Кафулињата во Загреб и во Виена почнаа да наплаќаат дополнително за кафе под греалка


Едно кафуле во Загреб почна да наплаќа седење под греалки, а како што стојат работите, овој рецепт за намалување на трошоците ќе го применуваат многу ресторани.

Кафето со греалка чини 14 куни, а без – 12 куни. Секој гостин во ова загрепско кафуле кој сака да седне на терасата под греалка, покрај сметката за консумација мора да плати дополнителни две куни за греење.

„Мислам дека греалките надвор се луксуз, во зима. Имаме доволно внатрешен простор, ако некој навистина сака да биде надвор, ќе ги вклучиме греалките, но едноставно тој дел од трошокот треба да го префрлиме на крајниот корисник“, изјави Иван Орешковиќ, сопственик на ресторанот.

Сопственикот се одлучил на овој потег поради трипати повисоките сметки за струја, кои пораснале за 200 отсто. Лани еден киловат чинел 55 липи, а годинава една куни и 65 липи.

Дополнителни 5 или 10 евра, им се бараат на гостите во кафеаните во Виена, ако седнат на терасите кои се греат со греалки, пишува Вечерњи лист.

„Ако тоа не ви одговара, можете да влезете во ресторанот, каде што е топло“, им рекла сопственичката на оние гостите кои реагирале, за кои вели дека ги нема многу и дека реакциите на гостите се прилично позитивни. Како и сите други, и многу австриски ресторани „стенкаат“ поради експлозијата на трошоците за струја и гас. Енергетската криза веќе зафати некои од нив во Австрија, а тие ги затвораат локалите.

Ако седнете на мала маса за четворица, тоа чини 5 евра, а за двојно повеќе, 10 евра, пишува таблоидот „Хојте“. Многу гости сега одат само на тераса за да пијат аперитив, а потоа продолжуваат да јадат и пијат во ресторанот, велат угостителите.

„Надвор седите во просек по 30 минути, досега ние го плаќавме тој трошок. Секој греач троши приближно 2 киловати на час, тоа би било два пати по 1,6 што е еднакво на 3,2 куни, а за тоа плаќавме една куна. Разликата ја префрливме на гостите, а главниот дел од трошокот го задржуваме за себе“, објаснува сопственикот.

Ова е единственото кафуле во земјава кое на ценовникот има греалка. Граѓаните се поделени за сѐ, некои се спремни да ги дадат тие две куни ако се задоволни од услугата, но други сметаат дека тоа не е фер.

Како што стојат работите, ваквиот рецепт за намалување на трошоците и опстанок ќе го применуваат многу ресторани, пишува RTL.

Сепак, за некои од нив наплатата за греење е последна опција.

„Не можеме да ги зголемиме цените за да бидеме во чекор со трошоците, а сега тоа мораме да го покриваме на различни начини. Максимално ќе го избегнувам, односно конкретно што се однесува до греалките на терасите, нема да ги наплаќаме, но го разбирам секој мој колега што го применува“, посочува Леонард Топиќ, сопственик на ресторан во Загреб.