Југословенската кошаркарска елита се поклони на Лечиќ
Мноштво емоции, навраќање на спомени, згоди и незгоди, анегдоти. Помешани чувства од едно поинакво време навираа денеска од хотелот „Александар Палас“ во Скопје каде македонската кошаркарска легенда, Лазар Лечиќ го прослави 80. роденден. Удостоен беше од голем број на играчки и тренерски великани во браншата со кои беше огромна чест и вистинско задоволство да се биде на исто место.
Душан Ивковиќ, Божидар Маљковиќ, Богдан Тањевиќ, Мирко Новосел, Иво Данеу, Рато Тврдиќ, Дамир Шолман, Никола Плеќаш, Жељко Јерков, Среќко Јариќ, Душан Радосављевиќ, Дејан Томашевиќ, Дино Раѓа, Панајотис Јанакис, Јанко Луковски се само дел од обемниот собир на кошаркари и тренери кои оставија неизбришлива трага меѓу обрачите, но и под нив.
Но, и македонски кошаркарски легенди како Благоја Георгиевски-Буштур, Васил Кафеџиски, Петар Наумоски, Перо Антиќ, Тодор Гечевски. Самото нивно присуството, но и уште на триесетината останати славни имиња на кошаркарскиот спорт во поранешната држава и во независна Македонија се доволен доказ за величината на популарниот „Грк“ каков што прекар носи славеникот.
Секој е приказна за себе, секој е непресушен извор за споделување на интересни моменти сопствената работа и животен пат, но и од заедничката работа и моменти минати со Лечиќ, како тренер, како човек, за неговиот темпераментен карактер. Секој имаше да каже по нешто во куси црти оти требаат тони хартија за пренесување на целокупниот опус на македонската кошаркарска легенда кој вчера навлезе во деветтата деценија од животот.
Лечиќ доби подароци,, доби вино што е возрасно колку него, доби дрес со натпис „Лазар“ на позадината, итн. Највредниот подарок, сепак, беше во салата, лево и десно од него во прославените и истакнати кошаркарски имиња кои делуваа како казнена експедиција на терените во 70-те години од минатиот век. Меѓутоа и во тренери на кои им завидуваше и им завидува светот и ја имаат кошарката во мал прст. Ги имаше од Грција до Словенија, без исклучок, чие одвојување на време за посета на Скопје и меѓусебно дружење е за секаква почит. Останаа заедно и во годините на „лудата“ војна на просторите на поранешна Југославија затоа што, како што рече Васил Тупурковски, сите носат исто презиме – „кошаркари“.
Настанот беше во организација на Македонскиот олимписки комитет (МОК), на Македонската кошаркарска федерација (МКФ), на Агенцијата за млади и спорт (АМС), на екипите на Работнички и на МЗТ Скопје.
Сашко Ѓ. Димовски
Фото: Петр Стојановски