Каде го снема Орхан Муртезани, министерот за европски прашања
Го немаше во Брисел во вторникот за време на средбата на премиерот Христијан Мицкоски со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта. Од другата страна на масата, освен премиерот, беше министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски и советникот на Мицкоски за надворешно-политички прашања, Сашо Марковски. Министерот во чија надлежност се европските прашања на Македонија, Орхан Муртезани, го немаше на масата.
Денеска, кога амбасадорот на ЕУ, Михалис Рокас, дојде во владата да му го предаде Извештајот на Европската комисија на премиерот Мицкоски, пак го немаше Муртезани. Покрај премиерот во салата повторно беа министерот Муцунски и советникот Марковски. И таму го немаше Муртезани.
Во политичката јавност веќе се поставува прашањето зошто надлежниот министер за европските интеграции го нема кога се работи за приближувањето на Македонија до ЕУ.
А лани кога Рокас го предаваше извештајот токму Муртезани и амбасадорот држеа прес-конференција за напредокот на Македонија. Тогаш Муртезани рече дека Министерството за европски прашања направило и првична анализа на оценките на ЕК во извештајот и „наједноставната квалификација е дека има напредок, односно благ нагорен тренд“.
Каква анализа направило Министерството за годинашниот извештај на Европската комисија, барем засега, не знаеме ништо. Можеби назадувањето, или робусното стоење во место, е лоша препорака за министерот Муртезани и екипата во министерството. (Н.В.)