Како Борисов и Радев станаа партнери

Двајцата лути непријатели се зближија поради една цел – да го уништат проектот Продолжуваме со промената на Кирил Петков. А и да го вратат „Гаспром“ во игра во Бугарија


 

Неодамна, бугарскиот претеседател Румен Радев и лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов станаа партнери. Нив ги обедини заеднички интерес и политички калкулации. И двајцата мислат дека би спечалиле политички доколку ја задушат партијата Продолжуваме со промената на поранешниот премиер Кирил Петков.

Пресвртот во позициите е зачудувачки, како што се се зачудувачки и димензиите на политичката драма, пишува бугарската редакција на Дојче веле.

„Додека ГЕРБ беше на власт, имаше студена војна меѓу Борисов и Радев. Претседателот им изгласа доверба на Кирил Петков и Асен Василев како вршители на должност, многумина дури во ПП видоа проект кој е тесно поврзан со шефот на државата. Очекувањата беа дека ќе има плоден мир и завидно разбирање меѓу кабинетот ‘Петков’ и претседателот – некаква бајковита идила. Се веруваше дека синхроничноста ќе се зајакне со заедничкиот императив: ‘отплеткување’ на ГЕРБ. Меѓутоа, се случи нешто друго“, нагласува во колумната аналитичарот Петар Чолаков.

Според текстот, ако се остави настрана отпорот на кадрите лојални на стариот режим во правосудниот систем и немањето уставно мнозинство во собранието, непромислените, избрзани и аматерски потези на самиот Петков, вклучително и апсењето на Борисов, исто така одиграа улога да се стигне до неуспех. Односите меѓу младиот премиер и претседателот брзо почнаа да се заладуваат. „Стана јасно дека Петков нема да дозволи да го водат за нос. Раздорот меѓу претседателот и премиерот започна со надворешната политика: теми како бугарската позиција за членството на Македонија во ЕУ и енергетската диверзификација“, пишува Дојче веле.

Во текстот на Чолаков понатаму се наведува:

„Некој би рекол дека за Радев доминантно се покажа зачувувањето на односите со ‘Гаспром’, поради што во еден момент реши да ја фрли под автобус редовната влада. Четвртата преодна влада поставена од Радев побрза да го заврти тркалото за 180 степени – назад во прегратките на ‘Гаспром’ од каде што Петков се обиде да нѐ откине. Ги оправда сомнежите на евроатлантистите и ги потопи надежите за нови американски танкери со течен гас за Бугарија.

Последно, но не и најмалку важно, кабинетот на Донев тргна да ја спасува државата од ‘хаосот и пропаста’ предизвикани од владата на Петков. Истата реторика – за ‘хаос и пропаст’ – денеска ја користи и ГЕРБ.

Привидно, постои една важна разлика меѓу службената влада, која е канал на политичката визија на Радев, и ГЕРБ.

Во кабинетот на Донев им се допаѓа ‘Гаспром’, кој го дефинираат како неизбежен, во ГЕРБ – не. Напротив, Борисов и неговите сопартијци всушност бараа Петков да одговара кривично што не го потпишал договорот за американските танкери.

Оваа разлика не треба да се преценува. ГЕРБ имаше 12 години да спроведе енергетска диверзификација и да нѐ ослободи од туторството на рускиот гасовод. Наместо тоа, слушнавме само слатки муабети и ветувања, руските проекти се реализираа како приоритет, а гасната врска со Грција беше одолговлекувана.

За седум месеци, кабинетот на Петков направи повеќе за енергетската независност на Бугарија отколку што направи ГЕРБ за повеќе од една деценија. Затоа Демократска Бугарија, која јасно ги декларира своите евроатлантски вредности, ќе покаже голема наивност доколку подлегне на денешните итри и несмасни обиди за додворување на Борисов.

Природно е зближувањето меѓу Радев и Борисов. И двајцата глумат скечеви според претставата за две столчиња: како Бугарија треба да биде и со Брисел, но и да одржува топли односи со Кремљ. Истакнувањето на зависноста од ‘Гаспром’ многу помага да се разбере однесувањето на родните ликови.

Во случај ПП и ДБ да ја предводат следната влада, не би било изненадување ако партнерството меѓу Радев и Борисов се развива и продлабочува во име на борбата против иницијативите на Петков и Василев.

Засега, пак, партнерството меѓу Радев и Борисов е ситуациско и опортунистичко. Не може ни да се зборува за почетоци на траен сојуз. Премногу е да се мисли дека претседателот и лидерот на ГЕРБ ќе станат побратими.

Радев едвај има илузии. Ако по некоја случајност ГЕРБ се врати на власт, во влада во која не е претставен претседателот, повторно заканувачки ќе се мавта со полициската палка.

Обратно е исто така точно. Ако службените кабинети станат норма, а редовните – попрво исклучок, за кој има сериозни индиции за тренд, борбените авиони на Радев повторно ќе го нападнат Борисов со полна сила, особено ако ПП повеќе не се препознава како непосредна опасност за плановите и амбициите на шефот на државата“, пишува Дојче веле.