Јубилејниот 55. МТФ „Војдан Чернодрински“ ќе се одржи на почетокот на октомври во Прилеп


Јубилејното 55-то издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ ќе се одржи на почетокот на октомври, официјално одлучи Собранието на Фестивалот на последната седница. Ова јубилејно издание требаше да се одржи лани, во редовниот термин во почетокот на јуни, но пандемијата го одложи за годинава.

Македонските театри треба до 30 август да го пријават учеството со насловот на претставата со која сакаат да настапат. Со претстава по свој избор може да учествуваат сите професионални театри, членови на Собранието. Донесена е одлука во официјалната програма да не се пријавуваат моно и дуодрами.

Со оглед на состојбата со пандемијата и со финансиите, во придружната програма ќе учестваат само дипломските претстави од ФДУ и ЕСРА. Нема да има можност да бидат селектирани претстави кои се од независната продукција, или ад-хок групи, како за во официјалната, така и за придружната програма.

Добитниците на наградата за животно дело ќе бидат познати на почетокот на септември, кога ќе биде објавена и официјалната програма за 55-от МТФ „Војдан Чернодрински“.