Каде е Нурсултан Назарбаев, долгогодишниот лидер на Казахстан

Некои велат дека бидил виден крај Женевското езеро, други дека побегнал во Дубаи, но најверојатно дека силниот човек околу кој се изгради култ на личноста уште е во Казахстан


Аналитичарите велат дека е очигледно оти ерата на Назарбаев е завршена

 

Ова е прашањето кое сѐ повеќе итно го поставуваат разузнавачките служби, мултинационалните компании и повеќето граѓани на Казахстан: каде е Нурсултан Назарбаев?

Водачот на Казахстан од 1991 до 2019 година, Назарбаев долго време беше арбитер на сите деловни и политички одлуки во централноазиската држава и градител на сеопфатен култ на личноста. Во 2019 година, тој избра наследник, Касим-Жомарт Токаев, додека ја задржа власта зад сцената. Главниот град, заедно со неговиот аеродром и главниот универзитет беа преименувани по него.

Но откако на почетокот на овој месец избија најголемите немири од независноста, Назарбаев молчи и отсуствува од очите на јавноста. Досегашните официјални податоци велат дека 225 луѓе загинале во немирите и последователните репресии. Во меѓувреме, човекот кој толку долго го персонифицираше Казахстан едноставно исчезна.

Некои рекоа дека се криел на брегот на Женевското Езеро. Други се сомневаа дека тој побегнал во Дубаи. Некои конспиративно шепнаа дека можеби е мртов. Всушност, според голем број извори, тој останува во Казахстан, веројатно во главниот град Нур-Султан, градот што го носи неговото име.

„Мојата најдобра информација за денес е дека Назарбаев е жив, а во тек се жестоки преговори со Токаев за прераспределба на имотот, пленот и кириите“, рече поранешен западен владин функционер кој е добро поврзан со Казахстан.

Токаев, некогаш лојалист, ја искористи репресијата за да ја одземе власта од неговиот поранешен добротвор и членовите на семејството на Назарбаев, од кои некои се обвинети дека го искористиле расположението на протестите во земјата за да го соборат Токаев и да ја преземат власта.

„Борбата за моќ продолжува. Нема гаранција дека работите ќе завршат мазно“, рече поранешниот западен функционер.

Еден извор, кој тврди дека има директно знаење, инсистираше на тоа дека Назарбаев е во Кина, но Јермухамет Јертисбаев, поранешен министер и советник на Назарбаев, рече дека верува оти неговиот поранешен шеф сѐ уште е во Казахстан. „Преговорите се во тек, но јасно е дека ерата на Назарбаев е завршена“, рече Јертисбаев, а за неодамнешното насилство ги обвини „реакционерните и конзервативни сили од кланот Назарбаев“.

Иако Токаев не го критикуваше поранешниот лидер по име, има знаци дека култот на личноста е завршен. Статуата соборена за време на немирите не е поправена; уличните знаци за авенијата „Назарбаев“ кои беа урнати во Алмати, најголемиот град во земјата, не се повторно поставени.

Властите го уапсија поранешниот шеф на безбедносните служби, лојалистот на Назарбаев, Карим Масимов, под обвинение за обид за преземање на власта. Во саботата беше објавено дека двајца зетови на Назарбаев биле отпуштени од нивните позиции во клучните државни компании. Се знае дека други роднини избегале од земјата.

Многумина во елитата сега брзаат да ја објават својата лојалност кон Токаев, рече еден добро поврзан бизнис извор, додавајќи дека се надеваат оти секоја чистка ќе биде ограничена само на оние во семејството и внатрешниот круг на Назарбаев. „Токаев е разумен човек и знае колку е важен имиџот на земјата. Тој ќе дејствува непречено и внимателно. Тој нема да пука куршуми со митралез, тој прецизно ќе ги одбира луѓето со снајпер“.

По транзицијата во 2019 година, се чинеше дека официјалниот статус на Назарбаев како „Водач на нацијата“ и неговата улога како шеф на моќниот совет за безбедност значеше оти неговата безбедност и почитуваниот статус беа загарантирани. Наместо тоа, сликата за која беа потребни 30 години да се изгради се распадна за неколку дена.

„Многу луѓе се префрлаат од кампот Назарбаев на страната на претседателот Токаев“, рече Јертисбаев, кој изгледаше дека самиот бил ангажиран токму во тој маневар.

„Мислам дека Назарбаев не го гледаше доволно внимателно одличниот филм на Френсис Форд Копола ‘Кум’“, рече Јертисбаев. „Нема сомнеж дека тој е татко и основач на казахстанската независна држава, но тој е жив човек и има свои минуси. А најголема е неговата сентиментална љубов кон семејството и кланот. Мислам дека тоа е неприфатливо за шеф на држава“.

Полицијата апси двајца демонстранти во Алмати (Фото: АП)

 

Спектаклот веројатно ќе се покаже поучен за другите автократи во регионот, особено за белорускиот лидер Александар Лукашенко и рускиот Владимир Путин, за кои се шпекулираше дека ја разгледуваат „опцијата Назарбаев“ како преодно сценарио.

Путин, чиј сегашен мандат истекува во 2024 година, неодамна потпиша закон што ќе му овозможи да остане претседател до 2036 година, но аналитичарите, исто така, промовираа улога на „татко на нацијата“ слична на Назарбаев што ќе му овозможи безбедно и просперитетно пензионирање од првата линија на политиката додека ја задржува крајната контрола. Одеднаш, тоа изгледа помалку сигурна опција.

Путин застана целосно зад Токаев, нудејќи му воена поддршка од сојузот предводен од Русија за да помогне да ја врати контролата. Веројатно е дека оваа поддршка зависи од безбедносната гаранција за Назарбаев. Меѓутоа, Путин ќе ја забележи и брзината со која наводните посветени поддржувачи на Назарбаев го напуштија поранешниот лидер.

„Тоа ќе се користи како аргумент дека не е можна никаква транзиција, освен транзиција од сегашниот претседател кон себе“, рече Екатерина Шулман, политиколог од Москва.

Во Казахстан луѓето чекаат да видат дали Назарбаев некогаш повторно ќе се појави јавно и дали Токаев целосно ќе се одрече од својот претходник, ќе го воскресне култот на личноста или едноставно ќе молчи.

„Имавме многу мали сигнали, но сè уште го чекаме големиот“, рече Вјачеслав Абрамов, главен уредник на веб-страницата за вести vlast.kz. (Гардијан)