„Кајмак“ со награда на филмската критика на фестивалот во Херцег Нови
Филмот „Кајмак” на Милчо Манчевски, освои Специјално признание на жирито ФЕДЕОРА (Федерација на филмски критичари од Европа и Медитеранот). Наградата беше доделена на вчерашната свеченост при затворањето на меѓународниот Фестивал Херцег Нови Монтенегро. На свеченоста, покрај режисерот Манчевски, присуствуваа и актерите од филмот Александар Микиќ и Ана Стојановска.
„Филмови не се прават за награди, ама вакво признание е потврда за вложениот труд и талент на целата екипа”, изјави режисерот Манчевски.
Деновие се појави нова рецензија за „Кајмак” во американските медиуми. „Муви гурме” вели за овој македонски филм: „Манчевски вградува повеќе значење во Кајмак отколку што би имало во една обична секси лудорија, истражувајќи ги и императивот да се биде родител и еластичните граници на моногамијата… Сите улоги во Кајмак се одлични… Ликовите имаат многу секс – ем радосно откачен, ем грешен до наежување… Филмот е многу смешен, а Манчевски дури и слатко им намигнува на шпагети вестерните на Серџо Леоне“. ( https://www.themoviegourmet.
Во почетокот на септември, „Кајмак“ ќе биде прикажан на уште три фестивали: i-Fest во Калабрија, Италија, каде ќе бидe прикажанa и ретроспектива на опусот на Манчевски, Балкан панорама во Измир, Турција, и „Avant&Una“ во Бихаќ, Босна и Херцеговина.
Во јуни „Кајмак“ ја имаше и данската премиера во Копенхаген.
„Кајмак” е еден од македонските филмови кои имаат најширок пласман во светот. Тој е продаден за редовна дистрибуција во педесетина земји од Европа, Северна Америка, Јужна Америка, Централна Америка, Карибите – од Аргентина, Бразил и Мексико до Грција, Кипар и Холандија, од Јамајка, Аруба, Барбадос до Албанија и Бугарија; од Парагвај и Хаити до Суринам, од Гвајана и Ст. Китс и Невис до Данска… Понатамошниот процес на пласман е во тек.
„Кајмак“ ја имаше светската премиера на фестивалот во Токио (А-категорија), потоа продолжи со фестивалска турнеја во Тајпеј, Португалија, Италија, Бугарија, Србија итн. Филмот беше поздравен со неколкуминутни стоечки овации и бројни написи во локалните медиуми.
Филмот ја освои и Специјалната награда на жирито на „Фантаспорто“ во Португалија, а Сара Климоска беше прогласена за најдобра актерка на фестивалот во Сомбор, Србија.