Како изгледа демократијата на Орбан поради која доби тужба од Брисел?


Европската унија денес  ја даде Унгарија на суд поради нејзиниот контроверзен закон за „национален суверенитет“, тврдејќи дека тој прекршува широк опсег на основни права. За контроверзниот закон Будимпешта вели дека е неопходен за да се заштити „националниот суверенитет“, но невладините организации го осудија како опасна алатка за таргетирање и на крајот замолчување на гласовите на опозицијата.

Како изгледа тоа во реалноста може да се види со едноставен преглед на медиумите во земјата што се наклонети во власта, а кои се полни со плукачки содржини на сметка на Брисел и на опозицијата, при што особено на удар на клевети е опозицискиот лидер Петер Маѓар кому денес му се посветени дури 13 текста само во порталот „Маѓар Немзет“, а сликата се повторува секој ден.

Еве како изгледа демократијата на Орбан кој овде се гледа како лидер кој има храброст да се спротивстави на „диктатот“ од Брисел и е најдобар политички сојузник на ВМРО-ДПМНЕ и нашиот премиер Христијан Мицкоски.

Во многуте божемни скандали што му се препишуваат на Маѓар најактуелен е тој дека во локален ресторан изреагирал гневно кога некој присутен го снимал со мобилен телефон, по што му го зел и го фрлил во Дунав. Заради овој „криминал“ Будимпешта бара да му се одземе политичкиот имунитет во ЕП каде што е европарламентарец и да лежи долгогодишна затворска казна. 

Опозицискиот лидер Маѓар, претходно беше соработник на Орбан. Работел во Министерството за надворешни работи, а потоа и во кабинетот на премиерот во Брисел, пред да се пресели во државната банка и потоа да води агенција за студентски кредити. Тој на крајот се разочара од Фидес поради, како што рече, корупцијата и државната пропаганда на кои сведочел одвнатре. Тој рече дека неговите пратеници ќе се приклучат на Европската народна партија (ЕПП), која ги прекина врските со Орбан, во 2021 година .

Инаку, тужбата, објавена денесет попладне, претставува следен чекор во правната постапка што Комисијата ја започна во февруари и доаѓа како реакција на „незадоволителните“ одговори дадени од Будимпешта.

Одлуката ефективно го пренесува предметот од Брисел во Луксембург, каде што е седиштето на највисокиот суд на ЕУ. Имено, извршната власт не бара од судиите да изречат никакви привремени мерки, како што е привременото суспендирање на законот што го побараа некои граѓански организации. Се очекува пресуда во наредните години.

„По внимателно проценување на одговорот на унгарските власти, Комисијата ги задржува повеќето од идентификуваните поплаки, кои сè уште не се решени“, соопшти Комисијата во четвртокот.

Спорниот акт, одобрен во декември благодарение на поддршката на владејачката партија на Виктор Орбан, ја основа таканаречената Канцеларија за заштита на суверенитет која ќе ги  испитува  луѓето и организациите осомничени за поткопување на „националниот суверенитет“ и „уставниот идентитет“ на земјата.Оваа канцеларија може да собира информации за поединци или групи кои добиваат средства од странство и за кои се смета дека влијаат на демократската дебата и изборните процеси „во интерес на друга држава“ или „странски орган“. Унгарските тајни служби се принудени да и помогнат на канцеларијата, која има право да пристапи до доверливи документи. Откако ќе заврши истрагата, канцеларијата ги објавува своите заклучоци. Законот не предвидува никакви правни мерки за оспорување на наодите.

Орбан, кој често ги критикува своите критичари како агенти платени од Западот, вели дека овој чин е неопходен за да се заштити Унгарија од несоодветно политичко мешање.

Но, широкиот мандат на актот, нејасните дефиниции и недостатокот на судски надзор предизвикаа сериозна загриженост кај граѓанското општество и независните новинари, кои стравуваат дека ќе бидат неправедно засрамени затоа што одбиваат да ја следат политичката догма на Орбан.

Соединетите Американски Држави, исто така, го критикуваа „драконскиот“ закон, велејќи дека „обидот на унгарската влада да ги вознемирува, заплашува и казнува независните организации е во спротивност со принципите на демократско владеење вкоренети во владеењето на правото“.

Дополнителни критики упатија Европскиот парламент, Венецијанската комисија, Амнести интернешнал и унгарскиот Хелсиншки комитет, како и десетици граѓански организации и независни медиуми.

 Во последниве недели, Унгарија беше на удар на критики поради одбивањето да плати казна од 200 милиони евра, заканувајќи им се на мигрантите со автобуси до Белгија и ги олесни работните дозволи за руските и белоруските граѓани.

Орбан треба да се обрати во Европскиот парламент следната недела како дел од шестмесечното претседавање со Советот на ЕУ на Унгарија, кое е под бојкот како одговор на средбата на премиерот со Владимир Путин во јули.