Јункер: ЕУ отворена за разговор, Лондон засега без предлози


Претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер и премиерот на Велика Британија, Борис Џонсон разговараа во Луксембург за тековните преговори за Брегзит и разгледаа идни чекори.

За време на работниот ручек, Јункер повтори дека Велика Британија е должна да изнајде правни и функционални решенија во согласност со Договорот за повлекување.

Тој истакна дека Комисијата е „подготвена и отворена“ да ги разгледа таквите предлози, но додаде дека се уште не биле изнесени од страна на Лондон.

– Европската комисија е подготвена да работи секој ден, цел ден. Состанокот на лидерите на ЕУ во октомври ќе биде значаен чекор во тој процес, а ЕУ останува обединета, рече Јункер.

Европската комисија наведува дека главниот преговарач на ЕУ, Мишел Барние, исто така учествувал во разговорите.

Претседателот на Европската комисија ќе се обрати пред европратениците на пленарна седница во Стразбур в среда, 18 септември.