Како „класифицираните документи“ на АНБ стигнаа во рацете на прислушуваните?

Според ВМРО-ДПМНЕ само тој што дал согласност за специјални мерки може да декласифицира документи, а новинари со нив си прават емисии и објавуваат имиња


 

Кога ќе се тргне настрана фолклорот, од типот „невиден скандал“ и слични оценки, останува пораката дека ВМРО-ДПМНЕ нема намера да ги декласифицира документите врз основа на кои партискиот директор на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски, тврди дека АНБ спроведувала специјални мерки против лидерот на опозицијата и новинари, бизнисмени и други политичари.

Иако од утрово СДСМ двапати ги повика него и ВМРО-ДПМНЕ да го документираат тоа што го зборуваат по силните изјави и прес-конференции околу наводниот скандал, ВМРО-ДПМНЕ јасно порача дека нема намера да оди подалеку од обвинувањата, оставајќи на јавното обвинителство да го расчисти хаосот што веќе неколку дена го создава.

Според нив, само тој што издал наредба да се спроведат мерки има надлежност да донесе одлука да се декласифицираат документите, при што во аферата ги вовлекува не само обвинителот Љупчо Коцевски, туку и Врховниот суд како одговорен за одобрување на такви мерки.

„За документи од примена на мерки за следење на комуникации, АНБ е создавач само на предлог мерка. Наредбите се документ чиј создавач е Врховен суд, декласификација врши само создавачот. Сите документи од предлог, барање, наредби се поврзани и АНБ не одлучува сама. Во државата постојат институции кои треба постапат по овој случај, според процедура. СДС бледо се обидува да ги заштити тие кои незаконски следеле и злоупотребувале“, се переа во едно од последните соопштенија од ВМРО-ДПМНЕ.

Претходно од партијата исто така порачаа дека СДСМ „блефира“ и дека свесно бара нешто што е невозможно да се направи, ако сакаат да постои правна постапка.

„Ваквиот однос само ги јакне сомнежите дека тие стојат зад нарачките за следење и прислушување, бидејќи преку лажни обиди за декласификација сакаат да ги спасат организаторите, пуштајќи ги доказите во јавност. Декласификација на документи се врши исклучиво согласно закон, и тоа во судска постапка, по барање и одлука на надлежните органи. Со оглед на тоа дека за сите информации поврзани со незаконското работење во АНБ е веќе известено Јавното обвинителство, понатамошното постапување останува во нивна надлежност. Прашањето за декласификација на документи може да биде дел само од постапките што се водат од страна на обвинителството и судот, а не од партиска нарачка на СДС“, тврдеа од ВМРО-ДПМНЕ.

Испаѓа дека АНБ нема ама баш никаква надлежност околу аферата освен да поднесе кривични пријави, но може да држи брифинзи со новинари, да води политичка кампања со владејачката партија, да соопштува имиња на наводно прислушувани, да им дава и досиеја од наводните прислушувања, тие со нив да прават емисии на телевизии, бидејќи се „толку тајни“ што мора да ги ослободи од тајноста Врховниот суд. Како не беа тајни пак документите од аферата со прислушување на УБК на Сашо Мијалков туку се вртеа по сите медиуми и зошто испаѓа невозможно да се декласифицираат сега – е друго прашање.

Тоа што, пак, од разни извори стигнуваа различни информации го испровоцира лидер на СДСМ Венко Филипче денес за првпат да го навреди премиерот Христијан Мицкоски и да го нарече „инфантилен“. Со истиот опис излезе и потпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, која ги оцени како контрадикторни изјавите на премиерот и директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски. 

„Мицкоски вели едно, дека наводно бил прислушуван, а директорот на АНБ го демантира и вели друго, дека станува збор за прибирање информации за таргетирани лица. Кој овде лаже?“,
праша таа.

Според неа, не може да се нафрлаат изјави во јавноста без на граѓаните да им се приложат докази. Таа посочи дека овој случај мора целосно да биде достапен за јавноста за да се утврди дали и кој ја злоупотребил функцијата во безбедносните служби.

