Како е напишан македонскиот јазик во договорот со Фронтекс?


Изработен на македонски, бугарски, хрватски, чешки…“, стои на 48 страница од договорот со Фронтекс со кој се стави печат во ЕУ не само на употребата на македонскиот јазик, туку и на неговото официјално име.

Подолу стои фразата „Потпишан во Скопје на дваесет и шестиот ден од октомври две илјади и дваесет и втора“ на македонски, а потоа на бугарски и на преостанатите официјални јазици во Европската унија.

Ова е првпат Бугарија и Грција да стават потпис на документ во кој нашиот јазик се именува со официјалното име во Македонија, нешто што изминатите два дена се преставува како нешто очекувано и сосема нормално, од тие што тврдеа со месеци дека јазикот ни е загрозен со францускиот предлог за почнување на преговори со Македонија и дека Бугарија ќе продолжи официјално да го спори и да го условува со вета. 

Иако ваквата бугарска отстапка сега се третира како нешто сосема нормално од страна на Софија, се уште се памети периодот кога екс претседателот на државата, Ѓорѓе Иванов одби да прими извештај на Европската комисија ако во него не стои зборот „македонски“, иако тогаш причина беа грчките спорења. Се памети исто така дека македонскиот јазик од некои странски функционери се именуваше како славомакедонски, а во еден период во упатствата на ЕК до своите службеници  зборот „македонски“ ( а не пак јазикот) беше политички избришан.  

-Никогаш во историјата оваа држава нема потпишано договор  што го одобрува Советот на ЕУ и ја содржи клаузулата на јазикот. Сме имале со Европска инвестициска банка како децентрализирано тело на Унијата или со Европската комисија како извршно тело на Советот, административно, но до 2005 година. Дури и ЕК последен пат јазикот во своите извештаи го спомнува во 2005 и после тоа исчезнува користејќи ја формулацијата   ’државен јазик‘ или ’јазик кој е во службена употреба низ цела држава‘. Нешто како ова 20 проценти во нашиот Устав“, рече денес на прес конференција министерот Бујар Османи.

Дури и во Спогодбата за стабилизација и асоцијација, вели тој, се користи „официјален јазик“.

-Од 2005 година за првпат се појавува во употреба во европската циркулација на договори и документи. Дури и Спогодбата за стабилизација и асоцијација, кој е основниот документи кој ги регулира односите меѓу нас и ЕУ во членот 126 вели дека договорот е склучен на ’официјалните јазици‘ на странките при што секоја од двете верзии е еднакво автентична. Замислете, 2001 година Спогодбата за асоцијација е потпишана со ’официјалните јазици‘, никогаш после тоа… Комисија го употреби чат-пат во неколку наврати, после тоа исчезнува од употреба, за во 2022 година да се врати на голема врата“, рече Османи.

Нема дилема дека Македонија и досега ги потпишуваше договорите на македонски јазик, изјави  Малинка Ристевска Јорданова од Институтот за европска политика за МКД.мк. Но, сепак според неа има разлика.

„Разликата е во именувањето на јазикот. Досега се користеше клаузулата дека договорот е составен на ‘службените јазици на страните’, додека во овој договор таксативно се наведени службените јазици на кои тој е составен и изрично се вели ‘македонски јазик’. Инаку, ова требаше да се случи веднаш по Преспанскиот договор, но тогаш Предлогот на Европската комисија за потпишување статусен договор за Фронтекс од октомври 2018 година го блокира Бугарија. Комисијата поднесе нов предлог во септември 2022 година, откако во Европската Унија беа поднесени декларации за македонскиот јазик, од Бугарија и од Македонија“, вели Ристевска Јорданова.

„Секако дека и досега немаше фусноти, но не се споменуваше експлицитно ‘македонски јазик’, вели Ристевска Јорданова.

Претпоставка, според неа, е дека и досегашните договори биле на ‘чист македонски јазик’, дека биле лекторирани, објавени во Службен весник.

„Бугарија првобитно бараше кај ‘македонски јазик’ да има фуснота ‘во согласност со Уставот на Република Северна Македонија’. Но, во договорот нема фуснота. Сепак постои декларација за македонскиот јазик како дел од рамковната позиција на Бугарија дека македонскиот е само дијалект на бугарскиот јазик. Дали ова прашање повторно ќе го актуализираат, ќе видиме“, вели Ристевска Јорданова.