Како Емилија Перез е исклучена од оскаровската кампања на „Емилија Перез“


Лос Анџелес- „Емилија Перез“ извесно време нижи негативни коментари и контроверзии во пресрет на „Оскарите“, а причините за тоа само се умножуваат.

Филмот на „Нетфликс“, за мексикански картел-водач и гангстер кој си го менува полот за да си ја лажира смртта и потоа живее и „се искупува“ како жена, доби најмногу- 13 номинации за овогодишните „Оскари“, меѓу коишто и за најдобар филм и најдобра женска главна улога. Но, на 30 јануари, новинарката Сара Хаги откри стари „X“-објави од водечката глумица во филмот – Карла Софија Гаскоњ (која до пред неколку години била Хуан Карлос Гаскоњ).

Екипата од филмот „Емилија Перез“ на Златните глобуси 2025

Според многумина, објавите се расистички, исламофобични и ксенофобични. Гаскоњ објави извинување на „Инстаграм“, наведувајќи дека таа „не е расистка“ и оти објавите се извадени од контекст.

Следно, „Холивуд репортер“ објави на 3 февруари дека Гаскоњ веќе нема да лета од Шпанија за САД за настаните на коишто требаше да присуствува, вклучувајќи го и ручекот на „АФИ“-наградите на 6 февруари, презакажаните награди „Избор на критичарите“ на 7 февруари, како и Меѓународниот филмски фестивал во Санта Барбара на 9 февруари.

Од „Нетфликс“, се чини, веќе не сакаат да ѝ обезбедат превоз и сместување за Гаскоњ за кампањата пред „Оскарите“, како што обично прават номинираните.

Гаскоњ во сцена од филмот „Емилија Перез“

Сѐ ова – непосредно пред последниот круг на гласањето за „Оскарите“ којшто почнува на 11 февруари (и трае до 18 февруари).

Во меѓувреме, се нижат и видео-рецензиите на интернет, каде што „Емилија Перез“ се споредува со најлошите мјузикли не само за годинава, туку воопшто, во историјата. И на ИМДБ (IMDb), општата оценка за филмот е 5,7 / 10, што е исклучително ниска оцена.

Многу критики одат и во насока на отсуство на мексикански актерки и актери во филмот, и покрај тоа што приказната се одвива, главно – во Мексико… Се спомнува и лошиот шпански нагласок на некои глумици кои не говорат течно максиканско-шпански, што се смета за навреда кон мексиканската култура и неавтентично прикажување на земјата од францускиот режисер на филмот, Жак Одијар, кој и се извини за тоа.

Во една долга статија, пак, „ГЛААД“ (GLAAD) објасни дека е „длабоко ретроградно“ да се користи трансродовиот идентитет на главниот лик како „начин за искупување“. И други критичари во филмскиот свет се согласуваат со тоа.

Филмот „Емилија Перез“ – и трансродовата глумица која го глуми насловниот лик можеби сè уште важат за фаворити за „Оскар“. Но, ако ги освојат – тоа ќе бидат две од најконтроверзните доделени статуетки во историјата на „Оскарите“, според познавачите.