„Доколку АНБ не го направила тоа, ќе стане јасно дека се работи за уште еден неуспешен обид за манипулација од страна на власта и предизборна злоупотреба. Исто како и во случаите со наводни дестабилизации, со обиди за поткуп од странски компании и низа други измислени приказни што завршија без никакви докази и без разрешница“, потсети Кузеска.

Повод за ваквата реакција е она што го објави „Мкд.мк“, каде извори од Агенцијата за национална безбедност појасниле дека медиумите треба да бидат внимателни при пренесувањето на ваквите информации, затоа што се работи за сензитивен процес за индиции за незаконска работи на една мала група од нивни вработени.

„На пример, во сите овие случаи немало прислушување, туку примена на други посебни мерки. Според нив, Јавното обвинителство треба на крајот да ја донесе конечната одлука врз основа на нивните индиции. Тенденцијата на раководството на АНБ да биде транспарентно и споделувањето на нивните информации треба да биде во изворна форма, без никакви спектакли и претерувања“, појасниле за порталот од Агенцијата.

Инаку, Јавното обвинителството за наводното следење на Мицкоски од страна на АНБ отвори предмет по допрен глас уште пред осум месеци, кога тој за првпат излезе со такво обвинување во јавноста и оттогаш води предистрага од која се уште нема епилог. Практично аферата се пласира по вторпат и се поднесени кривични пријави од Христовски за нешто за што веќе постои предмет и се разгледува, па прозивките кон обвинителот Љупчо Коцевски наликуваат на притисок да одговори на нивните очекувања.

Познавач на состојбите во АНБ од тој период смета дека ако власта не ги декласифицира документите околу наводното прислушување, за кое сега вели дека не е тоа туку аналитичка обработка, тогаш манипулира заради партиски цели околу кампањата или за да создаде терен за одамна најавената намера да ги спои АНБ и АР во една агенција, за што им треба добра причина. Тој посочува и на нијанса во соопштението на ЈО ГОКК каде се споменуваат „посебни истражни мерки“ и „превентивни разузнавачки мерки“, оценувајќи дека со крајот на ерата на Мијалков завршиле и ПИМ мерките во Македонија. Според него, ВМРО-ДПМНЕ веќе се обидува да ја разводни аферата бидејќи афера и нема, односно немало прислушување на Мицкоски и тоа ќе се види од документите што одбиваат да ги декласифицираат.     

Кузеска денеска исто така ја обвини владејачката ВМРО-ДПМНЕ и дека си игра со безбедносниот апарат и го злоупотребува за партиско мешетарење за дневнополитички цели, што, и според неа, е „одлика на инфантилни политичари и популистички партии, со цел да го одвлечат вниманието од реалните проблеми со кои се соочуваат граѓаните“.

„Растечкото незадоволство кај граѓаните поради катастрофалните политики и неисполнетите ветувања е само една од причините зошто ВМРО-ДПМНЕ рециклира потрошени стратегии од времето на Никола Груевски. Но, граѓаните веќе не им веруваат на овие лажни афери и празни приказни“, тврдеше портпаролката на СДСМ.

Само итна декласификација на целокупната документација за случајот со АНБ, според неа, ќе покаже дали се работи за реален безбедносен проблем или за уште една евтина манипулација на власта во обид да се покријат сопствените неуспеси. Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на Фејсбук тврдеше дека  има јасна постапка по која АНБ може да ги обелодени сите информации и документи и дека случајот треба да биде достапен на јавноста за да суди дали и кој ја злоупотребил функцијата во службите за безбедност.

„Доколку АНБ ова не го направи, ќе биде јасно дека ова ќе биде уште еден неуспешен обид за манипулација“, смета и Филипче. 

И поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој исто така бил предмет на обработка на АНБ според тоа што се објавува од Агенцијата, очекува итна декласификација на целата документација за случајот со незаконското прислушување од 2019 до 2024 година.

