Јуратовиќ: Бундестагот ќе даде зелено светло за отворање на преговори


Германскиот пратеник Јосип Јуратовиќ денеска изјави дека на крајот на септември или почетокот на октомври ќе се одржи седницата на Бундестагот на која на дневен ред би било прашањето за отпочнување преговори со Република Северна Македонија и оти е оптимист дека одлуката ќе биде позитивна. Јуратовиќ, заедно со своите колеги од групата за пријателство беше на средби во Собранието на Република Северна Македонија.

– ЕК веќе даде зелено светло, сега треба и Советот на ЕУ, но помеѓу нив има еден технички процес, нешто што малку се подзаборави и некаде се изгуби, а тоа е дека помеѓу давањето зеленото светло од ЕК и донесувањето на одлука во Советот на ЕУ, на ред се националните парламенти, бидејќи Парламентот е оној кој ја донесува одлуката и е највисокиот државен орган и тој всушност го дава налогот на владата која треба да го изврши. На правата седница тоа не беше ставена на дневен ред, следната ќе биде на крајот на јуни тоа ќе биде по Советот на ЕУ, потоа доаѓаат годишните одмори, на првата седница потоа ќе се дебатира за буџетот, тоа значи дека следната на која што ова би било ставено на дневен ред на Бундестагот е крајот на септември или на почетокот на октомври. Тоа значи дека ова ќе дојде за гласање во Бундестагот наесен и сум убеден дека Бундестагот ќе даде зелено светло за РСМ бидејќи таа тоа го заслужи, рече Јуратовиќ.

Според германскиот пратеник многу е значајно за Северна Македонија и Албанија да започне процесот за пристапни преговори.

-Република Северна Македонија многу вложи, многу постигна во изминатата година, таа е светлото кое што постои во тунелот, таа претставува еден проект на мир бидејќи покажа со соработката и со пронаоѓањето на компромис во решавањето на прашањето со соседните земји дека таа е всушност е еден проект на мир, и дека таа многу демократски се однесуваше во изнаоѓање на решение во спорот за името. Ова зборувам лично и во име на мојата група, но сметам дека тоа е и мислењето на Бундестагот дека РСМ е пример во регионот, и дека треба да биде наградена и да биде пример, рече Јуратовиќ.

Тој додаде дека е свесен оти оваа одлука се донесува петнаест години подоцна, но нагласи дека станува збор за еден процес за започнување пристапни преговори.

-Тоа не значи членство, но тоа е процес кој е многу значаен за демократијата и за развојот на демократсските институции. Јас сум за тоа. Тоа е мојот апел до сите демократи во ЕУ, рече Јуратовиќ.

Пратениците од германскиот Бундестаг денеска имаа средба со претседателот на Собранието Талат Џафери, со пратеничката група за пријателство, како и со претседателот на Комисијата за надворешна политика Антонио Милошоски и Шпреса Хадри од Комисијата за европски прашања.

По средбата Милошоски рече дека истакнале дека датумот за опточнување преговори доцни десет години откако во 2009 година ја добивме првата препорака и оти граѓаните го залужуваат тоа за интеграција во Европа.

-Тоа што сметам дека можеме да го направиме повеќе е да имаме почести контакти помеѓу парламентите, не само меѓу Македонија и Германија, туку Македонија-Франција, Македонија -Холандија, Македонија-Данска…бидејќи во овој сложен политички систем како што е ЕУ, македонските политичари треба да разберат, особено Владата, дека владите не се единствените актери коишто одлучуваат за иднината на ЕУ. Парламентарците и парламентите во Берлин, во Париз, во Хаг, во Копенхаген имаат многу што да кажат за развојот на Европа и за можностите кои Македонија ги заслужува, рече, меѓу другото, Милошоски.