Како да доаѓате во касаба: Ужасниот влез во Битола од Прилеп

Темница, пат полн со дупки, без сообраќајна сигнализација, ѓубре и кал од двете страни на тесниот коловоз, „мистериозна“ клучка. Граѓаните се гневни со децении


Вака на некои места изгледа влезот во Битола кога доаѓате од Прилеп (Фото: А Блажевска)

 

БИТОЛА – Можеби е град на конзулите, но кога се влегува во Битола од страната на Прилеп повеќе заликува дека доаѓате во некаква зафрлена турска касаба.

Влезот во градот е толку ужасен што е грдо и за опишување. Граѓаните и стопанственици од регионот со децении наназад бараат модерен булеварски влез во Битола со сите придружни сообраќајни услови, но нема кој да ги слушне во општинските власти во сите години на независноста. Како да не ги интересира како се влегува во толку славениот град и македонскиот архитектонски бисер.

Човек треба да е многу искусен возач за да може да се справи со севкупната ситуација во која се наоѓа патот Прилеп – Битола, а уште повешт за да го „погоди“ влезот на Битола од страната на Прилеп.

Прво, патот е со еден коловоз, нерамен и со толку многу пукнатини во асфалтот што го прави несигурен на дозволената брзина од 100 километри на час. Тоа не е единствениот проблем – нема сообраќајната сигнализација, краевите закопани во кал и песок, другата сигнализација „загубена“ во треви и смет; не се ни гледа до каде е коловозот. Еден мал ужас кој претставува голема опасност за возачите и оние што се во автомобилите

„Независен“ беше на терен, а нашиот искусен возач Љупчо Дојчиновски забележува:

„Цело време колата игра на асфалтот и покрај тоа што има добра амортизација, патот е несигурен, а не знаеш од каде ќе ти излезе трактор, од кое колско патче ќе се вклучи на асфалтот. Секаде во Европската унија прават испитувања колку е безбеден патот врз база на починати лица на таа делница, и тоа е клучната работа поради која вложуваат во патиштата. Овде кај нас за жал, единствено нешто што се прави е да се бројат жртвите. Дозволено е 100 километри на час, а се вози над 120 км на час, што е одговорност на возачот. Патот е двонасочен, се прават лоши проценки при претекнување и при судар последиците се катастрофални“, вели Дојчиновски.

Депонии покрај патот (Фото: А. Блажевска)
Искривена табла за добредојде и земјени приклучоци (Фото: А. Блажевска)

Патот го продолжуваме до клучката каде се разделуваат патиштата: еден кон Битола, друг кон обиколницата над Битола за Охрид, а тука е и патот за Кичево преку Демир Хисар. Несоодветно обележано, уште повеќе неисчистено,  покриено со високи треви и шамаци, ни патот се гледа, ни сообраќајните знаци и таблите. Ова е една од најчудните и најмалку прегледни клучки во цела Македонија. Потребна е многу голема концентрација за да разберете додека возите кој правец каде води.

„Да треба странец да го најде влезот за Битола, за во градот, тешко дека ќе успее, на клучката е толку збунувачко на надвозникот, што ни навигација не ти помага. За Битола треба да завртите десно во круг, а дури при искачувањето е поставен патоказ кој упатува дека десно е Битола и границата со Грција, а лево Кичево. Тука се вртите за 360 степени и тој што не знае ќе зафати накај обиколницата за Охрид или во некое село“, забележува Дојчиновски.

По клучката, државниот пат пред влезот за Битола по ништо не потсетува дека води кон град со над 80.000 граѓани, напротив личи на запустен коловоз и предворје на селска средина. Сликата е уште подраматична ноќе, кога прст пред очи не се гледа и нема улично осветлување до пред влезот кај населбата Стрелиште. Осветлувањето доаѓа од прозорците на околните куќи и толку. Со еден збор кажано влезот на Битола од Прилеп е темнило.

Темница е од клучката до влезот на Битола и првата градска населба. Асфалтот е полош од оној на сообраќајницата за Прилеп, со дупки, необележан, без сигнализација, со земја и вирови од насобрана вода, со неискосени треви, расфрлано ѓубре и наместа диви депонии од градежен шут и отпад на самиот раб од коловозот.

„Влезот на Битола од страна на Скопје делува како влез во град од постсоветска ера. Првиот патоказ е на 2 км од клучката и возачите, кои ја посетуваат Битола се чудат дали можеби го згрешиле патот. Хоризонтална сигнализација не постои, осветлувањето воопшто го нема од излезот на магистралниот пат до Горно Оризари. Патот го користат голем број жители од Пелагонискиот регион и е еден од најфреквентните во државата и во секој случај не прилега на град како Битола, кој заслужува да има репрезентативни влезови“, вели Филип Димитровски, возач од Битола.

