индустрија“, вели Пејовски, односно да се користи како тампон во градењето патишта или како главна база за изработка на асфалт.
„Самите карактеристики на овој материјал се идеални и затоа многу земји во Европа и во регионот ја користат троската со што ги штедат и природните ресурси. Овој материјал има и други намени, како фертилајзер, како вештачко ѓубриво и сл“, вели тој.
Во „Макстил“ троската е сертифициран продукт и со тој сертификат веќе не е отпад, туку агрегат за тампонирање, а во наредниот период ќе биде сертифицирана со уште еден стандард со кој ќе биде агрегат за асфалт. Со тоа ќе се овозможи троската целсно процесирана да се употребува во градежната индустрија, односно за изградба на патишта и за бетонски постројки.
„Со тоа ќе се намали негативното влијание на индустријата врз животната средина и се добива квалитетен градежен материјал“, вели Пејовски.
Инаку во Макстил денеска се одржа дискусија на тема циркуларна економија, на која стана збор и за други теми, поврзани со дуалното образованите, општествената одгвоорност и за социјалните елементи.
Претставувањето на процесот на циркуларна економија е дел од проектот за
поттикнување на приватниот сектор како движечки фактор во одржливиот економски
раст. Во иста насока е и примената на иновативните процеси којашто води до развој на
вештини и отворање нови работни позиции. Овие активности, дел од проектот
„Образование за вработување“ се поддржани од страна на М6 едукативен центар и
Макстил, како една од 27те водечки македонски компании во соработка со
Швајцарската амбасада и организацијата Хелветас. (M.J.)