Како ќе си замине Катица Јанева?


ФРОСИНА ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ

Пред четири години ја запознавме како наивна обвинителка од Гевгелија, со неумесни изјави. По четири години ќе го напушти шефовското место како обвинителка со неоправдана самодоверба и ароганција, која има уште неколку месеци за да одлучи дали ќе си замине со крената или наведната глава.

Во меѓупериодот, додека истрагите мируваат и судовите чекаат да им почне феријата, единственото лице на Специјалното јавно обвинителство е шефицата Катица Јанева. Таа се појавува на сите настани поврзани со судството и во изјави за медиумите ги објаснува нивните непопуларни одлуки. Другите обвинители остануваат во нејзина сенка, тие се појавуваат на судските рочишта, ги работат своите предмети и не даваат изјави за медиумите, без дозвола на нивната шефица.

Последната изјава на Јанева за „бомбите“ на „Ел Чека“ стана гаф. На прецизното новинарско прашање дали може да гарантира дека овие разговори не излегле од Специјалното јавно обвинителство, Јанева со уште „попрецизен“ одговор, „не можам да гарантирам, уште истражуваме“. Токму оваа изјава предизвика лавина реакции и заклучоци дека со ова Јанева признава дека прислушуваните материјали кои ги предаде тогашниот лидер на опозицијата, Зоран Заев, во СЈО и не се така сигурни. Оваа изјава ја остави отворена можноста дека можеби некој од внатре во СЈО тргува со овие материјали.

Следниот ден СЈО ја дообјаснуваше Јанева. За помалку од 24 часа СЈО гарантираше дека „бомбите“ на „Ел Чека“ не потекнуваат од СЈО и дека прислушуваните материјали таму се безбедни. Овој гаф на обвинителката ја дополни другата изјава на Јанева дека со свој потпис одобрила осомничениот бизнисмен Орце Камчев да се прошета во странство, за да учествува на седница на некаков управен одбор и да се едуцира во странство. Освен на Камчев, Јанева му одобрила времен пасош и на сопственикот на „Пелистерка“, Цветан Панделески.

Со ваквите одлуки, Јанева почна да плива во матни води уште повеќе, што лично таа стои зад овие одлуки, а не обвинителката која го води случајот „Империја“ во кој е осомничен Камчев. Причините поради кои Камчев доби времен пасош не ѝ разјаснија на јавноста како се појави Камчев и доби златен медал заедно со ракометарите на „Вардар“, туку отворија многу сомнежи како е стигнато до тој времен пасош. Лидерот на опозицијата, кој бара смена на Јанева, ја обвини за мафијашко рекетарско работење за да се затскријат истрагите и за нејзина поврзаност со спонзорите на телевизијата во која работи нејзиниот син, но никогаш не обелодени докази за ваквите тврдења.

По ваквите изјави и одлуки, сè поизвесно е дека Јанева нема да биде реизбрана на чело на СЈО, ако оваа институција продолжи да постои. Ако не изјавите, неа можеби ќе ја турне нискиот просек со кој го завршила Правниот факултет, а на кој сега инсистира опозицијата.

Сепак, нејзиното шефување со институцијата покажа, но и не докажа целосно дека правдата е достижна во Македонија. Огромниот дел од процесите што се отворени од СЈО се заглавени во судовите. Кој памети кога почна процесот за насилството во Општина Центар, а нема абер кога тој може да заврши. Сигурно тука вината не е кај СЈО, туку во судовите. Како и во многу други процеси. СЈО можеби требаше да избере друг пристап за да ги придвижи рочиштата, а не сега да изгледа дека тоа е доброволна жртва.

Европската комисија во последниот извештај ја поддржа работата на СЈО, но ни испрати јасна порака дека очекува конечни пресуди и конфискација на имот. Иако нешто замрзна, парите на најголемите богаташи од времето на ВМРО-ДПМНЕ останаа нечепнати. Најбогатиот Македонец уште е главен бизнисмен и СЈО се грижи и за вработените во неговите фирми, а поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, иако против него се водат истраги и има една затворска казна, сè уште не ги вратил парите што требаше да го придвижат бројчаникот.