„Кај Ромите има проблем“: Министерката Јаневска признава дека традицијата е посилна од законот

Основното и средното образование се задолжителни, но министерката Весна Јаневска не знае колку деца не ги посетуваат ваквите училишта


Фото: Б. Богдановска

 

Системот „Безбеден град“ воведен во три градови во Македонија (Скопје, Тетово и Куманово) како и на двата автопата, од под тепих извади еден долгогодишен голем проблем, откако Ромите од Битола, но и други градови излегоа на протести, ги блокираа регионалните патишта со запалени гуми, палети, ѓубре и кажаа дека немаат возачка дозвола, а и да сакаат не можат да полагаат, затоа што немаат ни основно образование.

Зошто се дозволува деца во Македонија (со претпоставка дека најмногу такви се од ромската заедница), да не посетуваат настава, ако се знае дека законска обврска е секое дете да заврши не само основно, туку и средно образование?

За ова ја прашавме министерката за образование и наука Весна Јаневска која признава дека ова е долгогодишен проблем, иако образованието е бесплатно за секое дете во земјава.

„За жал, ова е проблем кој се влече многу години. Требало досега да биде барем делумно решен, а настаните ни покажуваат дека ние имаме сериозни проблеми“, рече Јаневска на денешната прес-конференција за промените во законот за високо образование, прашана колку деца не одат ни во основно ни ви средно училиште.

Вешто го избегна одговорот за бројката на такви деца, а не спомна ниту процент, но се осврна на тоа дека „ние во основното образование имаме одличен опфат на деца, на ученици“ (на што треба да ѝ веруваме на збор, затоа што официјални податоци нема ниту во Министерството за образование кое не води ваква евиденција, а Државниот просветен инспекторат има список само на деца незапишани во прво одделение), но, вели Јаневска „познато е во јавноста дека кај Ромите има проблем“.

„Проблемот кај Ромите е што имаме инклузија и голем дроп аут (термин што се користи користи во образованието за да означи дете или млад човек кој престанал да посетува училиште пред да го заврши задолжителното или планираното образование). Тие на некој начин со помош на медијаторите, на училиштата, со списокот кој го води МВР за родените, па училиштата го добиваат списокот на ученици кои треба да им се запише, во главно и се запишуваат на училиште, но после тоа или не го посетуваат воопшто или извесен период се таму, а потоа излегуваат. Има дополнителен проблем, што во одредени средини и кога има дроп аут тие се водат како редовни ученици – додава Јаневска.

Таа појасни дека огромен процент од ромското население има обичај барем времено да се пресели надвор од земјата, па потоа да се врати. „Вообичаено, така велат информациите, тие деца имаат проблем со нострификацијата на одделението кое го завршиле, воопшто не се пријавуваат или таму каде што биле воопшто не оделе на училиште“.

Министерката потсети дека Министерството за образование ангажира 40 ромски медијатори кои имаат токму таа улога, да ја подигнат свеста во населението, генерално кај родителите, за децата да посетуваат училиште.

Во однос на проблемот со неможноста да се полага за возачка дозвола заради незавршено ниту основно образование, што е еден од условите за полагање, Јаневска вели дека „точно е тоа дека имаме голем број луѓе (и тука нема јасна и прецизна бројка) со надмината возраст кои треба некако да го завршат образованието“.

„Покрај проектите коишто сме ги имале со странски партнери, сега училиштето ‘Макаренко’ овозможува и со надмината возраст преку Центарот за образование на возрасни да стекнат знаење и од основно, но и од средно образование. Бесплатно е – треба само да се пријават таму – тие ги прифаќаат. Јас сум била во посета на училиштето, сум затекнала повозрасни луѓе од двата пола, кои се заинтересирани да го завршат образованието. Програмата е прилагодена, не е таква обемна каква што е во формалното образование. Дозволено е во неформалното и информалното образование да биде прилагодена. Поентата е да опфатиме што е можно поголем број на овие луѓе“, додава Јаневска.

Сепак, министерката тврди дека „се трудиме максимално тоа да го направиме“, но за не а „сосема разбирливо е дека не зависи сѐ од Министерството“. Неодењето на децата во училиште, иако е законска обврска за чие непочитување се определени и казни го оправда со зборовите дека „тука имаме традиционален живот, културолошки навики, стереотипи, со кои треба да бориме и ние се обидуваме преку училиштата и овој предизвик да го надминеме“.

Прашана до кога ќе ја подигаме свеста, ако се знае дека следуваат казни за родителите или старателите ако детето на посетува училиште, Јаневска рече дека законот ќе се спроведува, а свеста ќе ја подигаме до тогаш додека треба.

Не се знае колку деца во Македонија не се запишале во училиште и им е скратено правото на образование, велат медиумски извештаи од 2022 година, каде се тврди дека Министерството за образование нема таква информација. Државниот просветен инспекторат пак, има евиденција само за оние деца што не се запишуваат во прво одделение, но не и за вкупниот број на деца од шест до 18 години кои се надвор од образовниот систем.

Инспекторатот има надлежност да следи кои родители не им овозможиле на децата да посетуваат училиште, а податоците од таму велат дека од 2017 до 2022 година, во судовите се поднесени вкупно 319 пријави за родители за прекршување на законот за задолжително образование.

Во овој контекст интересна е „Анализата од спроведеното истражување за причините за
отсуството од образовниот процес на учениците Роми од Виница и Кочани заради сезонска работа“, спроведена во 2019 година, а која може да ја прочитате на следниот ЛИНК.