Како беше уништена демократијата во Хонгконг

Повеќето од продемократските активисти во градот се зад решетки или побегнале во странство, опозициските партии беа спречени да учествуваат на избори, слободните медиуми се замолчени,а новинарите уапсени, синдикатите се распуштени, а спомениците кои будат лоши сеќавања за Пекинг се отстранети.


Голем дел од овие продемократски активисти снимени во јули 2020 година се уапсени (Фото: АП)

 

ХОНГКОНГ – Како што се намалуваа деновите во 2021 година, така се намалуваа и сите преостанати траги на демократија во Хонгконг. Во средата, гласен продемократски медиум — еден од последните отворени критички гласови во градот — беше затворен по полициска рација. Претходно во декември, опозицијата беше исклучена од изборите според новиот закон што ги става сите кандидати на тест за лојалност. И спомениците во чест на протестите на плоштадот Тјенанмен во 1989 година беа симнати.

Во текот на годината, градските власти и централната влада во Пекинг бришеа речиси сѐ за што се залагаше продемократското движење. Активистите побегнаа во странство или се затворени според драконскиот Закон за национална безбедност наметнат на градот пред 18 месеци. Синдикатите и другите независни организации се затворија.

Онаму каде што некогаш во Хонгконг се дозволуваше „отворена опозиција и преиспитување на основните политики и легитимитет на владата, сите значајни политички дебати сега  се одвиваат меѓу тесен круг владини лојалисти“, рече Курт Тонг, партнер во групата „Азија“ и поранешен американски конзул во Хонгконг и Макао.

 

Деновите кога поранешната британска колонија се сметаше за бастион на слободата бледнеат во сеќавањето. Вратен на Кина во 1997 година, Хонгконг претрпе ремонт на својот политички систем и сузбивање на политичкото несогласување. Властите се обидоа да го потиснат антивладиното расположение што доведе до повеќемесечни политички судири во 2019 година.

Најсвеж пример беше рацијата во средата на полицијата во Хонгконг на онлајн продемократскиот медиум за вести Stand News. Седум лица беа уапсени – меѓу нив двајца сегашни и поранешни уредници и четворица поранешни членови на одборот, вклучително и популарната пејачка Дениз Хо – за наводен бунт според уредба од колонијалната ера. Издавачката куќа објави тоа попладне дека ќе ја прекине работата.

Stand News е вториот медиум што се затвора откако стана цел на властите во Хонгконг. Весникот „Епл дејли“ беше затворен претходно во 2021 година, откако властите по вторпат извршија рација во неговите канцеларии и замрзнаа милиони средства.

„Демократијата е под постојан напад повеќе од една година во Хонгконг“, рече Лук де Пулфорд, координатор на Интерпарламентарната алијанса за Кина со седиште во Лондон, група законодавци од демократските земји фокусирани на односите со Кина. „Ниту една демократија не може да функционира без слободен печат. Ако не може да се објават критични информации за администрацијата во Хонгконг или во Кина, тогаш  последните остатоци од демократијата се згаснати“.

Во низа твитови, активистот од Хонгконг, Нејтан Ло, го повика светот да „објавува за Хонгконг и за храбрите новинари кои ризикуваат толку многу. Ло, кој побегна во Лондон по спроведувањето на законот за безбедност, рече дека се плаши од „домино ефект“ што ќе доведе до затворање на други медиуми.

 

Останува малку од продемократското движење во Хонгконг. Повеќе од 100 продемократски фигури и други се уапсени според законот за безбедност, кој ги казнува дејствијата кои се сметаат за сепаратистички или субверзија на владата на Хонгконг или на Кина. Тоа вклучува 47 лица обвинети за субверзија во февруари поради нивните улоги на неофицијалните првични избори одржани во 2020 година за да се одредат најдобрите кандидати за учество на планираните законодавни избори. Властите ги обвинија активистите за субверзија, велејќи дека планираат да освојат мнозинство и да го искористат за да ја парализираат владата и на крајот да ја принудат лидерката на Хонгконг, Кери Лам, да се повлече.

Владата ги одложи изборите во 2020 година, наведувајќи ги како причина ризиците по јавното здравје поради Ковид-19. Потоа, централната влада во Пекинг објави нови изборни закони  со кои се намали процентот на директно избрани места на помалку од една четвртина и бара од сите кандидати да му бидат лојални на Пекинг.

Резултатите беа предвидливи: кога конечно се одржаа изборите, про-Пекинг пратениците извојуваа убедлива победа. Најголемата опозициска партија во градот, Демократската партија, за прв пат од предавањето на Хонгконг во 1997 година, немаше кандидати.

Неколку продемократски синдикати и организации исто така се распуштени оваа година. Најголемиот синдикат на наставници во градот се распадна во август поради политичката клима, а подоцна и најголемиот независен синдикат во градот. Граѓанскиот фронт за човекови права, продемократска група која организираше некои од најголемите протести во 2019 година, исто така се распушти по полициска истрага според законот за национална безбедност. Други про-демократски активисти, исто така, беа уапсени за вмешаност во неовластени протести на одбележувањето на годишнината од настаните на Тјенанмен, а беше забрането бдеењето со свеќи две последователни години. Повеќето од продемократските активисти во градот се зад решетки или побегнале во странство.

Како што се приближуваше крајот на годината, беа отстранети исто така неколку уметнички дела кои го одбележаа масакрот во Тјенанмен. Два дена пред Божик, Универзитетот во Хонгконг се повика на правни ризици за да нареди отстранување на споменикот на Столбот на срамот, кој прикажува куп искинати и искривени тела на жртвите на Тјенанмен. Неколку други универзитети го следеа примерот, отстранувајќи ги продемократските  статуи на Тјенанмен.

Комунистичката партија на Кина долго време се обидува да го избрише Тјенанмен од јавната свест во Кина забранувајќи какви било комеморативни настани. Сега изгледа е решена да го стори истото во Хонгконг во име на враќање на стабилноста во градот.(Еј-Би-Си)