Како Македонија ќе го плаќа гасот што доаѓа од Русија

„Макпетрол“ досега нема добиено официјално барање за промена на начинот на плаќање при набавката на гас, велат од оваа компанија. Во изминатите години, прометот со руската рубља на домашниот девизен пазар беше незначителен, велат од НБ


 

Компаниите увозници на гас во нашата земја, засега немаат добиено барање за промена на начинот на плаќање кој до сега се користел спрема извозниците од Русија, откако официјална Москва најави дека ќе бара овој енергент да се плаќа во нивната локална валута – рубљата. Од Народната банка велат дека до сега не е доставен официјален допис, ниту било какво известување поврзано со оваа објава. Банкарите, пак, посочуваат дека и досега имало случаи кога плаќањата кон некоја компанија се извршувале во локалната валута, но за такво нешто треба да се има и соодветен договор помеѓу фирмите увозници и оние кои извезуваат, со цел при банкарските трансакции да се реализираат нивните инструкции. Притоа, многу важно прашање ќе биде курсот по кој ќе се разменуваат валутите. 

На прашањето на „Независен“ како одлуката на Русија за начинот на плаќање на гасот, и евентуално другите енергенти, како, на пример, нафтата, ќе може да се спроведува од страна на домашните компании, од Регулаторната комисија за енергетика нѐ упатија кон фирмите увозници.

„’Макпетрол’ досега нема добиено официјално барање за промена на начинот на плаќање при набавката на гас. Со своето деловно работење ‘Макпетрол’ има обезбедено доволно средства за набавка на гас што ќе се искористат за купување девизи преку деловните банки и на тој начин ќе се извршат плаќањата согласно барањата на деловните партнери“, ни одговорија од „Макпетрол“, кој е еден од главните снабдувачи на гас за нашата земја, преку договор со руски „Гаспром“.

Со своето деловно работење „Макпетрол“ има обезбедено доволно средства за набавка на гас, велат од компанијата

И во Народната банка, за сега, нема подетални информации во врска со најавата на Русија за промена на валутата со која ќе се наплатува извезениот гас. На прашањето на Независен како одлуката на Москва ќе може да се спроведува од страна на домашните компании, односно банки од НБ го добивме следниот одговор: 

„Во текот на вчерашниот ден беше објавена веста дека рускиот претседател Владимир Путин им наложил на Централната банка на Русија и Владата на Русија во рок од една недела да подготват платен механизам за наплата на испораките на природен гас во руски рубљи за земјите коишто Русија ги прогласи за „непријателски земји“. На официјалните интернет страници на посочените јавни руски институции до моментов нема официјално соопштение за преземени активности во врска со оваа информација. До Народната банка на Република Северна Македонија не е доставен официјален допис, ниту било какво известување поврзано со оваа објава. Народна банка и натаму внимателно ќе ги следи информациите од официјални извори заради навремено преземање на сите неопходни активности коишто се во нејзина надлежност.

Со Одлуката за начинот на формирање и објавување на курсевите на Народна банка е дефинирано дека Народна банка формира средни курсеви за странските валути коишто се утврдени во Курсната листа. Средните курсеви за странските валути се користат за книговодствено искажување на побарувањата и обврските изразени во странски платежни средства согласно со прописите за сметководствено работење и за потребите на платниот биланс. Согласно точка 4 од Одлуката, средните курсеви за останатите валути од Курсната листа, освен за средниот курс на денарот во однос на еврото, се пресметуваат врз основа на дневните референтни курсеви на еврото со останатите валути, објавени од страна на Европската централна банка. Врз основа на соопштението од Европската централна банка од 2 март, 2022 година дека не е во позиција да го објавува референтниот девизен курс на руската рубља во однос на еврото поради тековно недоволниот обем на тргување и во согласност со Одлуката за начинот на формирање и објавување на курсевите на Народната банка на Република Северна Македонија, Народната банка на Република Северна Македонија информираше дека среден курс на денарот во однос на руската рубља е последно објавен на курсната листа со важност од 2 март, 2022 година.

