Како имунизацијата да се избори со дезинформациите?

Една од најсилните последици од постоењето погрешни перцепции е тоа што луѓето се скептични и не знаат кому да му веруваат


Имунизација против Ковид-19 и рутинската имунизација на децата се два исклучително значајни процеси поврзани со јавното здравје на населението. Начинот на којшто ќе се одвиваат зависи од група на фактори, вклучувајќи ја и согласноста на граѓаните, прифаќањето на вакцините и довербата во здравствените институции. А начинот на којшто граѓаните ја перципираат имунизацијата е директно поврзан и со комуникацијата што се одвива во јавниот простор, што ги опфаќа и традиционалните медиуми и социјалните мрежи.

Медиумите се важен инструмент во комуникацијата околу подигнувањето на свеста и мотивираноста на луѓето за потребата од имунизација. Во исто време, со сè почестото користење на социјалните мрежи, граѓаните имаат пристап до голем обем на информации во врска со имунизацијата и вакцините, што влијае врз нивните перцепции и ставови. Сепак, комуникацијата преку овие платформи може да доведе и до брзо проширување на дезинформации околу овие прашања.

За таа цел изработена е  анализа која се потпира на длабински полуструктурирани интервјуа со 12 претставници на медиумите, односно со новинари и уредници со долгогодишно искуство во известувањето за теми од областа на здравството, вклучувајќи ја и вакцинацијата. Интервјуата беа спроведени во текот на јули 2022 година. Опфатени се новинари и уредници од различни видови медиуми (радиодифузни, новинска агенција, онлајн портали), коишто известуваат на различни јазици застапени во државата. Дел од медиумите информираат на национално ниво, а дел на регионално и локално ниво.

Д-р Марина Тунева, Билјана Петковска, директорка на МИМ, и д-р Злате Мехмедовиќ, портпарол на КБЗ, на стручното советување во Охрид

Дополнително на интервјуата, на 29 јули 2022 година беше реализирана и фокус – група со претставници на медиумите, професионалните новинарски и медиумски здруженија, како и претставници на здравствените институции.

Наодите треба да се користат и во процесот на подготовка на стратегијата за адресирање на дезинформациите околу процесот на имунизација.

Резултатите од анализата спроведена во јуни 2022 година покажуваат недостиг на доверба во здравствениот систем, а со тоа и во имунизацијата.

На оваа тема, во присуство на медиуми, претставници на Министерството за здравство, портпаролот на КБЗ, д-р Злате Мехмедовиќ и националниот координатор за имунизација, Александра Грозданова,  во Охрид на 15 и 16 октомври се одржа стручно советување  за новинари на тема Дезинформации и недоверба околу вакцинацијата – како да се справиме? како прво од работилниците за медиумите, што Македонскиот институт за
медиуми  (ќе) го организира со поддршка од од УНИЦЕФ.

Здравствените лица недоволно се присутни во медиумите

Се смета дека родителите не добиваат доволно и навремени информации за вакцините и нивната важност.

„Пред да настане кризата, да дојде епидемијата, најверојатно, здравствените власти треба повеќе да реагираат до медиумите. Ако некоја мајка во континуитет пишува дека нејзиното дете има проблем со вакцината, нека се испита тоа, па да се информира јавноста“, велат испитаниците.

Сметаат дека здравствените лица се недоволно присутни во медиумите и недостигаат информации со коишто ќе се образложи дека вакцинацијата е многу значаен пристап, којшто е превентивен, ефикасен и безбеден во намалувањето на последиците од болест што може да се реши на таков начин. Се нотира дека нема сеопфатна кампања за информирање на јавноста.

Се смета дека една од најсилните последици од постоењето погрешни перцепции е тоа што луѓето се скептични и не знаат кому да му веруваат.

„Се случуваше некои родители да ни речат дека после вакцината нивните деца прекинале да зборуваат“. „Кај младите мајки навистина има недоверба кон вакцинацијата. Некои од нив не ги вакцинирале своите деца со ниту една вакцина, а кога ќе ги прашаш зошто упатуваат на групите на Фејсбук, каде што се дискутира за последиците, без какви било научни докази“, се вели во анализата.

Социјалните мрежи и онлајн порталите– најчести извори на дезинформации

Најголем дел од интервјуираните тврдат дека на порталите и социјалните мрежи се пласирале голем обем на дезинформации. „Им се даваше голем простор на антиваксерите, тие си искажуваа свои мислења и образложенија, а не им им беше дадена можност на оние што се залагаат за имунизација да се им спротивстават“.

Редовната имунизација на децата во „сенка“ на Ковид – 19

Пандемијата, оценуваат одредени новинари, во втор план ја става темата околу редовната имунизација на децата од други болести.

„Ако таквите теми не беа иницирани од здравствените установи, со најави дека ќе се врши имунизација, ретко кога доаѓаа на дневен ред“.

Сите испитаници се согласуваат дека медиумите, а особено традиционалните, имаат најголема улога во информирањето за процесот на имунизација.  „Владата плаќаше ПР агенции кои воопшто не ни влегоа во Ковид-центрите. Ние ја вршевме таа работа“.

Исто така, се смета дека медиумите имаат значајна улога и како „факт-чекери“, коишто при својата дневна продукција на вести би им овозможувале на граѓаните да препознаат кои информации се релевантни, а кои не.

Силна е потребата од подобрување на соработката со здравствените власти

Сите интервјуирани новинари реагираат на недоволната комуникација со здравствените власти и упатуваат на јасната потреба од нејзино подобрување. „Недостигот на комуникација создава дезинформации, но и недоверба кон лекарите“. „Отворени се до моментот до кај што им одговара на нив, до моментот кога треба да ги фалиш. Но, со тек на време излегуваат и слабости“. „Транспарентни се во однос на статистиката и бројките континуирано, но не се отворале значајни прашања во јавноста“.

Клучни препораки

• Постои потреба од стратешка комуникација на институциите на здравствениот систем со јавноста и новинарите
• Да се формира посебно тело за редовна комуникација со новинарите или, пак, зајакнување на службата за односи со јавноста во Министерството за здравство, како и зголемување на транспарентноста и проактивноста на сите релевантни актери во системот на имунизација
• Потребна е подобра координираност, меѓуинституционална поврзаност и меѓусекторска соработка во подигнувањето на свесноста и информираноста за потребата од имунизација и во адресирањето на дезинформациите
• Потребна е поголема вклученост на медиумите во едукативни активности за значењето на имунизацијата, но и во разбивањето на митовите и дезинформациите околу вакцините
• Подготовка на прирачник за медиумско известување за имунизацијата

• Подготовка на прирачник за комуникација на здравствените институции со јавноста околу процесот на имунизација и/или прирачник/протокол за комуникација со јавноста во услови на здравствена криза
• Потребна е едукација и градење на капацитетите на новинарите и уредниците.