Кадаре ја славеше литературата на Балканот – еве што напиша од Париз за наградата „Прозарт “ во 2020
Смртта на Исмаил Кадаре (1936) во Тирана, најистакнатиот албански и еден од врвните европски писатели, неколку пати номиниран за Нобеловата награда, ја потресе светската книжевна сцена.
Тој ја започнува својата литературна кариера како поет во 1950-тите години. Во шеесеттите, тој ја пренасочува својата креативна енергија кон прозата и многу скоро станува нејзин неоспорен мајстор и најпопуларен албански писател. Во 1992, е награден со Prix mondial Cino Del Duca, а во 2005 ја освојува првата награда на Man Booker International . Неговите дела се преведени на 50 светски јазици. Член е на француската академија, како и на уште неколку други значајни светски институции и асоцијации.
Наградата „Прозарт“, која Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ му ја доделува на истакнат автор за авторски придонес кон развојот на книжевноста на Балканот, во 2020 му припадна на Кадаре за неговиот импозантен повеќедецениски романсиерски и есеистички опус, кој редовно предизвикува највисоки одгласи кај европската и светската критика. Поради пандемијата, лауреатот ја доби наградата, која се состои од статуетка и паричен дел, во неговиот дом во Париз, Франција.
„Со голема чест му ја доделуваме наградата „Прозарт“ на писателот кој ги одбележа втората половина на минатиот век и почетокот на новиот век со провокативноста и компактноста на неговите книжевни остварувањa, стоеше во образложението на одборот за доделување на наградата „Прозарт“ во 2020 година. Одборот на наградата го сочинува: Ермис Лафазановски, претседател, Александар Прокопиев и Дејан Трајкоски, членови.
Кадаре изрази благодарност за признанието.
– Се натажив што нема да можам да ја прифатам поканата на фестивалот за лично да ја примам наградата која љубезно ми ја доделивте, но поради моменталната пандемија, се надевам дека ова писмо на благодарност од далечина е доволно. Се разбира дека ми е особено важно дека наградата „Прозарт“ ја велича литература од Балканот и сум почестен што влегувам во друштво на досегашните лауреати на ова признание. Читателите на моите дела може првично ме сметаат за албански писател, и тоа е прилично разумно. Тие можеби ме сметаат и за автор кој истражува извесни настани во историјата кои не се важни само за балканскиот регион – Шекспир, грчката трагедија, Втората светска војна, аферата Пастернак.
Можеби, сепак, само читателите на Балканот се тие што можат најдобро да проценат како моите дела комуницираат со прашања за регионалниот идентитет – историја, топографија и сл. Можеби, исто така, еден албански читател или кинески читател би почувствувал одредена врска со мојот роман „Концертот“ – кој го истражува, меѓу другото, ненадејното заладување на кинеско-албанските односи – нешто што австралиски или аргентински читател не може да го почувствува така, а истовремено тој албански и кинески читател можеби нема да го паметат периодот во кој се случиле настаните или дури и не биле родени во тоа време. Го кажувам сево ова за да нагласам дека наградата што ја слави литературата на Балканот е особено добредојдено признание од истакнати литературни творци и горд сум што можам да дадам придонес, изјави Кадаре од Париз.
Краткиот роман „Куклата“ со поднаслов „Портрет на мајака ми“ на Исмаил Кадаре, во 2019 година беше преведен на македонски јазик. Најновото романескно дело со автобиографска содржина го преведе Алида Муча.