Среден курс на денарот во однос на руската рубља е последно објавен на курсната листа со важност од 2 март, 2022 година, велат од Народна банка

Во изминатите години, прометот со руската рубља на домашниот девизен пазар беше незначителен, но Народна банка со внимание ги следи состојбите на меѓународните пазари на валути и ги разгледува можностите во случај на евентуална потреба од тргување со оваа валута“, се вели во одговорот на НБ до Независен.

Инаку, одлуката на рускиот претседател Владимир Путин, Русија да прифаќа плаќања само во рубљи за испорака на гас за „непријателските земји“, кои ги вклучуваат сите членки на ЕУ, но и други, меѓу кои и Македонија, предизвика потреси на пазарите на гас, но и на нафтата придонесувајќи за раст на нивните цени.

Така цената на гасот вчера во Европа скокна за околу 20 отсто и надмина 1.350 долари за 1.000 кубни метри, според податоците на лондонската берза ICE.

Путин изјави завчера дека одлучил да воведе сет мерки за пренос на плаќањето за руските испораки на гас до „непријателските земји“ при што даде рок од една недела на Централната банка и на владата за да ја утврдат процедурата за операции за купување рубљи на домашниот пазар за увозниците.

Домашни банкари велат дека засега не може да се коментира одлуката бидејќи не се познати деталите, но велат дека една од можните причини е да се избегне крахот на руската рубља, но и евентуално да се заобиколат санкциите кон руската централна банка.

Тие објаснуваат дека плаќањето во локална валута не е непозната практика. И досега имало случаи кога банките добивале инструкции плаќањето кон компанијата испорачувач на одредена стока или услуга во странство да се изврши во домашната валута, а не во евра или долари. Во таков случај, македонската компанија обезбедува соодветен износ девизи кои нашата банка ги трансферира до странската банка, а таа, пак, врши конверзија во локалната валута и плаќа кон тамошната компанија. Сепак, сите овие детали се определени во договор кој го имаат претходно склучено компаниите меѓу себе.

Веројатно постојните договори беа и причината за реакцијата на Германија, според која ваквото барање на рускиот претседател „значи раскинување на договорот“. Министерот за економија Роберт Хабек на прес-конференција во Берлин рече дека ќе разговара со европските партнери како ќе одговорат на ова барање.

Австриската групација за нафта и гас ОМВ, пак, соопшти дека ќе продолжи да го плаќа рускиот гас во евра, а не во рубљи. Според извршниот директор Алфред Стајн тоа е основата на нивниот договор и не смее да постапува поинаку.

Слични беа и реакциите од Јапонија, која исто така е на листата „непријателски земји“ на Путин. Јапонскиот министер за финансии Шуничи Сузуки рече дека сè уште не е сигурен како Русија ќе го спроведе своето барање за плаќање во рубљи, како и дека ја истражуваат ситуацијата со релевантните министерства бидејќи не разбираат точно која е намерата (на Русија) и како би го направила тоа.

Очигледно, има многу непознати како оваа одлука на официјална Москва ќе се спроведува во практика.

Дури и македонските компании да прифатат да плаќаат во рубљи, испораката на гас може да секне доколку избие „краток спој“ помеѓу Бугарија и Русија, бидејќи гасот во нашата земја доаѓа целосно преку гасоводот кој минува низ Бугарија.

Нафтата не беше спомната во одлуката на Путин, но и доколку дојде до такво нешто, тука состојбата за Македонија е многу поразлична во однос на гасот. Имено, главен снабдувач на домашниот пазар со нафтени деривати е ОКТА, која дериватите ги набавува од матичната компанија во Грција, „Хеленик петролеум“. Од друга страна пак, медиумите деновиве известија дека „Хеленик“ склучил првичен договор за дополнителни испораки на сурова нафта од Саудиска Арабија со цел да обезбеди непречено снабдување на домашниот пазар со гориво, но тоа секако ќе се однесува и на пазарите каде што оваа компанија се јавува како извозник на нафтени деривати.