Каде е Љутков: Синдикатот на вработените во културата шокирани од наративот на министерката за финансии


„Како Синдикат на сите вработени во културата шокирани сме од наративот на Министерката за финансии, кој во ништо не се разликува од наративот на нејзините претходници. Ваквите паушални изјави за висината на платите во културата, кои ѝ се достапни на Министерката за финансии не се ништо повеќе од обични манипулации, кога сакаат да се нападнат вработените во културата, а дел од останатите вработени во јавниот сектор да се прикажат какао жртви.

Само како пример ќе кажеме 70 000 плата има Кустос со највисоко стручно звање во заштитата – советник и над 25 години работен стаж. Првенци и вработени со највисоко стручно звање во заштитата не се повеќе од 50 во цела култура, велат во соопштение од Синдикатот за култура на Македонија.

Реакцијата на Синдикатот следеше откако министерката Гордана Димитриеска- Кочоска на пресот кажа дека дел од вработените во установите од културата земаат високи плати и дека дел од нив не работат, а ги земаат тие плати.

„Кустос има над 70 000 денари плата. Возач во тие институциите, не во министерството за култура, туку во останатите институции има 35 000 денари плата. Во министерствата не е толкава платата. Актер- првенец – 80 000 денари, актер – трета група- 60 000 ден. Кустосот не се грижи да ги наплати своите приходи и да работи. Ќе ми простите, со исклучок, сигурно има и такви кои што работат. Не ги сврстувам сите во иста група. Но, исто така добив информации дека дел од актерите немаат ниту по една претстава во текот на годината, кажа вчера Гордана Димитриеска- Кочоска, министерка за финансии.

„Во иднина новата влада нека ја погледне висината на минималната потрошувачка кошничка, која во моментов изнесува 60 000 денари и нека ги спроведе ветувањата за пристоен живот и европски стандард на сите.

Маргинализирањето на вработените во културата како небитни во целиот јавен сектор, укажува на непознавање на функционирање на институциите во културата и дали тоа во иднина би довело до негрижа за културното наследство и афирмација на културата во државата и надвор од неа.

Во држава во која над 30 години се вработуваат партиски членови, во држава во која и националната припадност е работно место, држава во која се измислуваат институции, агенции со цел некои да имаат огромни плати, некому му пречи најмалиот, но и тоа како значаен сектор. Нападнат идентитет на држава, нападната култура, се брани токму со култура. Не може да браниме национален идентитет зборувајќи за високи плати во културата. 

Го повикуваме Министерот за култура да застане зад својот сектор во кој до вчера беше дел, да работи на решавање на проблемите во културата и ако постојат поединци, кои според Министерката за финансии не работат и не се грижат да ги наплатат своите приходи, да не дозволи тие да бидат сликата на останатите вработени во културата, се вели во соопштението на СКРМ.