Јурова: Одблиску ја следиме ситуацијата со словенечката новинска агенција СТА


Потпретседателката на Европската комисија, Вера Јурова, порача дека е запознаена со заканите на словенечките власти да се престане со финансирање на националната новинска агенција СТА и дека во моментов се одвиваат редовни контакти со словенечките власти, таа воедно потсети дека Словенија сѐ полошо е рангирана во однос на слободата на медиумите, јави дописничката на МИА од Брисел.

-Комисијата е запознаена со неодамнешната одлука да се прекине со финансирање на СТА и ја изразив мојата загриженост генерално со состојбата на медиумите во Словенија, тие треба да бидат способни да работат слободно и независно, а јавните медиуми имаат посебна улога, затоа и ги повикуваме земјите членки да не вршат притисок врз нив, рече потпретседателката задолжена за правда во ЕУ.

Јурова меѓутоа мораше да признае дека за сега не е во способност да интервенира во случајот со СТА затоа што законската рамка во оваа ситуација е строго национална.

-Побарав објаснување од властите, од чисто правна гледна точка овој систем е базиран на словенечкото национално законодавство така што следиме од блиску и во случај да видиме прекршување на ЕУ законите ќе преземе мерки од наша страна, рече Јурова.

Владата на премиерот Јанез Јанша најави дека ќе престане со финансирање на национална новинска агенција, СТА. Ова предизвика огромна загриженост во организациите што се занимаваат со слобода на изразување и медиуми.

Европската Комисија исто така неодамна негативно ја оцени ситуацијата со медиумскиот плурализам во Словенија и економските и политички притисоци врз новинарите.