„Ју-ту“ ќе добијат почесно членство на британската Академија „Ајвор“


Даблин – Ирскиот рок-состав „Ју-ту“ (U2) ќе ја добие највисокото признание на британската Академија „Ајвор“ – почесно членство, на овогодишното доделување на наградите за филмски композитори и текстописци, објавија организаторите.

Пол Дејвид Хјусон – Боно, Дејвид Хауел Еванс – „Ди Еџ“, Адам Клејтон и Лери Мјулен Помладиот ќе им се придружат на Пол Макартни, Елтон Џон и Кејт Буш кои претходно станаа почесни членови на Академијата. Се работи, инаку, за британско непрофитно професионално здружение на текстописци и композитори.

Нивните стихови се познати по нивната „емоционална автентичност што создаде некои од најмоќните песни во историјата на рокот“, објави Академијата, наведувајќи ги како пример песните „I Will Follow“, „Pride (In The Name of Love)“, „I Still Haven’t Found What I’m Looking for“ и „With or without You“.

Рок-групата „Ју-ту“ е основана 1976 година во Даблин, Ирска. Има продадено повеќе од 175 милиони плочи и добиено бројни мусички признанија признанија, вклучително и четири „Ајвор“ награди. Со овие познати ирски рокери, бројот на почесни членови на Академијата се зголеми на 32 лица. Американскиот рокер Брус Спрингстин лани стана првиот меѓународен композитор кој ја доби оваа висока почест.

Именувани по велшкиот глумец и забавувач од 20. век – Ајвор Новело, наградите првпат беа доделени во 1956 година. Годинашната свеченост на доделувањето ќе се одржи на 22 мај во Лондон.