Лево и десно од таблата на која Општина Битола ви посакува „Добре дојде“ на само метар до два од коловозот „никнати“ се стотици (диво)градби. Брзината на движење се намалува на 50 до 30 км на час, а на коловозот пешаци се однесуваат како да се на корзо. Преминуваат од едната на другата страна на патот како ќе им текне, пешачки на овој потег нема, а возилата се паркираат покрај работ на коловозот, што сообраќајот го прави уште повеќе небезбеден.  

Непрегледната клучка која ги доведува во забуна возачите (Фото: А. Блажевска)
Да се премине или не улицата кај Горно Оризари (Фото: А. Блажевска)

Целиот потег нема пешачки патеки, па пешаците се движат по работ на сообраќајницата. Малку подолу на патот каде се вклучуваат споредни патишта за околните населби има два пешачки премини, но без семафор, па по долго чекање, чиста среќа е ако возило ви застане да поминете.

„Тука на пешачки не може да се премине, ако не се смилува возачот, пред два дена имавме нова сообраќајка, пред две недели една кола застана, другата зад неа го собра пешакот. Неосветлено, необележано, небезбедно стравуваме за децата, а и за нас возрасните“, вели Ѓорги Николовски жител на Горно Оризари.

Од соседната продавница, вработената вели дека се сведоци на многу трагични ситуации.

„Многу лошо е овде, посебно на пешачкиот, се нижат сообраќајка по сообраќајка, ние сето тоа го гледаме пред наши очи. Никаде нема знак дека има пешачки, а бојата на пешачкиот е избледена и во темницата тешко на луѓето“.

Од СВР Битола потврдуваат дека „сообраќајните незгоди се најчесто во  вечерните часови и тоа на потегот од Кукуречанска крстосница до влезот на Битола каде е неосветлено, коловозот стар и лизгав“.

Бившата локална власт направи проширување и реконструкција на влезот на Битола, но тоа сообраќајно решение е само над населбата Стрелиште, проширувањето на патот тука завршува поради неспроведена експропријација, а проширувањето завршува со агол баш во куќите покрај патот. 

Вирови покрај патот (Фото: А. Блажевска)

Општина Битола најавува комплетна реконструкција на влезот на Битола од страната на Прилеп, до населбата Дулие со реализација за две до три години.  На оваа локација сега се градат два големи трговци центри, германската инвестиција „Лидл“ и  трговскиот центар „Блис“ сопственост на домашни инвеститори. Затоа на Битола ѝ е потребно ново комплетно сообраќајно решение  со оглед на тоа каква сообраќајна фреквенција може да се очекува по  отворањето на маркетот и трговскиот комплекс кој се гради на површина од 20 илјади квадратни метри. 

„Проектот опфаќа 5 фази: атмосферска канализација, водовод, улично осветлување, коловоз во должина од 1,3 километри во вкупна вредност од 82 милиони денари. Исто така, потребно е да се спроведе експропријација во вредност од околу 37 милиони денари и дополнителни активности за проширување на пропустот на Раштански порој во висина од 23 милиони денари. Вкупно сите фази: 180 милиони денари за што нашата општина направи целосна проектна документација“, изјави градоначалникот на Битола Тони Коњановски.

Новиот автопат од Прилеп до Битола и до грчка граница со децении наназад го посакуваат пелагониските стопанственици.  На неодамнешната средба на стопанските комори од Битола и Прилеп, бизнисмените се пожалија дека фирмите бројат загуби, со намален извоз само заради лошите патишта во регионот. За споредба до 1998 година, овој регион  даваше 22 проценти од БДП, со 250 000 тони јаболка, 90.000 тони пченица, 15.000 тони тутун, а сега придонесува само со 13 проценти од БДП.

„За жал 30 години бараме автопат, немаме. Имаме скап транспорт. Има компании кои испорачуваат дневно и по пет шлепери со производи, но не се конкурентни. Инвестицијата во автопат ќе се исплати за пет години со оглед на тоа дека кон овој регион гравитираат 10 милиони граѓани од кај нас, Грција и Албанија. И овој ќе биде многу користен коридор“, рече Мирко Велковски, претседател на Регионалната комора во Битола.

Владата вчера ја усвои информација и го одобри урбанистички проект за автопатот Прилеп – Битола. Направен е проектот за 29 километри, а вкупната должина на делницата е 40 км. За останатиот дел од трасата ќе се прави дополнителен урбанистички проект. На излезот од Битола интензивно се дупчи и се прават геомеханички испитувања. Битолчани и другите граѓани од регионот се надеваат дека заедно со автопатот ќе биде решен и влезот во Битола. За да не изгледа дека од автопат влегувате во касаба. За тоа својата обврска треба да ја завршат општинските власти.