Како беше лоциран нарко-босот Ел Менчо: Детали за убиството на најбараниот човек во Мексико
Мексико сити – Мексиканскиот министер за одбрана, генерал Рикардо Тревиља Трехо, на прес-конференција даде детали за операцијата во неделата во која беше пронајден нарко-босот Немесио Осегуера Сервантес, познат како Ел Менчо. Според него, локацијата била откриена во петокот со помош на доверлив соработник на романтичниот партнер на Ел Менчо, која била однесена на имот во Тапалпа, држава Халиско, објави CNN en Español.

Тревиља Трехо објасни дека операцијата била започната откако добиле клучни информации. „Таа го напуштила имотот на 21 февруари и добивме дојава дека Ел Менчо е сè уште на таа локација, поради што планот за апсење на Осегуера бил спроведен тој ден“, рече министерот.

Властите објавија детали за крвавите судири
На прес-конференцијата претходно денес, мексиканската претседателка Клаудија Шајнбаум и високи владини претставници дадоа информации за безбедносната состојба во земјата по смртта на водачот на нарко-картелот Ел Менча.
Мексиканскиот министер за безбедност и заштита на граѓаните Омар Гарсија Харфух изјави дека 25 припадници на Националната гарда, еден затворски чувар и еден вработен во Канцеларијата на државниот обвинител биле убиени во судирите во државата Халиско вчера. Една жена е исто така убиена, како и „30 криминалци“, рече Харфух.
Според министерот за одбрана, генерал Рикардо Тревиља Трехо, осум членови на CJNG биле убиени за време на воена операција насочена кон заробување на Осегуера. Откако војската започнала копнена операција за негово заробување, избувнал „многу насилен судир“ меѓу членовите на картелот и мексиканските специјални сили.
Генералот Тревиља Трехо изјавил дека поддршката од Соединетите Американски Држави им овозможила на мексиканските власти да ги „демонтираат“ информациските мрежи на Осегуера. Белата куќа претходно објави дека Соединетите Американски Држави обезбедиле разузнавачка поддршка за време на операцијата.
Поради немирите што следеа по смртта на Осегуера, распоредени се 2.500 војници, потврди министерот за одбрана, додавајќи дека „нормалноста е вратена“ по пристигнувањето на војниците.
Претседателката Шајнбаум рече дека во Мексико се одржуваат „мирот, безбедноста и нормалното функционирање“, нагласувајќи дека „најважно во овој момент е да се гарантира мирот и безбедноста за целото население“.

Шајнбаум: Операцијата ја спроведе Мексико, САД само дадоа информации
Мексиканската претседателка Клаудија Шајнбаум потврди дека операцијата што резултираше со смртта на Ел Менчо ја извршиле исклучиво мексиканските сили и дека САД учествувале само со размена на информации, објавува CNN.
„Немаше учество на американските сили, тоа беше размена на информации“, рече Шајнбаум на нејзината редовна утринска прес-конференција. „Целата операција е под надлежност на Министерството за национална одбрана“, додаде таа.
Пофалби за војската и безбедносните сили
Претседателката, исто така, ги пофали вооружените сили за нивните постапки. „Сакам да им оддам посебна почит на Националната одбрана, генералот Рикардо Тревиљо Трехо, мексиканската армија, Националната гарда и воздухопловните сили. Мексико навистина има извонредни вооружени сили“, рече таа.
Таа додаде дека тие се „добро подготвени, професионални мажи и жени со голема визија, голем патриотизам и огромна подготвеност“. Шајнбаум нагласи дека централната цел на нејзината влада е да одржува „мир и безбедност“ за целото население на Мексико.
Насилството доведе до откажување на летови, особено во државата Халиско, а блокади и немири се пријавени во најмалку 16 држави, вклучувајќи ги Пуебла, Керетаро, државата Мексико, Веракруз, Оахака и Чијапас.