„Постои постапка согласно која АНБ може да ги обелодени сите информации и сите документи. Вистината мора да биде целосно достапна на јавноста и мора низ една транспарентна, законска постапка да се утврди дали и кој направил злоупотреби и секако да се бара одговорност. Конечно мора да се застане на патот на оние кои злоупотребуваат, а службите да бидат заштитник на уставниот поредок на државата и на граѓаните“, изјави Спасовски.

Тврдењето е дека група од десетина вработени на чело со Виктор Димовски, поранешен директор на АНБ и Јовче Ременски, поранешен висок раководител во Агенцијата, имале задача да откриваат непријателски елементи во државата чија цел била да ја урнат актуелната власт и биле против евроинтеграцијата на Македонија, односно биле против францускиот предлог.

Од ВМРО-ДПМНЕ и денес „бомбардираа“, но не со документи туку со обвинувања. Според нив, заради хајка и политички прогон против ВМРО-ДПМНЕ и претседателот Мицкоски, како и заради замолчување на гласот на новинарите и уцена на бизнисмени во периодот од 2019-2024 година службите за безбедност и разузнавање работеле за СДС, наместо за државата.

„Сознанијата што ги имаме говорат дека претседателот Мицкоски неосновано бил ставен на оперативна обработка од страна на службите под водство на кадри од СДС, со единствена цел за политичка елиминација. АНБ и АР водени од кадрите на СДС како Виктор Димовски, Заре Милошески и Еролд Муслиу ја следеле комуникацијата на претседателот Христијан Мицкоски, неговото движење и неговото делување. Слободата на говорот, на движење и делување се загарантирани со закон и Устав за сите граѓани на Македонија, а ваквиот начин на злоупотреба на виталните безбедносни институции за следење на политичкиот противник се методи кои ја заробуваат државата и се спротивни на сите закони и прописи“, тврдат од ВМРО-ДПМНЕ.

Следењето на личности што можат да ја загрозат безбедноста на државата е дел од описот на обврски на АНБ и за тоа е формирана, а она што беше спорно во времето на ВМРО-ДПМНЕ не е фактот дека имаше прислушување, туку дека беше масовно (на десетици илјади луѓе) и без исполнување на законската процедура – додека сега е сосема спротивно, со барање и одобрување на институциите – факт што го нагласува и ВМРО-ДПМНЕ. Исто така, никаде не стои дека АНБ не може да следи лидери на партија ако ја загрозуваат безбедноста на државата, иако е сензитивно прашање и може грубо да се злоупотребува. Сепак, добар пример дека лидерите не се светци е случајот со Љупчо Палевски од Десна, кој, исто така, проба да се извади на политика околу убиството.     

За ВМРО-ДПМНЕ овој случај сериозно ја нарушува демократијата, но и безбедноста на државата и граѓаните, а ваквите методи се крајно тоталитарни и несвојствени за западните развиени демократии – за што во принцип се во право ако имало такви мерки и ако немало основа да се спроведуваат. 

„Она што ја запрепастува македонската јавност е молкот на Јавното обвинителство, иако сите овие информации ги има во подетална форма поткрепени со факти и докази. Бараме ЈО итно да отвори случај и да бара одговорност раководните лица на институциите во тој период, како и нивните политички наредбодавци во врвот на СДС. Освен одговорност, очекуваме и одговори дали сегашниот главен јавен обвинител, Љупчо Коцевски бил одговорен да го следи издавањето на ПИМ мерките од 2019 до 2024 година? Исто така треба да се одговори, кому и зошто му служеле прислушуваните материјали и дали со добиените информации се тргувало со влијание, се замолчувале новинари и се уценувале бизнисмени?

Со сето ова веќе станува јасно зошто СДС не гласаше за разрешувањето на Коцевски, а можеби и главно обвинителската функција му е награда за сработеното со ПИМ мерките?“, тврдеа денес од ВМРО-ДПМНЕ во овој новокомпониран случај што новинар го оцени како случај со силен политички „електрицитет“. (Н.В.)