Јулијана Величковска е добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ на СВП за 2025

Според жирито, „Рајсфершулс“, во издание на ПНВ Публикации, „може да се типизира како постмодерна, експериментална и длабоко феминистичка поезија “


Збирката „Рајсфершулс“ од Јулијана Величковска (1982, Скопје) во издание на ПНВ Публикации, е добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга меѓу два фестивала, објавена на македонски јазик. Одлуката ја донесе жири-комисијата за доделување на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2025 година во состав: Санде Стојчевски (претседател), Зоран Анчевски (член), Иван Џепароски (член), Лулзим Хазири (член) и Иван Антоновски (секретар).

„Големото творечко љубопитство, најверојатно, е мотивот Јулијана Величковска во својата нова книга да се обиде да се изрази преку еден посебен, обично поредок книжевен облик – песни во проза и на тој начин уште еднаш да го актуелизира прашањето за граничните области и форми меѓу жанровите. Авторката, просто, како да не ги пишува своите лирски записи, туку како да ги сложува – како да ги компонира од вообичаени изрази, од потсетување на слушнати разговорни фрази, од наслушнување на прифатливо согласје на лексичките единици, внесувајќи разиграност на еуфониските својства и можности на консонантите и самогласките, извлекувајќи ги сите творбени својства на јазичниот материјал и доаѓајќи до автентичен творечки резултат со гласот на лирскиот субјект. Впрочем, тоа се најавува уште со необичниот наслов „Рајсфершлус“, во којшто, се разбира, ги насетуваме и семантичките значења и плетки, па дури и плодоносните еуфониски хармонизирања, а очигледно, поетесата најмногу игра на убавиот предизвик на возбудлива читателска провокација – оние со љубопитен дух да можат да се вслушаат во ехото на тоа што Величковска го загатнува“, стои во образложението на жири-комисијата.
Величковска наградата им ја посвети на сите жени, чиј глас бил замолчан или стишан и на Драги Михајловси.
„Наградата за мене е поттик да продолжам да работам подобро. Особено многу ми значи што бев меѓу овие петмина за мене прекрасни и драги колеги, поети. Тоа што мене многу ме радува на овој Фестивал е што гледам дека генерациите се доближуваат и се надминуваат разликите, не се доживуваме едни со други како конкуренција, туку како заедница и пријатели“, рече Величковска.

Во најтесен избор, според жири-комисијата, влегоа „Рајсфершлус“ од Јулијана Величковска (Скопје: ПНВ Публикации, 2024) и „Вообразби: лирски етиди за некој друг свет“ од Бранко Цветкоски (Скопје: Макавеј, 2025). Во потесен избор за наградата беа и книгите „Рубедо“ на Андреј Ал-Асади, „Маслина и младост“ на Гордана Михаилова Бошнакоска,и  „На ти со Ерос и Танатос“ на Виолета Танчева-Златева .

Годинава, соопштувањето на наградата „Браќа Миладиновци“ беше најнеизвесно и соопштена по отпочнувањето на 64 издание на СВП, кое ќе трае до 25 август.

Јулијана Величковска е писател, уредник, преведувач и организатор на поетски фестивали. Основач е на издавачката куќа „ПНВ Публикации“ од Скопје, соосновач и директор е на „Скопскиот поетски фестивал“ и програмски директор е на „Поетска ноќ во Велестово“. Член е на Друштвото на писателите на Македонија. Авторка е на стихозбирките: „Рајсфершлус“ (2024), „Отворена книга“ (2017) и „Комарци“ (2010), на романот „Годишни времиња“ (2014) на книгата за деца „Ведра“,…

Величковска дипломирала на катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Таа е членка на организацискиот одбор на поетската манифестација „Поетска ноќ во Велестово“ – Охрид. Член е на Друштвото на писатели на Македонија. Основач е на издавачката куќа ПНВ Публикации од Скопје. Соосновач е на Скопскиот поетски фестивал.Членка е европската поетска мрежа „Версополис“.

Застапена е во неколку антологии на македонската современа поезија издадени во Македонија, во Србија, во Чешка, во Грција, во Италија и во Колумбија, во две антологиии на современата светска поезија, едната издадена во Кина, а другата во Албанија, како и во две антологии на куси раскази, објавени во Македонија. Три нејзини кратки раскази се застапени во антологијата на македонскиот краток расказ, „Џинџуџе во земјата на афионите“ (Темплум, 2022).

Јулијана Величковска има преведено 37 книги од англиски, хрватски, српски, црногорски и руски јазик. Учествувала на бројни поетски читања низ Македонија и Европа.