„Како да ти кажам“ и „Од Бога добро“ : Мурал со Мето Јовановски на ѕидот на Кинотека


Мурал со ликот на актерскиот бард Мето Јованосвки од денска ќе го краси ѕидот на Кинотека во скопската населба Карпош. На муралот кој  е уметничко дело на авторите Евгенија Трајковска и Драган Илиќ, напишани се зборовите „Како да ти кажам“ и „Од Бога добро“. Воедно на промоцијата беше востановена и наградата „Мето Јовановски“ за извонредно актерско достигнување во уметноста на филмот. Македонскиот театарски, филмски и телевизиски глумец Владо Јовановски е првиот лауреат на наградата .

Советот на Фестивалот на медитеранскиот и балканскиот филм „Преку езерото“ и Кинотека на Македонија, кои се организатори на настанот, ги презентира мотивите за овие две посебни меморијални дела направени во чест на еден од најголемите актерски имиња во земјава и Балканот, Мето Јовановски.

„Чест и одговорност е да стоиме под ликот на Мето Јовановски. Да бидеме искрени, среќа е што живеевме со Мето Јовановски, кој не беше само синоним за актерството и за филмот, туку и синоним за Македонија воопшто. Насликани се двете реченици карактеристични за него. Тој велеше: ‘Како да ти кажам’, а кога ќе го прашавме ‘Како си Мето’, одговараше со ‘Од Бога добро’“, рече денес Јани Бојаџи, уметнички директор на Фестивалот на медитерански и балкански филм „Преку езерото.

Македонскиот театарски, филмски и телевизиски глумец Мето Јовановски почина лани на 16 ноември на 77-годишна возраст. 

Повеќе од пет децении беше симбол и легенда на македонското глумиште, кој оствари улоги кои се влезени во македонскиот ген.

Роден е во пехчевското село Панчарево во 1946 година. Студираше Театарска акдемија во Софија и по враќањето во Југославија првиот ангажман му беше во Народниот театар во Штип. Кога неговиот талент и знаење станаа претсесни се префрли во Драмскиот театар во Скопје. Глумеше на многу сцени во Македонија и во некогашна Југославија. Во драмите на Горан Стефановски – „Диво месо“ и „Лет во место“ – беше равенката која ја носеше претставата.

Од другите театарски претстави треба да ги споменеме „Мачка на вжештениот лимен покрив“, „Јане Задрогаз“, „Галеб“, Смртта на Дантон“… а од филмовите „Пред дождот“, „Засега без добар наслов“, „Нечиста крв“, „На пат за Катанга“, „Трето полувреме“…

Двапати е добитник на државната награда „11 октомври“ и на бројни други државни признанија. Добитник е и на државната награда за животно дело „Војдан Чернодрински“. Пет пати бил прогласен за Глумец на годината според списанието „Екран“. Седум пати наградуван на Театарските игри „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Четири пати лауреат на наградата „Милтон Манаки“. 

Мето, актер, професор, колега, но и обичен човек за кој неговите пријатели ќе откријат дека: 

Сакаше да го посетува манастирот Св. Јован Бигорски;

Наизуст ги знаеше евангелијата,  

Беше човек волк самотник, имаше доверба во малкумина,

Ги сакаше своите ќерки,

Ја сакаше својата брада, без неа не се чувствуваше свој, не сакаше да ја избричи, само малку да ја потшиша,

 Сакаше да носи шал, капа, карирани кошули, убави чевли и широки палта и капути,

Омилена му беше виолетовата боја,

Го сакаше цвеќето јоргован,

Му се допаѓаше левиот профил од неговото лице,

Сакаше тишина во ходниците низ театарот, пред почеток на секоја претстава,

Пиеше еспресо и кисела вода,

Не сакаше да дава интервјуа,

Сакаше да патува, со автомобил, сакаше долго да вози,

Велеше дека животот може да се носи во една патна кожена торба,

Ја сакаше македонската традиционална песна. Омилена му беше „Со маки сум се родила“.